Украинските власти се обидуваат да го обноват снабдувањето со струја и вода по неодамнешните руски воени напади кои нанесоа огромни штети на инфраструктурата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на милиони луѓе им е вратена електричната енергија, по повеќе денови без неа во земјата погодена од тешката војна.
„Клучната задача сега, како и следните денови од оваа недела, е енергијата“, рече Зеленски во своето редовно ноќно обраќање доцна во петокот кој додаде дека успеале да ја вратат струјата кај 6 од 12 милиони исклучени потрошувачи.
Меѓу останатите реони, вратена е струјата во Херсон по неговото ослободување на почетокот од овој месец од руската окупација, потврди денеска Кирило Тимошенко, заменик-шеф на претседателската администрација на Украина.
Видете и ова: САД гледаат „огромна разлика“ во реакциите на Русија и Украина на наводите за воени злосторства„Прво ја снабдуваме со електрична енергија критичната инфраструктура на градот, а веднаш потоа и потрошувачите во домаќинствата“, напиша тој на Телеграм.
Градот беше без струја, централно греење и вода кога украинските сили го вратија на 11 ноември.
Сепак и тука не е лесно, бидејќи престрелките продолжуваат на истокот, а жителите од Херсон се упатија кон север и запад за да побегнат по смртоносните бомбардирања од руските сили во изминатите денови.
Нападите се сметаат како обид за руска одмазда против опколениот, но пркосен народ на Украина, откако украинските трупи пред повеќе од две недели го ослободија градот кој беше во рацете на Русија речиси од почетокот на инвазијата.
Премиерот Денис Шмихал пак испрати пофалби до работниците кои се дел од енергетскиот сектор.
„Ниту една земја во светот нема такво искуство во ставање во функција на енергетскиот систем по седум бранови ракетни напади“, истакна тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Први критики од Зеленски кон Кличко од почетокот на инвазијата
Сепак, прекините продолжуваат во повеќето региони, вклучувајќи го и Киев, главниот град.
Во ретка јавна расправија, претседателот Зеленски го искритикува градоначалникот на Киев за, како што рече, лошата работа во поставувањето засолништа за итни случаи, за да им помогне на оние без струја и топлина по руските напади.
Украина воспостави илјадници „центри за непобедливост“ каде што луѓето можат да пристапат до топлинска енергија, вода, интернет и телефонска врска.
Сепак Зеленски посочи дека градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко и неговите службеници не направиле доволно и дека е „потребно повеќе работа“.
Претседателот и градоначалникот знаеја одвреме -навреме да се „скараат“ откако Зеленски ја презеде функцијата во 2019 година. Зеленски го обвини Кличко и функционерите околу него за корупција, додека Кличко тврдеше дека функцијата на претседателот го ставила под политички притисок.
Општинската администрација во Киев денеска соопшти дека водоводните врски се обновени низ градот, но дека околу 130.000 жители остануваат без електрична енергија. Притоа беше ветено дека сите услуги ќе бидат обновени во рок од 24 часа.
Украина и гладот
Во меѓувреме, Украинците ја одбележуваат 90-годишнината од почетокот на „Голодомор“, или Големиот глад, во кој загинаа повеќе од 3 милиони луѓе во текот на две години додека советската влада под Јозеф Сталин конфискуваше храна и жито и депортираше многу Украинци.
Германскиот канцелар Олаф Шолц по овој повод повлече паралели со влијанието на војната врз Украина врз светските пазари.Украина инаку е клучен снабдувач на пченица, јачмен, сончогледово масло и други прехранбени производи. Извозот од Украина продолжи со договор со посредство на ОН, но сè уште е далеку од предвоените нивоа, што ги зголеми глобалните цени.
Видете и ова: Последиците од руската суспензија на договорот за жито„Денес, ние сме обединети во изјавата дека гладот никогаш повеќе не смее да се користи како оружје“, рече Шолц во видео пораката.
Тој рече дека бродот на Светската програма за храна е во процес на испорака на украинско жито во Етиопија, а Германија додава уште 10 милиони евра на напорите да помогне во забрзувањето на испораката на жито од Украина.
Киев во саботата го објави започнувањето на меѓународната програма за помош наречена „Жито од Украина“, обид да ја добие поддршката од земјите во Африка и Азија за нејзините обиди да се спротивстави на руската инвазија. Самиот Зеленски беше домаќин на денешниот самит во Киев за да ја промовира иницијативата „Жито од Украина“ за извоз на жито во земјите најранливи на глад и суша.
Зеленски рече дека Киев собрал околу 150 милиони долари од повеќе од 20 земји и Европската унија за извоз на жито во земји како Етиопија, Судан, Јужен Судан, Сомалија и Јемен. Притоа истакна дека иницијативата има цел да покаже дека за Киев глобалната безбедност на храната „не се само празни зборови“.
„Ова ќе биде еден од најголемите придонеси за глобалната стабилност – вистински и многу неопходен чекор“, рече тој.
Руската воена инвазија на Украина почна на 24 февруари. Според украинските истражители, во неа додега се убиени над 8.300 цивили и над 400 деца. Повеќе од 11.000 луѓе се повредени во војната, која трае речиси девет месеци, а милиони остануваат раселени.
Последните руски напади врз инфраструктурата, дополнително ги зголемија стравувањата на Украинците дека им претстои тешка зима.