Украина соопшти дека ги проверува наводите дека Русија можеби користела хемиско оружје во тешките борби во пристанишниот град Мариупол, а Велика Британија предупреди дека ќе има „одговор“ ако информациите се потврдат.
Русија ги отфрли обвинувањата, кои доаѓаат по сериозните предупредувања од западните земји за можна употреба на хемиско или нуклеарно оружје во војната во Украина.
Заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар изјави дека воените власти ги истражуваат наводите дека неодреден број луѓе во Мариупол добиле респираторни и невролошки заболувања по напад со дрон.
„Има теорија дека тоа би можело да биде фосфорна муниција“, рече таа денеска во телевизиско интервју, додавајќи:
„Официјалните информации ќе дојдат подоцна“.
Фосфорот не се смета за хемиско оружје, туку за запаливо оружје, кое предизвикува опасно горење. Технички, не е забрането војските да користат фосфор, иако таргетирањето цивили со какво било оружје е забрането според Женевската конвенција.
Неколку други украински претставници рекоа дека наводите допрва треба да бидат потврдени.
Новинската агенција Интерфакс денеска објави дека проруските сили во регионот негираат употреба на какво било хемиско оружје.
Видете и ова: Петреус за РСЕ: Украина може да ја победи РусијаУкраинскиот претседател Володимир Зеленски вчера издаде генерално предупредување дека властите „со најголема сериозност“ ги сфаќаат растечките стравувања дека Русија може да се сврти кон хемиското оружје.
Овие стравувања се зголемија откако руските сили наидоа на жесток украински отпор по инвазијата која почна на 24 февруари. Во војната досега загинаа илјадници луѓе, и цивили и војници, а милиони луѓе се раселени.
Во изминативе денови, Русија го префрли својот фокус од регионот на Киев кон источниот дел на Украина, каде што се очекува голема офанзива. Илјадници војници, тенкови тешка артилерија се движат кон регионот.
Британскиот заменик министер за одбрана Џејмс Хепи, денеска за Скај њуз изјави дека Лондон исто така се обидува да ги потврди овие наводи.
„Ако воопшти го користеле, тогаш претседателот Путин треба да знае дека сите можни опции се на маса во однос на тоа како би можел западот да одговори“, рече тој
„Има некои работи кои се неприфатливи, а употребата на хемиско оружје ќе добие одговор“, рече тој.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби вчера дека Вашингтон е запознаен со извештаите за можна употреба на хемиско оружје, но не може да ги потврди.
Борбите во Мариупол беснеат со недели, создавајќи хуманитарна криза за илјадници цивили кои сè уште се заглавени во градот.
Овој пристанишен град на Азовското Море се смета за клучна цел на Русија, бидејќи ќе овозможи копнено поврзување меѓу Крим и областите под руска контрола во источна Украина.