Укинувањето на данокот за ИТ секторот е исто како да се воведат субвенции за гориво за возачите на Ламборџини, коментираат дел од граѓаните на социјалните мрежи по најавата на премиерот Димитар Ковачевски дека од наредната година персоналниот данок во ИТ секторот ќе се укине. Други, пак, велат дека информатичарите секогаш може да си заминат во странство за поголеми плати, и ако не им се дадат подобри услови може да останеме без компјутерџии. Трети и онака ги сметаат даноците за кражба од страна на државата па се согласуваат со секое намалување на даноци. Четврти, пак, велат дека никакво намалување на даноци не може да ги задржи во Македонија.
Вработените во информатичкиот сектор сега плаќаат 10 отсто персоналец, исто како и сите други вработени во земјава. Според Државниот завод за статистика, просечната плата во дејноста „Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ е над 74 илјади денари, што е 2,5 пати повисока од просечната плата во државата.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека информатичката индустрија има голем раст и веќе достигнала 1 милијарда евра, со извоз од 250 милиони евра, и оти планот е да се зајакне и да се забрза нејзиниот раст. СДСМ потоа соопшти дека секое ново вработување во овој сектор „обезбедува добро платена позиција, сигурна кариера и развој на младите, со крајна цел развој на економијата и раст на стандардот во земјата“.
Најавата за ослободување од персоналецот за тие со највисоки плати дојде во ист ден кога Економско-социјалниот совет во Владата не успеа да се договори за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари.
Дел од граѓаните коментираат дека младите веќе се стимулирани да учат информатика со тоа што платите во тој сектор се најмалку двојно повисоки од другите индустрии. Дел од нив сметаат дека ова нема да бидат субвенции за компјутерџиите, туку за сопствениците на ИТ компании.
Некои граѓани коментираат дека Македонија произведува доволно информатичари, но други посочуваат дека кога ќе ја земат дипломата одат право на аеродром.
Кога ќе почнат да се иселуваат сите еден по еден, ќе треба комплетно да се укинат даноците за некој воопшто да остане во Македонија, коментираат други.
Трети, пак, посочуваат дека со оглед на услугите што ги нуди државата, и 10 отсто се многу.
Четврти коментираат дека ова е вртење за 180 степени „под рачна“ на политиката на СДСМ, кој дојде на власт со ветување за воведување прогресивен данок, односно оние кои заработуваат повеќе да плаќаат повисок данок.
Владата на СДСМ го воведе прогресивното оданочување во 2019 година, но траеше само една година. Потоа беше сменет тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, а премиерот Зоран Заев рече дека таквата реформа не дала резултати. Пред изборите во 2020 година, СДСМ сепак вети укинување на персоналниот данок во ИТ секторот.
Дополнително, до 2023 година владата предвидува низа стимулативни мерки во ИКТ секторот освен намалување на персоналниот данок, ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата.