Укинати пресуди, повторени судења-случајни или намерни пропусти за бомбастични предмети

илустрација

Укинувањето на пресудата за „организаторите“ на 27 април е последниот во низата случаи за високи функционери кои се вратени на повторено судење. Јавноста е збунета, а Кривичниот суд и скопска Апелација се објаснуваат јавно кој е во право. Адвокатот Тортевски критикува дека има „пропусти“ заради системска грешка во целиот правосуден процес.

Судскиот предмет за организаторите на 27 април или познат како „Собрание“, „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Титаник 2“,„ Тарифа“... Овие се дел од звучните премети кои во изминатата година беа вратени на повторено судење. Во јавноста пресудите за овие предмети се следат со големо внимание бидејќи со нив се опфатени високи поранешни функционери. Оттука се и очекувани сомнежите и дилемите во јавноста по враќањето на предметите на повторено судење.

Последен од низата предмети кој „падна“ на Апелација е тој за организаторите на 27 април, денот кога се случија насилствата во упадот на група граѓани во законодавниот дом. „Неутврдена е фактичката состојба“, „има недостатоци поради кои не може да се испита законитоста“, „пресудата е нејасна“, „неутврдени дејствија на обвинетите“, „недоволно расправање за амнестијата“, се само дел од образложенијата кои ги наведува Апелација за да укаже на Кривичниот суд зошто ја укинала пресудата.

Кривичниот суд (КС) денеска одговори на наведените забелешки од Апелација.

Од КС велат дека доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, Апелациониот суд Скопје, можел веднаш да одлучи, пред се поради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари.

„Мора да се има во предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас. Апелационите судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат Законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок“, се вели во денешното соопштение од Кривичниот суд.

Апелација пак смета дека судовите не смеат да си лоцираат вина еден во друг, а дека на Апелација е да дава напатствија кон првостепениот суд, а не обратно.

„Ставот на Кривичен суд е нивни. Но, против одлуката на Апелација – нема што да се изразува став. Судовите не можат да комуницираат на тој начин, да лоцираат вина еден во друг. Апелација по закон има овластување да донесе пресуда односно решение, да укине пресуда, да даде напатствија, да образложи“, велат од Апелација за медиумите.

Видете и ова: Апелација ја укина пресудата за „организаторите на 27 април“, предметот вратен на повторно судење

Во јули 2021 година Кривичниот суд ги осуди на затворски казни, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски. Поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.

Зошто се враќаат предметите и кој ги прави пропустите?

Адвокатот Александар Тортевски објаснува дека „пропустите“ се резултат на системска грешка во целиот правосуден процес.

„Многу лесно е да се најде причина за укинување, многу често таа и постои, меѓутоа во пракса не секогаш второстепените гледаат и сакаат да видат суштествени повреди во постапката. Имало случаи кога имало драстични повреди, а се направиле дека не виделе или не разбрале. Од друга страна пак многу често има битни повреди и нелогичности во првостепените пресуди и тие најчесто потекнуваат од лошо обвинение. Обвинителството е „лабаво“, бидејќи знае дека првостепениот суд под притисок на јавноста затоа што е предметот бомбастичен ќе помине преку тоа и ќе донесе осудителна пресуда. Е сега и Апелација знае често да помине преку тоа, меѓутоа ако е „измотивиран“ судијата тогаш му доаѓа да шутира пенал, ем да биде добар судија стручно да ја оцени пресудата, а можеби и лично ќе профитира, така што има тука од сѐ по нешто, вели“, вели Тортевски.

На отсуство на судска независност и намалената доверба на јавноста во правосудството укажа и последниот годишен извештај за состојбата со човековите права на Стејт департментот. Во него меѓудругото, се наведува дека „случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“.

Инаку укинувањето на пресудата за организаторите на 27 април доаѓа откако пред пред две недели пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Нивниот предлог не помина.

Ова исто така се случува непосредно пред Парламентот да ја отпочне постапката за изготвување на уставни измени со кои Бугарите би се вметнале во Преамбулата за да продолжат пристапните преговори за ЕУ. Во јавноста веќе се појавија сомнежи за можно повторување на настаните пред гласањето за Преспанскиот договор. Тогаш се случи првата амнестија на осудени за крвавиот четврток, меѓу кои, петмина пратеници.

Видете и ова: Од 94 обвинети од СЈО, зад решетки се Мијалков, Јанкулоска и Талески

Адвокатот Тортевски вели дека искуството покажало оти и политичките пазарења за лична корист или во „име на државните приоритети“ можат да бидат причина за укинување на осудителни пресуди.

„Секако дека има политички пазарења, особено за големите предмети. Судии кои ќе дојдат во Апелација се уценети, се пазарат со власта за да напредуваат во кариерата, им велат: укини ја пресудата па ќе одиш во Врховен и сл. Им објаснуваат дека е сега во интерес на промена на Уставот за напредување кон ЕУ што е недозволено, оти политички нарачани пресуди се всушност пречка за отворање поглавја во ЕУ“, смета Тортевски.

Решението според него се измени во Кривичниот законик според кои кога ќе забележи одредени пропусти Второстепениот суд да мора да ги исправи. На пример ако има контрадикторен сведок, тој да биде повикан на судење, да има расправа во второстепената постапка, да се расчисти спорното прашање, а притоа да нема укинување на предметот.

Покрај дополнителните трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, повторните судења отвараат и можност за застарување на делата. Таков е случајот со предметот „Титаник 2“ во кој е осуден ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, а чие дело застарува на 7 април, што значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности.

Мијалков е на обвинителна клупа уште за „Таргет–Тврдина“ и „Трезор“. За „Таргет-Тврдина“, предметот кој беше отворен за масовното прислушување, има големи шанси да застарат делата за ексдиректорот на УБК додека да се дојде до правосилна пресуда, додека пак за „Трезор“, во тек е повтореното судење во Кривичниот суд, бидејќи Апелација еднаш ја укина осумгодишната затворска казна за Мијалков и побара ново одлучување.