Условна казна од две години доби поранешен директор на една државна институција поради сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Според обвинението, директорот преку подредените во институцијата со која раководел овозможил едно лице да не се појавува на своето работно место поради ангажман и работа во политичка партија. За тоа време, тоа лице добивало плата.
Пријавата за постапката на директорот ја иницирала една од трите вработени која по наредба на нејзиниот директор ставила потпис на решението за плата. Обвинителството пак, ги седна на обвинителна клупа неа и уште две колешки на кој таа им била претпоставена. Сега судскиот процес е завршен, а судот одлучи сите три да ги ослободи од обвинение, проценувајќи дека ОЈО не докажало дека овие обвинети го сториле делото за кое ги товареше.
По три години правна постапка, жените укажувачи денеска се слободни. Среќни се што ја дочекале правдата, но поради стресот и недоволната заштита од надлежните велат дека ќе размислат дали повторно би се нашле во улогата на таканаречените „свиркачи“.
Ова случај е пример за тоа како во пракса се спроведува Законот за заштита на укажувачи и кои се неговите слабости. Слаѓана Тасева, од Транспаренси Интернешнал Македонија вели дека во пракса малку функционира од она што е напишано во законот и укажува на потребата од поефикасна заштита на лицата кои ќе се одважат да пријават корупција, криминал или друга негативна појава во општеството.
„Генерално укажувачите не ја добиваат соодветната заштита. Многу малку граѓаните се упатени во тоа дека можат да побараат и да добијат заштита. Ретки се примерите во кои укажувачите добиле определена заштита односно статус дека се укажувачи меѓутоа не успеале соодветно да се справат со заштитата на правата на тие луѓе. Тие наидуваат на определени проблеми, притисоци, има случаи на дисциплински постапки, разрешувања, замена на работното место, но не се успешни и немаме до крај една завршена ситуација на заштита на правата на укажувач,“ вели Тасева.
Од 1300 институции од јавниот сектор кои треба да воспостават можност или лице кај кое ќе се пријави сомнеж за коруптивно однесување внатре во институцијата, само 13 проценти од институциите го направиле тоа, а сите други не преземале ништо за да можат лицата нешто да пријават. Тасева вели дека постојат многу изговори поради кои тоа не е направено, а најчесто надлежните се повикуваат на немање ресурси или стручен кадар за да го спроведат тоа.
Видете и ова: Обвинителство отвори истрага против градоначалникот на ПетровецЗаконот за заштита на укажувачи беше донесен пред 5 години и истиот досега претрпе две измени. Првата беше во 2018 кога се додефинираше поимот „јавен интерес“ и вториот пат во 2020 година, кога се намалија санкциите во случаите кога институциите нема да назначат лице за прием на пријави од укажувачи.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска оцени дека на Законот за заштита на укажувачи не треба да се гледа само како на алатка во борбата против корупцијата, туку и како механизам кој ќе ја зајакне демократијата, владеењето на правото, конкурентноста и општеството во целина.
„Тоа што се случува во изминатите години, во одредени области е за поздравување, меѓутоа мислам дека има уште многу простор за работа за да ги воспоставиме принципите за тоа што значи добро владеење, што значи општествена одговорност и како сите ние како граѓани треба да се однесуваме“, смета Грковска.
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска неодамна изјави дека на укажувачите и на овластените лица треба да им се обезбеди заштита нè само на работното место, туку по сите ризици, како и да им се обезбеди бесплатна правна помош и финансиска помош и поддршка како награда за направеното дело.
Тасева пак, вели дека и по пет години од донесувањето на законот, сè уште не е доволно подигната свесноста во јавноста за тоа што значи да се биде укажувач и што може тоа да промени во општеството. Бројот на храбри луѓе, како што ги нарекуваат свиркачите, не е доволен, па оттука се уште има потреба од информирање на јавноста. Таа додава дека политичката волја за доследно спроведување на законот останува и натаму дискутабилна. Иако таа декларативно постои, на терен не ги гледаме потребните ефекти.
„Ако реално постои политичка волја тогаш веќе требаше да функционираат местата за пријавување во самите институции, да се проведат обуки итн. Не само да зборуваме, има многу изговори за коишто решенијата се многу лесни“, заклучува Тасева.
Видете и ова: Извештаите на Државната ревизија и Антикорупциска заглавуваат во процедуриКој може да биде свиркач и каде да пријави
Инаку, според законот, свиркач може да биде секој полнолетен граѓанин кој се сомнева во некоја јавна институција односно дека поединци во неа се корумпирани или има докази дека е извршена корупција. Како укажувачи законот предвидува дека може да се јават: вработени, кандидати за вработување, волонтери, практиканти, хонорарци, граѓанин кој користел некоја услуга од институцијата итн.
Предвидени се три нивоа на заштитено пријавување: внатрешно, надворешно и јавно. Јавното, како трета инстанца, подразбира правење на сознанијата и сомнежите јавно достапни ако постои закана за укажувачот, за безбедноста, опасност од штети од големи размери или од уништување на докази. Притоа, се почитува, пресумцијата на невиност.
Внатрешното значи пријавување во самата институција или фирма за која постојат сомнежите за коруптивно однесување и свиркачот тоа го прави усно на записник или писмено кај овластено лице за примање пријави, а онаму каде нема овластено лице кај раководното. Во оваа постапка, оној што ја прима пријавата има обврска да постапува по неа и да ги заштити личните податоци на свиркачот.
Надворешното пријавување се прави во неколку институции. Антикорупциската комисија, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Народниот правобранител. До нив или до некоја друга надлежна институција се врши т.н. заштитено надворешно пријавување. Тоа во пракса претставува втора инстанца која се применува кога свиркачот сака да го пријави раководното лице во некоја институција или кога свиркачот се сомнева дека ако пријави во самата институција нема да се преземе ништо или пријавил, а не е задоволен од исходот.
Стручната јавност порачува дека укажувачите се многу важен елемент во заштитата од сите форми на злоупотреби. Да потсетиме дека со помош на две лица професионалци во својата област во земјата беше откриена најголемата злоупотреба на системот и најголемото непочитување на човековите права и злоупотреба на приватноста.
Ексразузнавачите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски беа „свиркачите“ кои ја открија аферата со масовното незаконско прислушување од страна на УБК во претходната власт. За нив јавноста дозна откако тогашниот претседател на СДСМ Зоран Заев како лидер на опозициската СДСМ на 9 февруари 2015 година одржа прес-конференција на која ги објави првите нелегално прислушувани разговори, односно таканаречените „бомби“, како дел од проектот кој партијата го нарече „Вистината за Македонија.“