50 убиени новинари, две третини во земји кои не се во војна

извештај на Репортери без граници

Вкупно 50 новинари беа убиени ширум светот во 2020 година, се наведува во најновиот извештај на Репортери без граници. Бројот на убиени новинари расте во земји кои не се во војна.

Новинарите биле убиени во врска со нивната работа од 1 јануари до 15 декември годинава, а бројот е сличен како и лани кога беа убиени 53 новинари, иако помалку беа на терен поради пандемијата на ковид-19.

Повеќе новинари биле убиени во земјите кои не се во војна. Во 2016 година, 58 насто од жртвите во медиумите се случиле во воени зони. Сега само 32 насто од жртвите се во земји зафатени со војни како Сирија или Јемен или во земји со конфликти со слаб или среден интензитет како Авганистан и Ирак.

За една недела осудени четворица соработници на РСЕ од Белорусија

Со други зборови, 68 проценти од жртвите се во земји „во мир“, пред сè во Мексико - осум убиени новинари, Индија - четворица, Филипини – тројца и Хондурас - тројца.

Видете и ова: Кинеска новинарка осудена на 4 години затвор за известување од Вухан

Годинава од сите убиени новинари во врска со нивната работа, 84 насто биле намерно убиени, во споредба со 63 проценти лани.

Некои биле убиени на особено варварски начин. Во Мексико, Хулио Валдивија Родригез, репортер за дневниот весник „Ел Мундо“, беше пронајден обезглавен во источната држава Вера Круз, додека Виктор Фернандо Алварез Чавез, уредникот на локалната веб-страница за вести „Пунто х Пунто Нотицијас“, бил распарчен во Акапулко.

Во Индија, Ракеш Синг, репортер за весникот „Растрија Сваруп“, беше изгорен жив во декември во неговиот дом во северната држава Утар Прадеш од страна на луѓе испратени од локален службеник чија коруптивна практика ја критикуваа, додека Исравел Мозес, телевизиски репортер во југоисточната држава Тамил Наду, бил убиен со мачети.

Во Иран Рухола Зам, уредникот на веб-страницата Амадниуз, беше обесен откако е осуден на смрт. Иако егзекуциите се вообичаени во Иран, тоа беше првпат по 30 години новинар да биде подложен на оваа архаична и варварска практика.

Бројот на напади врз новинари тројно зголемен

Како и во минатото, најопасните стории се истраги за случаи на локална корупција или злоупотреба на јавни средства - 10 убиени новинари во 2020 година или истраги за активности на организиран криминал - четворица убиени. Седуммина новинари годинава беа убиени додека известуваа за протести.

Видете и ова: „Репортери без граници“ со осуда за приведувањето новинари во Иран

Во Ирак, тројца новинари беа убиени на ист начин: со истрел во главата од неидентификувани лица додека известуваа за протестите. Четвртиот бил убиен во ирачкиот регион северен Курдистан додека се обидувал да избега од судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите.

Во Авганистан, декември беше обележан со егзекуцијата на Малала Мајванд, новинарка и претставник на Центарот за заштита на авганистански жени-новинарки во источниот град Џалалабад. Таа беше жртва на убиство во стилот на егзекуција кога таа и нејзиниот возач беа застрелани од вооружени лица во близина нејзиниот дом.

Мохамад Алијас Даје, новинар во делот на радиото Азади на паштунски јазик, авганистанскиот огранок на Радио Слободна Европа исто така беше убиен од бомба поставена под неговиот автомобил во југозападниот град Лашкаргах во ноември.

Во последно време во Авганистан се зголеми насилството врз новинарите и медиумите, иако можеше да се очекува да не биде така како резултат на мировните разговори меѓу талибанците и авганистанската влада. Други тројца новинари беа убиени од експлозии автомобил-бомби.

Ковид-19 како изговор за сузбивање на слободата на интернет

Во претходниот годишен извештај за новинари приведени, држени како заложници или исчезнати во оваа година што го издаде Репортери без граници е наведено дека во моментов 387 новинари се притворени во врска со нивната работа. Ова е буквално исто како и пред една година и значи дека бројот на притворени новинари ширум светот е сè уште на историски високо ниво.

Во 2020 година, исто така, е забележано зголемување од 35% на бројот на жени новинари кои произволно биле притворени и четирикратно зголемување на апсењата на новинари во текот на првите три месеци на ковид-19. Четиринаесет новинари кои беа уапсени во врска со нивното известување за пандемијата сè уште се наоѓаат во притвор.

Видете и ова: ИФЈ: Годинава убиени 42 новинари и медиумски работници

Како и остатокот од светската популација, новинарите не беа поштедени од пандемијата. Стотици починале од вирусот низ целиот свет. Најмалку тројца новинари починале како резултат на недоволно лекување откако веројатно биле заразени со вирусот во затвор.

Еден од нив е Александар Толмачев, кој почина на возраст од 65 години во руска казнена колонија на 9 ноември, еден месец пред да ја заврши деветгодишната казна. Тој беше уапсен во 2011 година во врска со неговото известување за локалната корупција. Според неговата вдовица, тој бил во многу лоша здравствена состојба како резултат на екстремно тешките услови во казнената колонија и малтретирањето на кое бил подложен.