Турската лира пропаѓа. Какво е влијанието?

Турските граѓани брзаат да ги претворат своите заштеди во странски валути и злато за да се заштитат од зголемената инфлација

Турската лира изгуби околу 40 насто од својата вредност од почетокот на годината, со што стана една од валутите со најлоши резултати во светот. Претседателот Реџеп Таип Ердоган продолжува со критикуваните напори за намалување на каматните стапки и покрај зголемените потрошувачки цени.

Што се случува?

Турската Централна банка од септември досега ги намали трошоците за задолжување за 4 процентни поени, во согласност со желбите на претседателот Реџеп Таип Ердоган, иако инфлацијата достигна над 21 насто.

Ердоган, кој е на власт околу 19 години и станува сѐ поавторитарен, долго време тврди дека високите каматни стапки предизвикуваат инфлација, спротивно на она што генерално го велат економистите: дека зголемувањето на стапките ќе ги намали цените.

ЕУ: Турција со мрачни шанси за членство

Намалувањето на каматните стапки ја зголеми загриженоста за независноста на Централната банка, додека неконвенционалната монетарна политика на земјата ги исплаши странските инвеститори.

Во меѓувреме, турските граѓани брзаат да ги претворат своите заштеди во странски валути и злато за да се заштитат од зголемената инфлација.

Видете и ова: Спречен обид за напад врз Ердоган

„Луѓето ги носат своите заштеди и сакаат да купат долари. Тие се во паника“, вели Хулја Орак, работничка во менувачница. Како резултат на тоа, турската лира, која едвај закрепна од валутната криза во 2018 година, ослабе во однос на доларот и еврото.

Таа падна на рекордно ниско ниво од 13,44 во однос на американската валута на 23 ноември, откако Ердоган инсистираше на тоа дека нема да има враќање назад од неговата неконвенционална политика.

Во минатиот вторник, лирата повторно падна на историски минимум од 14 во однос на доларот, откако Ердоган повтори дека намалувањата ќе продолжат и поради знаците дека Федералните резерви на САД ќе ги заострат кредитите за потрошувачите и бизнисите како што расте инфлацијата.


Лирата малку закрепна откако Централната банка на Турција објави дека интервенира на девизниот пазар за да ја запре нестабилноста.

Како се одразува врз секојдневието?

Со оглед на тоа што инфлацијата е над 21 насто цените на основните производи се зголемија и многу луѓе во оваа земја со над 83 милиони жители се мачат да врзат крај со крај.

Независна група за истражување на инфлацијата, составена од академици и поранешни владини функционери, ја става стапката на инфлација на неверојатни 58 насто.

Турската лира падна на рекордно ниско ниво поради пандемијата

Опозициските партии во Турција долго време изразуваат скептицизам во врска со официјалните бројки за инфлацијата и ја доведуваат во прашање независноста на Турскиот статистички институт.

Девалвираната лира ги зголемува цените, поскапувајќи ги увезените стоки и горивото. Во меѓувреме, кириите вртоглаво пораснаа, а цените за продажба на домови, главно врзани за доларот, се зголемуваат.

Видете и ова: Турската лира ослабе за 10 отсто во однос на доларот

„Порано купував 10 леба, сега купувам пет. Се откажавме од обидот да купуваме месо“, вели еден купувач. Во трговскиот центар кој продава стоки со попуст во Анкара, Емине Џенгизер вели дека сакала да и купи на ќерката тинејџерка зимско палто, но заминала со празни раце. „Ако го купам палтото, нема да имаме што да јадеме до крајот на неделата“, вели таа.

Селва Демиралп, професорка по економија на Универзитетот Коч во Истанбул, вели дека е загрижена за можниот одлив на мозоци. „Кога вашиот јаз во платите помеѓу она што можете да го заработите во Турција наспроти она што можете да го заработите во странство се зголемува толку многу, ќе ни биде многу тешко да ги задржиме тие високообразовани луѓе дома. И тоа е тоа е голема закана за иднината на земјата“, рече таа.

Која е економската политика на Ердоган?

Турскиот претседател се залага за ниски трошоци за задолжување за да се стимулира економијата, да се поттикне растот и извозот и да се отворат работни места. Тој вети дека ќе го прекине циклусот на економијата зависна од краткорочни „жешки пари“ привлечени од високите каматни стапки.

Економистите велат дека зголемувањето на трошоците за задолжување ја ублажува инфлацијата, која расте низ целиот свет додека економијата закрепнува од пандемијата на коронавирус, но е особено акутна во Турција поради неортодоксните политики на владата.

Ердоган и Бајден ќе формираат механизам за подобрување на врските

Побожен муслиман, чија религија смета дека лихварството е грев, Ердоган ги опиша каматните стапки како „мајка и татко на секое зло“. Тој отпушти тројца гувернери на Централната банка кои се спротивставија на намалувањето на стапките.

Во натамошното раздвижување, Ердоган во минатата недела назначи нов министер за финансии кој се смета дека го поддржува притисокот за ниски стапки на задолжување, што доведе до благ пад на лирата.

Видете и ова: Ердоган се закани со протерување на амбасадорите од западните земји

„Со новиот економски модел ја туркаме политиката на привлекување пари со високи каматни стапки. Ние го поддржуваме производството и извозот со ниски камати“, рече Ердоган.

Турскиот лидер ги обвини странските сили за падот на валутата, оценувајќи дека тие се наклонети да ја уништат турската економија. Затоа, тој рече дека неговата влада ќе води „економска војна за независност“.

Демиралп оценува дека владата го прави спротивното од она што вообичаено се прави за да ги намали цените. „Централната банка тврди дека со намалување на каматните стапки, тие ќе ги задржат инфлаторните притисоци. Пазарите не ја купуваат оваа приказна. Турција е фокусирана врз растот на економијата наместо врз контролата на инфлацијата“, рече Демиралп, додавајќи:

„Но, мислам дека дури и растот е многу сомнителен во овој момент, бидејќи ќе видите поголема контракција како резултат на паниката и неизвесноста и ескалацијата на трошоците што доаѓаат од оваа криза“.

Какво политичко влијание ќе има врз Ердоган?

Неговите први години на власт беа обележани со силна економија што му помогна да победи на неколку избори. Неодамна, зголемените потрошувачки цени и наштетија на неговата популарност, при што анкетите укажуваат на вознемиреност поради неговата економска политика дури и меѓу поддржувачите.

Полицијата се судри со демонстранти во Истанбул, најмалку 100 лица се уапсени

Минатата недела, полицијата разби мали демонстрации што избувнаа во Истанбул и неколку други турски градови од групи кои протестираа поради високите трошоци за живот. Приведени беа десетици луѓе.

Сојузот на опозициските партии кои формираа блок против владејачката партија на Ердоган добива поддршка во анкетите. Членовите на опозициската коалиција бараат предвремени избори и го обвинуваат Ердоган за „предавство“ поради лошото управување со економијата.

Ердоган одби да распише предвремени избори, инсистирајќи на тоа дека гласањето ќе се одржи како што е закажано во 2023 година. Тој изјави дека Владата работи на програми со кои ќе се отворат 50.000 нови работни места и ќе се зголеми минималната плата. „Се подготвуваме да преземеме чекор по чекор за да ги утешиме граѓаните чија куповна моќ е намалена“, рече Ердоган.