Периодите од мај до јули и септември-октомври отсекогаш биле најповолни за туристичките водичи, зошто судејќи според искуствата, токму тие месеци главниот град е најпосетен од странски туристи. Спомен куќата на мајка Тереза, споменикот на Александар Македонски, Камениот мост кој води кон старата скопска чаршија, скопското Кале, Матка, се само дел од знаменитостите кои се вклопуваат во приказната за старото и модерно Скопје.
Ако лани летово улицата Македонија која води до централниот плоштад во Скопје беше полна со странски туристи од Србија, Бугарија, Словенија, Полска, Германија, па и од далечните Јапонија, Кина и јужна Кореја, годинава сликата е многу поразлична. Скоро и да нема туристи кои со своите фотоапарати создаваат спомени пред знаменитостите на главниот град. Пандемијата со ковид 19 со која се бориме веќе пет месеци ги спречи туристите да дојдат во земјава, а туристичките водичи и придружници ги остави без работа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Бранко Босилков е туристички водич веќе 34 години. Во својата животна кариера поминал многу предизвици, војни, ембарга, затворени граници. Но пандемијата со корона вирусот ја доживува како најголем удар за егзистенцијата на неговата професија.
„Дефинитивно пандемијата предизвика најголем застој. Сум работел и во времето на распадот на Југославија , границите не функционираа на север, пак не се осети таков песимизам како сега. Значи тотално запирање и еден страв за иднината. Ова не изгледа дека брзо ќе заврши и дефинитивно ќе се рефлектира и дефинитивно ќе се рефлектира на работата на туристичките водичи, вели Босилков, кој е и претседател на Здружението на туристички водичи во земјава.
Покрај знаменитостите на Скопје кој е секогаш еден од приоритетите на агендата на странски туристи, Босилков вели дека во зависност од карактерот на програмата и видот на туризам кој го преферираат туристите, странците ги сакаат и Охрид, Битола, Крушево, Берово, Стоби и др. градови ширум земјава. Околу 970 туристички водичи во земјава летово нема да можат да им ги покажуваат овие бисери на гостите од надвор. Босилков вели дека во последно време се повеќе му се јавуваат колеги, наместо заинтересирани туристи.
„Телефонот ѕвони, но не од туристи, ѕвони од колеги кои прашуваат што и како ќе правиме. Туристички групи речиси и да немаше до пред 2 недели апсолутна нула. Но еве последната недела една полска група го скрши мразот, храбро дојдоа на неколку дена низ Македонија. Пред малку и една унгарска група беше, се надеваме иако прогнозите не ни даваат многу простор за оптимизам“, вели Босилков.
Туристичките работници во кои влегуваат и туристичките водичи, сега чекаат спас од државата. Преку протест бараат поддршка за ситуацијата во која се најдоа, зошто како што велат, во секоја држава туристичките водичи се карактеризирани како општествено полезна дејност.
„Единствено кај нас, на некој начин тоа прашање беше игнорирано. Барањата се...ние не сакаме нешто нереално, туку врз база на пријавени приходи за минатата година барем 50 проценти да биде дадено како поддршка оваа година или сме подготвени да седнеме и разговараме со министерствата за економија и министерството за финансии. Начелно беше обезбедена согласност дека ќе бидеме опфатени со мерките, за на крај УЈПО да каже вие не сте регистрирани како дејност за да ве опфатиме и не одбија“, вели Босилков.
Видете и ова: Туристичкиот сектор бара обештетување за да ја преживее годината
Денешниот протест на туристичките работници, според организаторите е со цел повторно да се напомене дека цели пет месеци се без никакви примања и без никаква можност за одржување на секторите (туризам и превозници), како и дека доколку државата не помогне, ќе бидат принудени во наредните денови да стават клуч.
„Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5.000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава“, апелираат организаторите на протестот.
Туристичките работници во два наврата реагираа и укажуваа на големината на проблемот со кој се соочуваат. Освен што побараа поддршка од државата, предложија и конкретни мерки за надминување или барем ублажување на ситуацијата.
И додека бројот на заболени од ковид 19 во земјава не стивнува, бројот на туристи опаѓа. Последните статистички податоци покажуваат дека бројот на туристите во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, е намален за 99.2 %, а бројот на ноќевањата е намален за 97.6 %.
Бројот на домашните туристи во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, е исто така намален за 97.8 %. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, е намален за 96.7 %.
Во периодот јануари ‒ мај 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 63.2 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 58.2 %, а кај странските има намалување за 65.6 %. Во периодот јануари ‒ мај 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 62.3 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 56.0 %, а кај странските има намалување за 66.0 %.