Половина од туристичките ваучери се неискористени

Преспанско езеро

Пред истекот на рокот за туристичките ваучери, граѓаните искористиле само половина од доделените ваучери, со што во туристичкиот сектор како владина помош легнале 4,2 милиони евра. Дел од туристичките работодавци бараат од Владата дополнителни мерки за пребродување на економската криза.

Речиси една половина од туристичките ваучери кои беа дел од владината економска помош поради пандемијата, досега се искористени, покажуваат податоците од Министерството за економија. Граѓаните преку платформата на министерството подигнале 100 289 ваучени од кои само 42 992 се реализирани во туристичките капацитети, велат оттаму. Тоа значи дека од речиси 10 милиони евра планирани за оваа цел, до денеска се реализирани вкупно 4,2 милиони евра. Туристичките ваучери беа со вредност од 100 евра наменети за граѓани со минимални примања до 15 илјади денари. Со нив граѓаните најмногу летувале во Охридско – струшкиот регион, односно 40 проценти од искористените ваучери се реализирани во тој крај. Потоа 35 проценти од останатите ваучери биле искористени сезонава во Дојран, Преспа, Куманово, Струмица, Битола и Крушево. Додека 25 проценти биле потрошени во планинските туристички дестинации како Маврово, Попова Шапка, Берово и Пелистер.

Видете и ова: На плажа или на планина, летово „остануваме дома“

На првите две места од топ пет туристистички капацитети каде што граѓаните ги инкасирале туристичките ваучери се струшките хотели Дрим и Изгрев. Третото место го зазема комплексот Лебедово Езеро во Ново Село, а по него е струшкиот хотел Београд. А петто место го доби комлексот „Етно Село“ Тимчевски во Старо Нагоричане.

Преставници на Стопанската комора за туризам велат дека се уште не се запознаени со податоците за искористеноста на ваучерите. Дел од членките на комората се незадоволни од тоа како е реализирана оваа мерка на владата за помош на туристичкиот сектор во време на пандемија, затоа што во првите месеци од мерката не биле директно вклучени туристичките агенции. Комерцијалниот менаџер на туристичката агенција „Савана“ Стефан Пешевски кој е дел од комората вели дека мерката има една фалинка, а тоа е не вклучувањето на агенциите од почетокот на реализацијата на мерката за туристичкиот сектор.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Туристичките водичи никој не ги бара

„ Инаку сметаме дека како најзагрозен сектор од туристичката дејност каде се агенциите, кои работат исклучиво во посредување во услугите, дека мерката требаше да биде од почетокот ваучерите да се користат преку туристичките агенции, по што ќе одеа во сместувачките капацитети, и со тоа ќе се помогнеше во добар дел од нашиот сектор, немаше да се случи тоа што сега го трпиме. Најголем дел од нашите колеги имаат од 95 до 98 проценти опаѓање на прометот во однос на минатата година“ вели Пешевски.

Видете и ова: Домашните туристи само ја ублажија штетата во туризмот

Рокот за искористување на туристичките ваучери завршува на 15 декември.

Туристичките работици бараат тој да биде продолжен и за зимската сезона. Дополнително стопанската комора за туризам до Владата достави барање за нов сет мерки за нив, затоа што досегашните мерки не се во можност да ги искористат.

„До сега сме искористиле само 9 илјади денари нето за месеците април, мај и јуни, тоа е единствена помош што сме ја добиле. Имаме нов проблем во однос на новите мерки е условот за да добиеме помош за октомври, ноември и декември е да имаме ист број на вработени со месец август, тоа голем дел не можат да го исполнат. Нелогичноста е што во нашиот сектор имаме сезонски вработувања, односно вработувања во текот на летото, тоа е во агенции и хотели и превозници кои согласно зголемениот обврт на работа ангажираме одреден број на луѓе. Сега од УЈП не одбиваат поради тоа и не можеме да добиеме помош“ вели Пешевски.

Тој објаснува дека дел од туристичките работодавци се незадоволни од владините мерки затоа што, како што вели, тие се недоречени и нивното спроведување има одредени пропусти поради кои не можат да ги користат сите.

Бројот на туристи намален за над 70 отсто

Во периодот јануари ‒ септември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60.4 %. Годинава има за 20 проценти помалку домашни туристи од лани и 83 проценти помалку странски туристи во однос на истиот период минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е намален за 63.9 %, а бројот на ноќевањата е намален за 57.5 %. Бројот на домашните туристи во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е зголемен за 33.7 %, а бројот на странските туристи е намален за 92.3 %.

Во најавата на министерството на почетокот на летото беше наведено дека во промет ќе бидат пуштени 117 туристички ваучери со кои ќе треба да им се помогне на луѓето до туристичкиот сектор но и на ранливите социјални групи на граѓани кои имаат минимални промања, да ја поминат летната сезона. Граѓаните можеа да летуваат во хотели, вили и апартмани, под услов сместувачките капацитети да бидат регистрирани на платформата на министерството за економија.