Трнлив пат до автопат

Вицепремиерот Артан Груби на седница на Влада на договорот за изградба на коридорите 8 и 10Д.

Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали. Но и покрај сомнежите од медиумите и од опозицијата за компаниите избрани за надзор, Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.

Владата напладне на 8 март го потпиште договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од Коридорите 8 и 10.

За изградба на 108 километри пат, во рок од 57 месеци, Владата треба да одвои 1,3 милијарди евра. За годинава веќе се одвоени 244 милиони евра. Сумата од над милијарда евра е само за изградба на патиштата, во овие пари не е пресметана експропријацијата на имотите што ќе ги зафати трасата. За таа цел се предвидени уште 300 милиони евра. Одземањето на имотот се уште не е почнато, ниту пак е почнато со проектирање, тоа ќе се правело дел по дел, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

„Од денеска одма ќе се ангажираат проектантски фирми. Кога работевме како досега со готов проект, па после реализација, ги имавме сите овие проблеми со градење на автопатишта и затоа од Кичево до Охрид изградбата ни трае 10 години“, вели Рустеми.

Властите не се поколебаа по низата пишувања во медиумите и обвинувања од опозицијата, дека фирми дел од конзорциумот избран да врши надзор на изградбата биле вмешани во скандали и за еден човек има и отворена истрага во Ерменија.

„Сè било според закон и транспарентно“, тврдат властите. А ако некој има сомнежи да ги пријави во Јавно обвинителство.

„Кај нас главна тема е дали некој, некаде во друга држава имал кривична пријава, па ако има кривична пријава, веднаш да му се поднесе и тука кривична пријава и нека го провери обвинителството“, рече на 8 март премиерот Димитар Ковачевски.

За изградба на автопатите беше заобиколен Законот за јавни набавки, и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“. На вториот тендер, пак, победи конзорциум што се доведува во врска со корупциско - дипломатски скандал.

Договорот со конзорциумот што треба да го врши надзорот на градбата се топ тема во последната недела. Порталот „Призма“ поврза дел од фирмите од конзорциумот, кој го доби тендерот за надзор, со корупциско -дипломатски скандал. А опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со денови го повикува Јавното обвинителство да отвори предмет за тендерот со кој е избрана фирмата за надзор. Од партијата обвинуваат за местење на тендерот.

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е на чело на Комитетот за преговори за изградба на овие автопатишта, го оценува проектот како историски и апелира да не се етикетираат фирмите во конзорциумот кој треба да врши надзор.

Тој претходно на својот официјален Фејсбук профил се пофали дека се „финализирани завршните процедури на најголемиот и најважен инфраструктурен проект во историјата на државата!


Спорни фирми за надзор

На 2 февруари 2023 Владата соопшти дека е потпишан договор со фирмата ИРД инженеринг, која треба да врши надзор на изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10.

Конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“ беше избран за консултант и надзор на автопатите на тендер во декември минатата година. За вршење на надзорот ќе добијат 22 милиони евра.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и директорот на „IRD Engeineering“, Паоло Орсини потпишаа договор за надзор над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10 на 2 февруари 2023. Стојат: Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, вицепремиерот Артан Груби, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски


Еден месец по потпишувањето на договорот, порталот Призма објави дека фирма која е дел од конзорциумот е вмешана во корупциски и дипломатски скандал во Ерменија.

Според Призма, дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“ е и фирма во која удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага од ерменското обвинителство поради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати. Според Ерменското обвинителство, Димитријевиќ работел како тим лидер за француско-шпанскиот конзорциум Савеж-Ептиса. Во Ерменија го обвинуваат дека сторил измама од голем обем, за што не требало да ја напушта државата, но тој тоа не го почитувал, туку со помош на неколку луѓе, од кои двајца македонски дипломати, бега од Ерменија.

Во Македонија, пак, фирмата на која Димитријевиќ е еден од сопствениците е Евро консалтинг ДОО, која како и фирмата за која работел во Ерменија, шпанската Ептиса, се дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“.

Преставникот на подружницата на ИРД инженеринг во Македонија, Дарко Спировски вели дека кога тие потпишале договор со Евро консалтинг, Бранислав Димитриевиќ не бил во сопственичката структура.

Покрај ИРД инженеринг, Ептиса и Евро консалтинг, во конзорциумот е и Електра солушн на Андон Ампов. Призма пишува дека потписникот на „Електра солушн“, Андон Ампов е син на Сотир Ампов, сопственик на Институтот за патишта од Велес, формиран како мала фирма со скромен паричен влог во 2021.

Токму Институтот за патишта од Велес, заедно со хрватскиот институт ИГХ го добија и првиот тендер за надзор кој беше поништен.

Таа Ептиса не е Ептиса

Името на фирмата Ептиса се спомнува и во владини одлуки. Владата на седница на 24 ноември 2020 донела одлука со која на сите државни институции и општини им се забранува да ја ангажираат компанијата „Ептиса“ на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Бељаковце. Два и пол месеци подоцна, на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии е известено дека Владата ја укинала одлуката за Ептиса донесена на 24 ноември 2020 година.

Документ од владина седница одржана на 9 февруари 2021.

Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, вели дека ништо не е потпишано со „Ептиса“, туку е потпишано со „ИРД“, а Ептиса била „слипинг партнер“ во конзорциумот.

„Ептиса веќе има сменето сопственост целосно и не е таа „Ептиса“ од 2020 година за која зборуваме и оваа информација, за жал, ја нема опозицијата и сега го руши кредибилитетот на некоја огромна компанија. За оваа „Ептиса“ немало забрана од Владата“ вели Груби.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за местен тендер

ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференции изнесува детали за тендерот, за кој велат дека е местен и се сомневаат дека се направени нерегуларности. Од партијата во опозиција, бараат Јавното обвинителство да истражи зошто шпанската фирма Ептиса, првин била санкционирана од Владата, а потоа била помилувана. Од партијата наведуваат и дека бил менуван огласот за избор на надзор и од него било избришан условот само фирми со позитивни биланси да може да се пријават, па така, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се јавила и Ептиса, која е фирма загубар. А власта направила уште една промена во огласот, односно го продолжила уште за осум дена.

ВМРО-ДПМНЕ понатаму наведува и дека уште една фирма од конзорциумот, Електра Солушнс, добива лиценца за надзор во тек на постапката за избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д.

Шпанската фирма „Ептиса“, во соопштение насловено како „официјален демант“, ги осудува, како што наведуваат, „невистинитите, неточните и навредливите информации“, но не прецизираат што е невистинито. Од „Призма“, пак, бараат од шпанската фирма да наведе што конкретно е неточно во новинарското истражување или во спротивно ќе сметаат дека „Официјалниот демант“ е суптилна закана кон истражувачкиот тим новинари. Потоа Ептиса испрати уште една реакција, во која го демантираа ерменското обвинителство. Од фирмата велат дека Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“ на ниту една позиција.

Руска врска во првиот тендер за надзор

Пред Владата да склучи договор со ИРД инжинеринг, беше избрана друга фирма, но тој обид пропадна. Кон крајот на август 2022, беше поништен тендер вреден 27 милиони евра за надзор, затоа што избраната фирма не исплатила банкарска гаранција на време. Вицепремиерот Артан Груби тогаш му заблагодари на Господ што зделката не била склучена, затоа што зад хрватската компанија Институт ИГХ, која го доби тендерот, стоеле руски сопственици.

Носител на овие тендери во конзорциумот беше велешката фирма „Институт за патишта“, додека другите две фирми се Геотехник од Подгорица и Институт ИГХ од Хрватска.

Во сопственичката структура на Институт ИГХ стои и Русин од Украина, за кој, дел од хрватските медиуми пишуваат дека е најверојатно соработник или агент на руска разузнавачка служба.

Станува збор за Сергеј Гљаделкин, Русин од Украина со хрватски пасош, кој во изминативе седум години е инвеститор во неколку фирми во Хрватска.

Автопати по принцип „клуч на рака“

Изградбата на патишта во Македонија воопшто не е лесна работа, барем така зборува искуството. Километар автопат може да се гради со години, пропаѓаат тендери, се пробиваат рокови и на крај се плаќаат пенали, а автопатиштата се изградени и се добри само во рекламните материјали што ги ветуваат партиите. Автопатот Кичево - Охрид долг 57 километри, кој го почнаа претходните власти на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 уште не е завршен, иако требаше да биде готов во 2018. Изградбата на автопатот, кој се гради со кинески кредити, поради низа нерегуларности, излезе поскапа од планираното, па неколкупати беа прегазени роковите што самите власти си ги задаваа.

И изградбата на автопатот Миладиновци - Свети Николе - Штип, кој е најнов, се пролонгираше, излезе поскап од планиранот, а и по пуштањето во употреба, често една лента е затворен, поради реконструкција или лизгање на земјиштето.

Три години се градат и два километри автопат кон Косово, и тоа станува збор за полесната делница. Комплицираната допрва ќе се гради.

Видете и ова: Од 1300 километри, Ковачевски може да се пофали со нови 13 километри пат

За да се избегне сето тоа, властите во земјата, решија автопатите од коридорот 8 и 10 да ги прават по принципот „клуч на рака“, односно наместо на тендер, директно да се преговара со фирма за изградба на автопати, тие да си изготват физибилити студија, и целосно да го изведат проектот. Засегна не се знае колку ќе чини сето тоа.

Владата постојано повторуваше дека овој начин на изградба ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати.

Владата донесе закон за склучување договор во четири очи со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградба на автопатите.

Антикорупциската комисија се противеше, но Собранието го изгласа законот во јули 2021 година.

Потоа Антикорупциска го оспори законот пред Уставниот суд, но судот во декември 2021 реши да не поведе постапка, со образложение дека не го повредува владеењето на правото и нема ризик од корупција. Во јули 2022, Уставниот суд укина еден член на законот кој предвидуваше работниците на автопатите да може да работат 60 часа неделно. Работната недела во Македонија трае 40 часа.

Видете и ова: Автопати во четири очи го зголемуваат ризикот од корупција

Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа автопати кои ги следеа низа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија. За сите овие имаше обвинувања дека се преплатени.