На два дена пред официјалното завршување на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со што во прашање се доведува понатамошното целосно функционирање на институцијата и во услови на немање меѓупартиски договор постојат неколку опции кои се споменуваат во јавноста за излез од кризата.
Првата варијанта е да има договор меѓу власта и опозицијата со што би се осигурале 80 пратенички гласа за да се донесе Законот за јавно обвинителство со кој и ќе се реши иднината на СЈО. И покрај неуспехот на преговорите пред два дена и силните обвинувања меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и двајцата оставија можност за договор.
Видете и ова: Пазарења за закон за ЈО поради заштита на криминалот?
Има можност за договор
Се уште постои можност за договор, но само ако постои волја, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери. Според него, владејачкото мнозинство досега направило отстапки, но не е сигурен колку за тоа била спремна опозицијата.
„Не сметам дека е невозможно да се дојде до договор, но не го знам расположението во ВМРО-ДПМНЕ дали се спремни ова прашање да биде решено. Но, бидејќи сега предметите од СЈО се префрлаат во Јавното обвинителство се стеснува маневарскиот простор на опозицијата и подобро е за нив да се најде решение и да се изгласа новиот закон“, вели Зибери.
Предметите и обвинителите одат во ЈО
Варијантата преземање на сите предмети на специјалното обвинителство од Јавното обвинителство веќе е во тек. За оваа опција всушност и не е потребно носење нов закон. Обвинителите од СЈО и според Заев веќе се обезбедени односно, како што рече, ќе се вратат во своите матични обвинителства, каде претходно работеле. Премиерот додаде и дека секој од нив е потенцијален да води предмети.
„Нема бегање од гонењето на криминалот- дали тоа ќе биде републичкиот јавен обвинител, се разбира не сам туку со сите јавни обвинители вклучувајќи ги тука и обвинителите од СЈО тие се должни да продолжат со гонење на кривичните дела “, вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.
Видете и ова: Преговорите за ЈО неуспешни, но не и мртви
Во меѓувреме, во ваквата варијанта не се знае само иднидната на техничкиот персонал, односно околу 70-те вработени. Тие деновиве испратија писмо до власта и меѓунатодната заедница во кое бараат да се реши нивниот статус. Министерската за правда Рената Дескоска рече дека тие барале вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство, но дека за ова не постигнале компромис со ВМРО-ДПМНЕ.
На местото на Јанева се именува нов В.Д. обвинител
Оваа можност ја спомена државниот јавен обвинител Љубомир Јовески минатиот месец кога Јанева беше приведена. Откако Советот на јавни обвинители одлучи дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на обвинителката, па потоа тоа помине и на пленарна седница по што повторно одлуката треба да ја потврди Советот на јавни обвинители.
Тогаш би можело да се именува В.Д. шеф на СЈО со што времено ќе се надмине кризата во оваа институција која има рок за работа уште една година, но е оневозможена да работи без главната обвинителка.
„Можно е да има и таква иницијатива, но временскиот рок бидејќи временскиот рок е многу краток оти на актуелната специјална јавна обвинителка и истекува мандатот на 15 септември и ќе се појави вакуум, празнина, од тој ден до евентуалното назначување нов специјален јавен обвинител“, вели Зибери.
Инаку партиите преговараат за Законот за јавно обвинителство веќе шест месеци, а и покрај оптимизмот пред последната средба останаа разликите, според Заев, за тоа под чии ингеренции да бидат предметите од СЈО, а според Мицкоски, кој да го води случајот Рекет.