Треба олеснување за сончеви панели, а не туширање со тенок млаз

Илустрација

„Не сме вампири да готвиме ноќе“, реагираат граѓаните на препораките на Владата. Енергетската криза уште не се познава на зградите на институциите кои се раскошно осветлени, веројатно до 1 септември. А експертите порачуваат - поважно е да се произведува струја.

Гответе во помали тенџериња, пуштајте бојлер на евтина струја и туширајте се со тенок млаз вода, одете по скали место со лифт, вклучувајте машина за алишта и за садови кога се полни и на евтина струја, не го вклучувајте фрижидерот на најладно, спуштајте ролетни, ставете изолација и штедливи светилки, не се ладете под 27 степени и не се грејте над 20.

Видете и ова: Зимава ќе штедат само богатите, а другите ќе мрзнат во „шупливи“ објекти

Ова се препораките на владата до граѓаните за штедење струја.

Ние и досега штедиме и без владата да ни каже, велат анкетираните граѓани во центарот на Скопје, по владините препораки за штедење струја. Ама да одиме пешки до 10-ти кат или да мрзнеме не можеме.

„Јас на пример внимавам и исклучувам се кога ќе легнам навечер.“

„Јас нон стоп сè вклучувам после 10 часот навечер.“

„Внимавам како не, ама сега хигиена треба. Навечер пеглам, ама и годините не ми се. Јас не сум на 20, 30 години, над 70 години сум.“

„Вклучување машина за перење на евтина струја, исто така и бојлер, сега за готвењето не може секогаш да се прилагоди да се готви само на евтина струја. Климата сега во зависност од временските температури, колку може и колку дозволува ситуацијата.“

„Струјата е како сонцето на човекот. Што сега една сијалица ќе грееме дома, а другите ќе ги гаснеме? Или по лифтовите да одиме пешки до осми спрат. Каква е таа работа? Струјата е неопходна, може да се штеди, ама минимално, не како што ни викаат. Да не се бањаме сега зимно време во топла вода итн.“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните за препораките за штедење струја: Не сум вампир да готвам навечер

„Мислам дека нема да има некој ефект, не знам точно колку процентуално би се намалила вкупната потрошувачка ако штедиме со овие мерки, дали 5, 20 проценти, немам претстава колку тоа би помогнало.“

„Па сега јас сум возрасна жена, како можам без клима на 40 степени“, велат анкетираните граѓани.

Македонија не произведува доволно струја за своите потреби, а струјата на европските берзи е 10 пати поскапа од онаа што граѓаните ја плаќаат.

Владата затоа донесе мерки за штедење со кои сака да ја намали потрошувачката за 15 отсто. Мерките стапуваат во сила на 1 септември.

Видете и ова: РЕК Битола доделува тендери на свои вработени блиски до СДСМ

Професор Константин Димитров вели дека никакви мерки за штедење не може да помогнат колку што може да помогне сериозно олеснување на процедурата за поставување соларни панели на домовите на граѓаните. Граѓаните веќе се доведени до крај со штедење, вели тој.

„Да се елиминираат оние 10-12 документи или колку и да се, за граѓанин да може да постави сончев колектор на својот дом. Ако тоа се тргне, да може веднаш, барем 1000 или 2000 домаќинства ќе вложат пари и ќе го намалат притисокот врз системот“, вели тој.

За институциите нема препораки, туку задолженија. Да не се палат сијалици дење, а да се гасат ако во канцелариите нема никој, администрацијата ќе се лади до 27 степени и ќе се грее до 20 целзиусови степени. Кому му студи нека си облече елече. Далечинското од климата ќе стои кај шефот, зашто ако не штеди ќе биде казнет. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се закани дека раководителите на институциите што не штедат струја може и да изгубат работа.

„Ние мораме да покажеме пример. Јавните институции мора да бидат пример за сите други. Совесно искористување на ресурсите, не само во криза, туку и во нормални услови, треба да биде императив на секој кому му е дадена задачата да раководи со институцијата“, изјави тој за Канал 5.

Осветлувањето на патиштата, плоштадите и другите јавни објекти треба да се намали до минимален сигурносен обем.

Сепак, на зградата на владата сè уште не се познава енергетската криза. Барокната фасада е осветлена во различни бои. Нормално се осветлени и спомениците на Плоштадот Македонија.

Се чини дека мерките за штедење порано стигнаа во Паркот Жена-борец наспроти Собранието. Питу Гули, Основачите на ВМРО, Президиумот на АСНОМ и Споменикот на Паднатите херои за Македонија се во мрак. Само неколку лед светилки го осветлуваат Прометеј. Во 23 часот се гасат светилките на кејот на Вардар во Карпош.

Кризата не стигнала до Крстот на Водно и оној во Аеродром.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Спомениците штедат, за крстовите нема криза

Препораки за намалување на потрошувачката има и за приватните бизниси. Во трговските центри Сити мол и Ист гејт мол, кои се опкружени со светлечки реклами велат дека 90 отсто од осветлувањето им е со штедливи лед светилки. Климатизацијата е високо ефикасна и се контролира со современи системи, исто како и внатрешното осветлување. Во Ист гејт велат дека веќе почнале да го исклучуваат декоративното осветлување, освен тоа што мора да работи. Двата трговски најавуваат инвестиции во соларни панели.

Споредбата со останатите европски држави покажува дека македонските граѓани и сега штедат струја. Според податоците на американската Администрација за енергетски информации од 2019 година, Македонија, по жител, троши четири пати помалку струја од Финска, трипати од Шведска и скоро двојно помалку од Австрија или од Словенија.