Двајца наши државјани, туристи од Битола, се удавиле на плажа кај албанскиот приморски град Драч. Екипа на брзата помош пристигнала брзо, имало обиди од страна на другите посетители да ги реанимираат со масажа на срцето, но безуспешно – вест што ја објавија сите наши медиуми, а и на нашата ФБ страница има повеќе коментари.
Но, и за вакви трагични случаи ќе се најде понекој „провокатор“, како што Велковски Горан го нарекува Гроздан Јовановски, кој со текст напишан на српски јазик навлегува во меѓуетничките односи, а тоа предизвикало возвраќање со непримерни постови од Мерџан Мавмудовски и Музо Камин Бафтјари. Не ги цитираме овие постови, јасно, поради професионалните принципи на РСЕ. Велковски Горан му возвраќа и на Шеро Фетаи кој се чувствува засегнат: „Коментарот на еден провокатор не е коментар на сите луѓе Македонци“, и додава дека „Секој паметен човек знае дека постојат провокатори од обете страни. И дека не треба да се подлегне на нивните провокации“. Шеро Фетаи возвраќа: „Вие сте во право оти јас живеам со комшии Македонци со години, многу добро и спокојно“.
Неделното интервју на РСЕ е со доктор Игор Николов, кој ја предводи здравствената комисија на ВМРО-ДПМНЕ и кој најновите антиковид мерки на Владата ги смета за задоцнети, брзоплето донесени и непрецизни.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ваши реакции на интервјуто – многу. Бранко Николовски вели: „Здравјето на граѓаните го гледате во парите, корумпирана држава и инвеститори бегаат.“ Зулко Зуко Зекири оди подалеку и предвидува дека „Петтиот бран ќе биде разорувачки и ќе го руинира и онака болното и корумпирано здравство на РСМ“. И Нуран Даутоски со негативно гледање на работите: „Колку знаете вие кога почнува кога завршува, само едно ве интересира колку ќе ставите в џеб.“ Златко Христовски смета дека интервјуираниот Игор Николов е „контрадикторен, конфузен, а над сето тоа и лаже! Па има ли смисла, доктор специјалист, интелектуалец, онака да говори, а згора на тоа и да ги напаѓа и ʼолајаваʻ своите колеги? Ако е толку стручен што не се понуди за помош. Или и он ги дели пациентите на наши и нивни?“ Тито Беличанец исто така со реакција на интервјуто на доктор Николов: „Кого лажете! А пред воведувањето на мерките ВМРО-ДПМНЕ бараше порелаксирани мерки“. Сали Демировски исто така реагира: „Абе требаше, ама требаше да им објасниш на луѓето и да не протестираат и да не бараат мерките да се изземат туку да продолжат.“
Инаку рекорд на нашата ФБ страница е некој Бобан Јакимовски кој според профилот живее во Лос Анџелес, Калифорнија, и со знаме со ѕвездата од Вергина, кој се амбицирал и испратил повеќе од 50 постови со видео клипови на разноразни лекари, главно странци, кои за вакцините против ковидот кажуваат лични ставови чијшто заеднички именител е антиваксерски, потоа навредливи текстови за министерот Филипче и премиерот Заев и така натаму. Штерјо Шапка Пушевски го коментира: „Емигрант со моркови на профилот дели памет“.
Инаку, и покрај последната бројка од 1.250 новозаразени од над 8.000 тестирања, и 22 починати, се чини некои граѓани што ја следат РСЕ сѐ уште не веруваат дека коронавирусот постои и сметаат дека „бројките се лажни“, според Ѓорѓи Поп Андонов. Некои ги напаѓаат медиумите, како што напишал Влатко Цветков: „Кој више ве чита, не сте интересни. Мʼрш“, на што потпишаниот со Џим Глиг му одговара: „Изгледа ти ги читаш, иако не веруваш во нив“.