Зголемените цени на енергенсите и електричната енергија ги натераа граѓаните да најдат начини за намалување на трошоците за греење преку инвестиции во топлинската изолација во своите домови. Некои ги реновираат своите фасади, поставувајќи енергетски ефикасна изолација, други пак побрзаа да ги сменат прозорците и вратите со нови направени од поквалитетни материјали.
Алексадар Андонов лани ставил фасада од стиропор на новата куќа. Една зима поминале во куќата без фасада, па сметките за греење им биле „до плафон“.
„Откако ставивме енергетски ефикасна фасада сметките ни се за едно 30 до 40 проценти пониски. А фативме и добро време и ја направивме фасадата пред многу да поскапат цените на градежните материјали. За да си ја повратам инвестицијата од неколку илјади евра мислев дека ќе ми требаат повеќе години, но со сегашните цени на струјата, ќе ми се исплати за многу брзо“, вели Андонов.
Зоран Михајлов пак живее во стан. Откако забележал дека троши премногу струја, а просториите во станот пак не се добро затоплени, се одлучил да инвестира во нови пвц прозорци и врати. Вели дека сметките за струја му се намалиле за 20 проценти, а во станот е потопло отколку порано.
„Од моето искуство можам да кажам дека направив добар потег со оваа инвестиција. Подобра е температурата во станот, сметките за струја не се многу помали, но во секој случај се помали. Во секој случај ова е и финансиски и топлински добар потег. Јас ставив трослојни прозорци со поголема заштита. Платив поскапо, ама барем на долг рок инвестицијата ќе ми се исплати,“ објаснува Михајлов.
Видете и ова: Зимава ќе штедат само богатите, а другите ќе мрзнат во „шупливи“ објектиУпатените велат дека изолацијата е најпаметно и најдобро решение за намалување на трошоците за греење, но дека во време на економска криза и висока инфлација граѓаните потешко се одлучуваат да ги вложат парите во ефикасно енергетско решение за своите домови.
И од фирмите кои работат на продажба, монтажа и сервис на собни врати и ПВЦ прозорци се жалат дека продажбата е намалена, а причината за тоа ја гледаат во намалената куповна моќ на граѓаните и зголемената цена на материјалите.
„Во последната година многу поскапеа материјалите од кои се изработуваат прозорците, за некои 50 до 60 проценти, а и самата постапка за нивно поставување е поскапа. Продажбата е намалена последнава година, а тоа е пред се поради зголемената инфлација. Инаку инвестицијата е исплатлива. Моите пресметки се дека за околу 5 години, би требало да ви се вратат вложените пари. Посебно кај деловните субјекти кои плаѓаат многу висока цена на струјата, има голем интерес, а таму е и најпаметно да се инвестира во топлинска изолација“, вели Златко Ангеловски, сопственик на компанија за производство и продажба на прозорци и врати.
Од друга компанија пак велат дека во последниот период расте интересот на граѓаните за подобрување на изолацијата, и покрај поскапените цени на материјалите за изолација. Од нив дека најмало поскапување има кај стиропорот.
Па така, ако некој сака да постави изолација на ѕидовите од куќата, а тоа да биде со стиропор ќе треба да плати најмалку 20 евра за метар квадратен за стиропор со дебелина од 5 сантиметри. Доколку се одлучат за стиропор со дебелина од 8 сантиметри цената ќе чини 22 евра, а за дебелина од 10 сантиметри ќе треба да се одвојат 25 евра за метар квадратен.
Енергетските експерти велат дека со добра топлинска изолација може да се заштеди и до 30 проценти од топлинската енергија.
„Во зависност од која мерка ќе ја преземете таа инвестиција се враќа во периодот од две до шест години. Од прилика поставувањето на термо фасадата, ставање на прозорци и врати, ставање изолација во кровната конструкција ќе ви заштеди од прилика 25 до 30 проценти електрична и топлинска енергија. Најголемите заштеди се постигнуваат во делот на греењето. Многу е важно каква изолација ќе поставите, но таа инвестиција секако е паметно решение“, вели експертот за енергетски прашања Марјан Ненов.
За да постигнете целосен ефект би било добро да инвестирате и во внатрешната, но и во надворешната изолација на објектот во кој живеете, велат упатените. Последнава година и цените во градежништвото се зголемени и токму затоа подобрувањето на изолацијата на објектите сега е посериозна инвестиција.
Ненов посочува дека енергетски најефикасни и најисплатливи се таканаречените вентилирани фасади, но не секој може да си ги дозволи.
„Најдобри се вентилирани фасади, кои се и најскапи и се движат од 110 до 160 евра по квадрат. Понатаму демик фасадите кои може да бидат со стиропор или камена волна, што е подобра варијанта иако е поскапа. Во однос на станбените објекти повеќето нови имаат демик фасади, но кај постарите згради фасадите се скапи, ама може да се заштеди преку инвертер клима, прозори и врати или мерки како што се промена на бојлер со подобра ефикасност, воведување на бојлер со сув грејач, поставување на сензорско осветлување во влезовите и други слични методи“, вели Ненов.
Видете и ова: Фотоволтаици за излез од енергетска криза и поефтина струјаВо повеќето случаи, причините за преголемата потрошувачка на електрична енергија во текот на зимските месеци е резултат лошата или отсутна изолација на станбената зграда. Токму затоа топлинската изолација на куќата, иако не е евтина инвестиција, значително ги намалува сите трошоци во иднина.
Македонската влада од 1 септември прогласи кризна состојба во снабдувањето со парно на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво, која Собранието ја продолжи до крајот април, следната година.
Во исто време на сила стапија и мерките за штедење, а јавните институции беа задолжени да ја намалат потрошувачката на струја во септември за 15% во однос на истиот месец ланската година. Оваа препорака важи и за граѓаните и компаниите.