Педесет учесници распределени во 13 тимови имаа задача да претстават креативни решенија за дел од предизвиците со кои се соочуваме денес, за време на „Techathon 2021“ - дводневен младински хакатон на тема "Innovative Youth Entrepreneurship Idea”.
Од Младинскиот ресурсен центар „iCan“ во Гостивар каде се одржа настанот минатиот викенд, три тимови си заминаа како носители на победнички идеи.
Од кафе до био-гас
Студентот Леутрим Билали и членовите на тимот „Dark Space“ кој го освои првото место вели дека во екипата има луѓе со различни интереси, кои се едуцираат во различни области, но имаат нешто заедничко.
„Ние баравме што е она што нас петмина не обележува како друштво и што има заедничко целата екипа, а тоа е - сите петмина сакаме кафе и од таму излезе идејата“, вели 18-годишниот Билали за РСЕ.
Нивната идеја тргнува од кафето, а има еко-цел поради намерата за реупотреба на отпадот од кафе.
„Идејата ни беше остатокот од кафето кое го фрлаат кафулињата да се собира и да се употребува за „eco friendly“ иницијативи. Избравме две области каде може да го користиме. Првиот начин е употреба во агрокултурата како фертилизер, а со вториот, од кафето може да се произведува струја во централите за био-гас“, додаде студентот.
Поврзување на ученици и тутори, лесно како онлајн шопинг
Тимот „Byte me“ го доби второто место со идеја за образовна платформа наменета за ученици и тутори. Се одлучиле за ваков проект откако направиле листа на предизвици со кои се соочуваат нивните пријатели. 80 % им споделиле дека имаат проблем со образовниот процес. Според средношколката Ера Алиу која е дел од тимот, со правилна употреба на технологијата светот може да се направи поубав за живеење и поатрактивен за работење.
„Знаеме дека во нашиот образовен процес, освен традиционално држење на предавања, немаме систем кадешто секој од нас во зависност од потешкотиите што ги има може да смета на брз одговор од професионалци во областа. Оваа платформа, освен што го олеснува процесот за учениците, има дополнителна вредност за наставниците, бидејќи тие може да работат во нивното слободно време како тутори. Во нашата мрежа на ученици и тутори, тие на лесен начин ќе се поврзуваат едни со други. Ќе биде лесна за користење како кога се прави онлајн шопинг или се користат социјалните мрежи. Ќе понуди и можност за рангирање на туторите според нивната експертиза и оценките кои може да ги остават учениците за нив “, вели Алиу за РСЕ.
Едно решение за два проблема
Тимот „Guardians“ го заслужи третото место со идеја која велат дека ќе им помогне на жртвите на семејно насилство, но паралелно и на старите и изнемоштени лица. Нита Биљали која е дел од тимот и е средношколка во медицинското училиште во Гостивар, планира да продолжи на студии по медицина, но смета дека со помош не технологијата може да се случат големи нешта и да се остварат големи соништа.
„Ние би направиле засолниште за жртви на семејно насилство, кои во нашата земја, и конкретно во нашиот град ги има многу, а за нив многу не се зборува. Затоа сакаме да има ја дадеме на овие луѓе, најчесто жени, шансата да најдат излез од својата ситуација. Ние ќе ги згрижуваме во стан, а ќе направиме и веб страница на која овие жени би можеле да ги продаваат нивните рачни изработки или облека на пример. Имавме и идеја да ги обучиме овие жени да готват здрави оброци кои потоа може да им ги продаваат на луѓе од повозрасната популација. Тоа е еден сосема друг проблем каде голем дел од овие возрасни луѓе се оставени сами на себе, а некои едвај може да се движат и не можат ниту да готват, ниту да чистат и слично. Па жените кои се згрижени може да се грижат исто така и за нив. Така што ова е едно решение за два проблема“, изјави средношколката Биљали за РСЕ.
Наградените решенија ќе добијат финансиска поддршка за да почнат со реализација на идеите, но и можност три месеци бесплатно да ги користат просториите на Cowork за да работат на дополнително развивање на нивните бизнис идеи.
Видете и ова: Млада гостиварчанка во мисија да ги открие тајните на вселената
Техатонот каде победничките тимови добија ваква шанса го организираше младинската организација Youth Empowerment Platform -YEP со поддршка од проектот „МладиХаб - Градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите”, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Националниот младински совет на Македонија.