Четиринаесет лица го загубија животот, а 12 се повредени во катастрофалниот пожар кој вчеравечер ја зафати модуларната болница во Тетово. Сите кои настрадаа биле пациенти, а меѓу повредените има и медицински персонал.
На денешната вонредна седница Владата донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава. На денешната седница министрите за внатрешни работи и за здравство информирале за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнале дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска.
„Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок“, се вели во соопштението од Владата.
Владата ,исто така, одлучила да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.
На прес конференцијата попладнево во Владата министерот за здравство Венко Филипче рече дека од одговорност ниту бегал но дека чека да заврши истрагата.
„По завршувањето на истрагата ќе ја донесам одлуката дали ќе поднесам оставка. Навистина тешко може да го опишам чувството и сочувството кое што го имам со семејствата. Не бегам ниту од одговорноста на наодите на истрагата, ниту од моралниот аспект, но нека заврши истрагата“, рече Филипче.
Претседателот Стево Пендаровски од Тетово порача дека во рок од 5 дена ќе се заврши истрагата и ќе имаме повеќе информации. Пендаровски додаде дека не станува за намерно подметнат пожар, како што се шпекулирало во јавноста.
„Надлежните институции ме уверуваат дека до овој момент, нема основ да се шпекулира во таа насока“, рече Пендаровски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Телата на загинатите на обдукција
На Институтот за судска медицина се прават обдукциите на четиринаесетте жртви и истите ќе бидат завршени најдоцна до утре.
„Формирани се тимови кои работат на обдукција и идентификација на телата. Очекуваме обдукцијата да заврши денеска, додека идентификација ќе се обидеме да ја направиме тоа што е можно поскоро и жртвите да им ги предадеме на семејствата“, вели директорот на Институтот за судска медицина,“ Александар Станков.
Министерот за здравство попладнево рече дека починатите се на возраст од 29 до 79 години.
Сведоштва на тетовци за несреќата
Екипата на радио Слободна Европа денеска беше во Тетово. За страотната глетка од пожарот, пред нашата камера зборуваше Неџбедин Алити, кој живее во непосредна близина на модуларната болница.
„Во 9.03 минути, забележав пламен и веднаш стигнав тука пред болницата. Но за три минути додека да дојдам веќе беше изгорена повеќе од половината од болницата, а за 20 тина минути гореше целиот објект. Мислам дека и хеликоптер да фрлаше вода немаше да се спречи брзото ширење на пожарот. Не можам да кажам кој како се спаси, зошто им помагав на пожарникарите, но беше страшно да се слушаат вресоците и повиците за помош од луѓето што беа во болницата“, вели Алити.
Бајрам Селфулаи е роднина на пациент болен од ковид 19 кој вчера не успеал да се смести во модуларната болница и го испратиле во интерното одделение. Тој вели дека жално е тоа што поради недостиг на медицински персонал, пациентите се оставени без придружба или пак за нив се грижат нивните блиски.
„Во интерното одделение во кое има ковид пациенти, всушност роднините се тие коишто се грижат за болните. Во мојот случај, синот се грижи за болната мајка“, раскажува Селфулаи.
Командирот на Противпожарната екипа во Тетово, Ука Халити вели дека ги презеле сите мерки за брзо да се изгасне пожарот и да се спасат луѓето кои биле во болницата.
„Требаше да работиме многу брзо и ефикасно, да работиме и на гаснење на пожарот за да го ставиме побрзо под контрола, но да работиме и на евакуација на луѓето кои беа во болницата. За кратко успеавме да го ставивме пожарот под контрола и почнавме да ги вадиме луѓето од внатре, но за жал освен живи, имаше и мртви пациенти“, вели командирот Халити.
Градоначалничката Теута Арифи на денешната прес конференција дека рече дека сите преживеани во вчерашниот пожар во Тетово се во стабилна здравствена состојба.
„Во моментот информирани сме дека тие се во стабилна состојба. Во меѓувреме ќе одржиме уште еден состанок во кој дополнително ќе бидеме информирани за секој пациент посебно,“ изјави Арифи, додавајќи дека сите пациенти се хоспитализирани во тетовската болница.
Црвениот крст на Република Северна Македонија соопшти дека во знак на солидарност и хуман гест, на семејствата на загинатите во пожарот во ковид-центарот во Тетово ќе им додели еднократна парична помош во висина од 30.000 денари.
Видете и ова: Изгоре ковид-центарот во Тетово, потврдени 14 починати
МЗ: Во болницата имало 26 пациенти, 14 се мртви, 12 повредени
И Министерството за здравство денеска ги потврди информациите за бројот на загинати во трагедијата.
„ Во вчерашната несреќа при пожар во Ковид центарот во Тетово загинаа вкупно 14 лица. Во Ковид центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа“, велат од министерството.
Оттаму додаваат дека во текот на денот постојано ќе информираат за сите нови детали околу случајот и апелираат до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан.
Истрагата за пожарот треба да покаже причината за трагедијата
„Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот“, соопштија од Обвинителството.
Пред неколку месеци економскиот директор на Клиничката болница Тетово реагираше на одредени неправилности при изградбата на модуларната болница, за кои бараше да се санираат, па дури потоа болницата да се пушти во употреба.
Забелешките се однесуваа на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки за кои тој вели дека во никој случај не треба да се поврзат со причината за катастрофалниот пожар.
Инаку, тендерот за изградба на 19 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ пак синоќа после пожарот потсетија дека тие предупредувале на пропусти во изградбата на модуларната болница уште кога таа се проектираше.
„Модуларната болница во Тетово беше фушерајски направена, со бизнис интереси. Жално и тажно. Распад на системот. Заев и Филипче, оставки и одговорност“, изјави Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
По обвинувањата во јавноста дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот во модуларната болница во Тетово, денеска реагираа од Министерството за здравство од каде што велат дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.
„При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска“, соопштија од ресорното министерство.
Пораки со сочувство и понуди за помош од регионот и ЕУ
Пораки со сочувство за загубените животи, како и понуди за помош пристигнаа од соседна Србија, Грција, Албанија, Косово како и од Европската Унија.
„Делиме огромна болка со македонскиот народ, спремни сме да дадеме братска помош. Во мое и во името на сите Срби, испраќам сочуство до семејствата на настраданите и на сите Македонци“ напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на твитер.
„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија“, напишаа од грчкото МНР.
„Придружувајќи се кон сите вас во искреното и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешната трагедија во Ковид болницата во Тетово, како и во братската прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Македонија, ви посакува мирен ден вам и на вашите семејства,“ напиша албанскиот премиер Еди Рама во објавата на Фејсбук.
„ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар во модуларната болница во Тетово специјализирана во третманот на пациентите болни од Ковид. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените, наведува во реакција испратена до МИА, портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро.
Сочувство изрази и амбасадорот на ЕУ во земајва, Дејвид Гир.
„Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“, пишува Гир на Твитер.
Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај ги понуди сите капацитети на Безбедносните сили на Косово (ФСК) за помош на Тетово и на сите кои имаат потреба по големиот пожар во тетовската модуларна болница.
Пожарот избувнал околу 21 часот, а на терен веднаш излегле 30-ина пожарникари со седум возила кои го локализирале и го изгасиле пожарот во кој се слушале и експлозии, најверојатно од боците со кислород. Во болницата биле хоспитализирани 24 пациенти заболени од коронавирус, а истата имала капацитет за 35 кревети.