„Те гледам таков каков што си“: Парада на гордоста во Приштина
Голем број граѓани учествуваа на овогодинешната Парада под мотото „Те гледам таков каков што си“.
Ова е седма година како Парадата на гордоста се организира во главниот град на Косово.
На оваа, како и на претходните паради, општеството беше повикано да дозволи истополови бракови, што во Косово е дозволено со Уставот, но не и со Граѓанскиот законик и Законот за семејство.
Парадите на гордоста понекогаш служат како протест за еднакви законски права.
Стравот од социјално изолирање сè уште принудува многу членови на ЛГБТИК+ заедницата во Косово јавно да не го изразуваат својот идентитет.
Активистите и членовите на оваа заедница велат дека косовското општество е многу конзервативно, па ретко кој отворено ја декларира својата сексуална ориентација.
Мотото на минатогодишната Парада на гордоста беше „И во државата и во семејството“, бидејќи овие две институции, според активистите, се главните пречки за правата на припадниците на ЛГБТИК+ заедницата.
Во земјите во светот се слави Месецот на гордоста.
Активностите вклучуваат масовни собири, паради на гордоста, забави, работилници, концерти и безброј други ЛГБТК+ настани за да привлечат што е можно повеќе учесници.
На отворањето на Парадата на гордоста, претседателката на Косово, Вјоса Османи, рече дека, иако Косово постигнало напредок во промовирањето на еднаквите права на ЛГБТИ+ заедницата, има уште „многу работа да се заврши“.