Татнежи поради Чајковски: Да се смени ли името на елитниот украински конзерваториум?

Рускиот композитор Пјотр Илич Чајковски

По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, студентите на Националната музичка академија Чајковски во Киев побараа отстранување на името на рускиот композитор од нивниот универзитет. Владата ги поддржа, но Академијата не го смени името. Дебатата „за“ или „против“ името Чајковски продолжи

Дали да остане или да замине?

Ова е прашањето што предизвика жестока дебата во Украина за човекот чие име го краси реномираниот конзерваториум во срцето на Киев: рускиот композитор Пјотр Илич Чајковски, пишува на Радио Слободна Европа на англиски јазик (РСЕ).

По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, студентите на Националната музичка академија Чајковски во Украина, порано позната како Конзерваториум во Киев, побараа отстранување на името на рускиот композитор од нивниот универзитет.

Тие добија поддршката од украинската влада, која го гледа композиторот како алатка во империјалистичките планови на Кремљ, но во декември 2022, факултетот на Академијата одлучи да го задржи името на композиторот.

Дебатата доаѓа во време на национални мерки за „дерусификација“ на Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин започна инвазија на Украина пред една година. Неколку украински градови ги отстранија статуите на рускиот поет Александар Пушкин, а улиците именувани во чест на писателот од 19-иот век, беа пеименувани.

Во јуни 2022 година, академскиот сенат на конзерваториумот гласаше против отфрлање на името на Чајковски, нагласувајќи ги украинските корени на композиторот, чиј прадедо е роден во украинскиот град Кременчук, кој беше погоден од силно руско бомбардирање.

Во ноември, онлајн петиција поднесена до кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, го повика конзерваториумот да се откаже од името на Чајковски, велејќи дека „плука“ на „независноста на украинската култура“, иако петицијата го помина прагот од 25.000 потписи за разгледување на претседателот.

Следниот месец, академскиот совет на конзерваториумот повторно гласаше за задржување на името на Чајковски до следниот преглед, одлука која украинскиот министер за култура, Олександар Ткаченко, ја нарече „разочарувачка“.

Националната музичка академија „Пјотр Чајковски“ во Киев

Пречки во Кина

Конзерваториумот во Киев, основан во 1863 година, беше преименуван од советската влада во чест на Чајковски во 1940 година, токму на време за 100-тиот роденден на композиторот. Чајковски важеше за руски композитор, и покрај неговите украински корени и украинските влијанија во неговите композиции, но дебатата за отстранување на неговото име од академијата се појави дури по руската инвазија минатата година.

Во е-пошта до украинскиот сервис на РСЕ, студентски активисти напишаа дека одлуката за преименување на конзерваториумот е делумно попречена од нејзиниот огранок во Кина.

„За Кина е престижно да го има Чајковски во името, поради паралелите со Московскиот конзерваториум“, пишуваат студентите во писмото.

„Не е тајна дека името на Чајковски е од фундаментално значење за Кина. Кинезите го знаат Чајковски, но не ги познаваат Ведел, Бортњански или Березовски. Сепак, комунистичка Кина нема да биде стратешки партнер на Украина во блиска иднина. Најважниот фактор е обидот да ја задржиме нашата позиција на кинескиот пазар на образовни услуги. Не знам дали вреди да се направи. Разбирам дека, финансиски, тоа е многу привлечна работа (за конзерваториумот). Но, од гледна точка на поглед на оние што умираат денес во Бахмут или Кремина, не знам дали е морално“, изјави украинскиот културен критичар Максим Штрика во интервју за украинскиот сервис на РСЕ.

„Руски во целосна смисла на зборот“

Додека Чајковски бил тесно поврзан со Украина и често ја посетувал, тој патувал во Киев само двапати - во 1890 и 1891 година.

Чајковски

Чајковски го запознал украинскиот композитор Микола Лисенко во Киев и му понудил продукција на операта на Лисенко - Тарас Буљба - во Империјалниот театар во Санкт Петербург. Но, Лисенко не прифатил еден услов од понудата - либретото да биде преведено на руски. Тој не видел изведба на неговата опера за време на неговиот живот.

Самиот Чајковски бил под големо влијание на украинските мелодии во неговата работа. Украинските мотиви се широко застапени во неговата Симфонија бр. 2, која првично го доби прекарот „Мала Русија“ - што се однесува на рускиот термин за Украина во тоа време. Се нарекува и „украинската симфонија“ на композиторот.

Чајковски ја компонирал и операта „Мазепа“, базирана на поемата на Александар Пушкин „Полтава“ за украинскиот козачки водач Иван Мазепа, и операта „Черевички“, сместена во Украина и базирана на расказ на Николај Гогољ.

„Чајковски секако не беше украинофоб. Неговата работа беше поврзана со Украина на многу начини. Иако, ниту Чајковски не беше голем украинофил. Либретото за операта „Мазепа“ е напишано врз основа на песната на Пушкин, а ова либрето е, благо кажано, царско“, изјави Штрика за украинскиот сервис на РСЕ.

Сепак, и покрај неговите пријателски врски со Украина и значителното време што го помина таму во текот на неговиот живот, Чајковски не се сметаше себеси за Украинец.

„Јас сум Русин во целосна смисла на зборот“, напиша тој во писмото до својот патрон Надежда фон Мак во 1878 година. Во писмото до еден познаник во 1891 година, композиторот напиша: „Јас сум реалист и роден Русин“.

Претходно, шефот на украинскиот Институт за национално сеќавање, Антон Дробович, изјави дека Чајковски „јасно се идентификувал како руски композитор“ и дека нема директна врска со Киевскиот конзерваториум.

„Симболи на империјалната Русија на Путин“

Дискусијата за Чајковски по руската инвазија се прошири и надвор од границите на Украина.

Во март 2022 година, филхармонискиот оркестар на Кардиф во Велс се повлече од изведувањето на увертирата на Чајковски од 1812 година, велејќи дека тоа би било „несоодветно“ по инвазијата.

„Тоа немаше никаква врска со тоа што Чајковски е Русин. Повеќе беше тоа што ние одлучивме дека тоа е несоодветно во овој момент, имајќи предвид дека некои од парчињата се со воена тематика и доаѓаат со звукот на топовскиот оган“, изјави директорката на Филхармонијата Линда Робинсон, за британски „Гардијан“.

Неколку професионални оркестри во Јапонија, исто така, одбија да ја изведат увертирата од 1812 година по инвазијата, објавија локалните медиуми.

Украинската композиторка Оксана Линив, чии оркестри ги изведуваа делата на Чајковски на Запад, по руската инвазија на Украина, на фејсбук напиша: „Пријатели, Чајковски е прекрасен, но не во името на главната музичка академија на Украина!“

„Сакале ние или не, денес Чајковски е еден од симболите на путиновата империјална Русија. Јас, на пример, би бил против преименување на одредена улица Чајковски во Киев, кога станува збор за 6.000 улици. Но, кога водечки универзитет за уметност е именуван по Чајковски, денес ова име е сосема несоодветно. Имаме колекција на првокласни композитори достојни за бесмртност“, вели украинскиот културен критичар Максим Штрика.