Џебовите на околу 40.000 македонски студенти кои се на додипломски студии на државните и приватните универзитети, од претстојната академска година ќе биде подлабок за 2400 денари месечно, откако идејата за субвенциониран студентски оброк стигна до реализација.
Условите се да бидат државјани и редовни студенти, да не се во редовен работен однос, да не бидат регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по која било основа поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Идејата, која е преточена во Законот за субвенциониран студентски оброк, е парите да се искористат за здрав оброк, иако студентите ќе имаат можност да купуваат кај кој било трговец.
„Месечната финансиска помош за здрав субвенциониран оброк би ги трошела дел во маркетите и дел во рестораните, односно таму за каде што и се наменети, но хипотетички, би рекла дека сепак, на местата од каде може да се купи веќе приготвена храна лично би биле почесто посетувани“, изјави за РСЕ Ива Наскова, студентка на Политички студии на англиски јазик.
Студентите кои ги исполнуваат законските услови, ќе ги добиваат средствата директно, на трансакциска сметка.
„Со оглед на фактот што средствата ќе ги добиеме директно, дефинитивно би ги потрошил на секојдневни потреби како студент“, вели за РСЕ, Никола Донев, апсолвент на правниот факултет „Јустинијан Први“.
Донев очекува подигнување на студентскиот стандард со помош на оваа финансиска поддршка.
„Идејата за субвенционираниот студентски оброк е одлична за подигнување на студентскиот стандард и овозможување на студентите да развиваат здрави навики во однос на исхраната - секако тоа и беше целта за донесување на законот. Иако во изменета форма, средствата за овој закон сепак ќе се остварат со надеж дека од следната академска година ќе видиме имплементација на законот како што беше оргинално замислен“, истакна 21 годишниот Донев.
Видете и ова: Една третина од младите на Балканот одлучуваат да си заминатСпоред Наскова, финансиската помош ќе го олесни животот на студентите во пандемиски услови.
„Идејата за субвенциониран студентски оброк што се однесува до мене требаше многу одамна да биде ставена на маса и да и се даде приоритет, со оглед на тоа колкава важност има истата. По одржаната јавна расправа од страна на Универзитетското Студентско Собрание, истата да важи само за академската 2021/2022, односно додека пандемијата сѐ уште ни предизвикува неизвесност, донесувањето на ваков закон е од особена важност бидејќи навистина претставува голема олеснителна околност за студентите кои да не заборавиме и тоа како беа погодени од кризата. На овој начин, се задржува воедно и суштината на самиот закон, а и воедно студентите нема да останат оштетени и без никаква пружена финансиска поддршка за време на пандемијата“, вели 20 годишната студентка.
Колку е доволно?
Студентите се поделени во мислењата околу тоа дали сумата е доволна за да се задоволат основните студентски потреби или треба да се зголеми.
„Јас лично сметам дека месечната финансиска помош во износ од 2400 денари е сосема доволна и задоволителна. Повторно ќе напоменам дека на овој предлог требаше многу одамна да му се даде приоретизација, бидејќи јас како студент тврдам дека ваквата финансиска помош е фактички потребна за нас студентите. Така што со рационално користење на финансиската помош и прагматичното трошење на средствата би било сосем доволно за да се стекнеме во денот со здрав оброк“, вели Наскова.
Донев смета дека сумата е добредојдена, но има простор да се размисли за нејзино зголемување.
„Земајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19 мислам дека и овие средства се добредојдени за студентите, иако мислам дека при евентуалната имплементација на законот од следната година треба да се размисли за зголемување на износот за субвенциониран студентски оброк како би се поттикнало склучувањето на договори со МОН за субвенциониран студентски оброк“, додава Донев.
Видете и ова: Младите разочарани од состојбите во македонското општествоНа темава, на 11. јули отворивме и анкета на нашата интернет страница slobodnaevropa.mk. По два дена гласање, 50 % од гласовите се дека сумата за студентски оброк е мала. 38 отсто од анкетираните велат дека е доволна, а 12 % велат дека е и повеќе од доволно за субвенции. Анкетата останува отворена за гласање.
Средствата за здрав студентски оброк, студентите ќе ги добиваат во месеците додека се на настава. Од Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) се издвоени околу 15 милиони евра за оваа инвестиција. Законот е инспириран од Словенија, каде веќе со години се спроведува, а стапува на сила од 15. септември оваа година, откако едногласно беше изгласан во Собранието.
Субвенцијата не значи и укинување на оброците во студентските домови, туку е дополнителна финансиска помош. Паралелно, од МОН велат дека ќе вложуваат и во унапредување на условите за живот во студентските домови.