Колку и кога ќе поскапи струјата се уште не се знае оти се чека одлуката на Регулаторната комисија, но се знае дека таа дефинитивно ќе поскапи. Според Регулаторната комисија поскапувањето би било некаде за околу пет отсто, а според ВМРО-ДПМНЕ би изнесувало некаде околу 18 отсто. Од партијата ова го кажаа минатата недела на брифинг со новинари потпирајќи се врз нивни сознанија и пресметки.
Ако се земе предвид најавата на Регулаторната комисија од минатиот месец, за поскапување од пет отсто, тоа би значело дека ако досега сте плаќале сметка од 2500 денари со поскапувањето би плаќале 2625 денари. Ако се прават пресметки, пак, според најавата од ВМРО-ДПМНЕ за сметка од 2500 денари со поскапување од 18 отсто би плаќале 2950 денари. На самата најава веќе реагираат граѓаните.
„Секое поскапување е на грбот на човекот, а нашата потрошувачка корпа е се помала и помала“
„Не само што удира врз џебот туку повлекува и многу други параметри и да не се качи многу струјата, после леб, шеќер, зејтин, се ќе се покачи“ велат граѓаните што ги анкетиравме.
Видете и ова: МЕПСО бара двојно зголемување на цената на преносот на струјаИ додека се уште не е јасна точната сума на поскапување владата планира да го амортизира ударот врз џебот на граѓаните со намалувањето на ДДВ на сметките за струја од 18 на пет отсто. Тоа го најави деновиве заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски.
Според Зоран Ивановски, редовен професор на Eкономскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент, ваков потег на владата би го намалило ударот врз стандардот на граѓаните, а нема да се изгуби голем прилив во државната каса.
„Toa e најмалку што може да направи државата, да се откаже од дел од своите приходи, кои заради порастот на цената на струјата во апсолутен износ верувам дека нема да се намалат, туку дури и ќе растат. Како и да е, тоа е некаков вид помош за граѓаните“, вели Ивановски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, додека се чека конечната одлука на регулаторот, пресметките со кои се бара зголемување се доставени, а некои компании бараат и до сто отсто покачување. Ивановски смета дека поскапувањето на цената на струјата и во иднина е неминовно и како што вели граѓаните треба да бидат свесни за тоа. Тој ова го темели врз тоа што интенцијата на владата е да се преорентира државата и да ги користи обновливите извори на енергија бидејќи за ваква енергија каква што досега најмногу произведува Македонија, фосилна, има и високи пенали.
Професорот вели дека калкулациите се доста комплицирани и дека цената на производството на електричната енергија зависи од видот и големината на објектот кој што ја прозведува, па оние кои имаат помали капацитети ќе имаат и повисоки апетитити.
„Она што јас би го препорачал е малку да биде потранспаретна државата затоа што ги помага производителите на енергија од обновливи извори преку субвенции и тука во тој дел често производителите не се сигурни кога ќе бидат огласите и аукциите за доделување на субвенциите. Доколку тоа би било потранспаретно и попредвидливо за производителите тогаш и не би требало да се очекува стопроцентен раст, што е навистина премногу“, вели Ивановски.
И премиерот Зоран Заев неодамна рече дека ако државата сака зелена енергија ќе поскапува и цената на струјата.