Веднаш по јулските избори на кои коалицијата предводена од СДСМ освои два пратеника повеќе од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ опозициската партија најави борба за уривање на власта. Сега, по поминати сто дена на оваа влада, која има кревка парламентарна поддршка од 62 пратеника, и по неуспехот на земјава на евроинтегративниот пат поради бугарската блокада ВМРО-ДПМНЕ најави и план за уривање на власта на Заев. Планот го почнуваат со интерпелација во Собранието за вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.
Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, вели дека од она што досега го презентираше опозицијата, не е многу јасно со каква стратегија сака да ја урне власта.
„Има еден инструмент во Европската унија што се вика логичка рамка и една анегдота вели- можеби тука има некоја логика, но јас не ја гледам. Така слично ми изгледа овој план на опозицијата, бидејќи има премногу варијации и нејасни потези од кои тешко се гледа логиката како сакаат да ја исполнат целта“, вели Кржаловски.
Видете и ова: Мицкоски: 100 дена Влада, 100 дена фијаскоСпоред Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ ова како што вели му изгледа повеќе како план за внатрешна консолидација на опозицијата, отколку план за уривање на власта за кој, како што додава, за да се реализира треба да бидат исполнети два услова.
„Можете осум интерпелации една по друга да поднесете тоа не ги менува бројките. Владата може да падне ако го изгуби мнозинството или ако го блокирате општеството но бројките на протестите не укажуваат дека може да се блокира цело општество“, вели Муслиу.
Што најави Мицкоски?
Конкретно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека имаат повеќе чекори кои ќе водат кон уривање на владата која, како што рече, е без легитимитет, а како прв чекор ја најави интерпелацијата за Димитров, најавувајќи дека по неа ќе следуваат и други интерпелации конкретно споменувајќи за министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Интерпелацијата како инструмент за барање политичка одговорност од министер, влада или премиер досега не се покажа како начин за уривање од власт на некој во Македонија. И за самиот Димитров ВМРО-ДПМНЕ досега поднесуваше интерпелација два пати, во 2017 и во 2019 година, но тие поминаа неуспешно.
Видете и ова: Мицкоски бара експертска влада и избори напролетКржаловски вели дека со оваа интерпелација за Димитров опозицијата ќе добие можност во Собранието да дебатира и за спорот со Бугарија, нешто што досега и покрај обидите не е и успеваше.
„Очигледно дека и власта избегнува дискусија за бугарското прашање, што мислам дека е катастрофа во Собрание да не се расправа за вакво многу битно прашање, па интерпелацијата ја гледам како можност, сепак за тоа да се расправа во Собранието“ , вели Кржаловски.
Според него, има доста теми на кои ВМРО-ДПМНЕ треба да се концетрира како на пример големата смртност од коронавирусот во земјава, за чие справување власта и инсистираше на избори, но по нив вели Кржаловски не се снаоѓа добро.
„Причини има и други, веќе сме во рецесија, но не се гледа јасен план или концентрација на некое прашање, ниту пак премногу организиран напор тоа и навистина да се случи“, вели Кржаловски.
Протести има па нема
Инаку, прво кон крајот на минатиот месец Мицкоски најави дека ќе поднесат интерпелација за целата влада предводена од Заев. Опозицискиот лидер рече дека цени оти сите порази кои се случуваат на македонската политичка сцена треба да кулминираат со една постапка во Собрание каде ВМРО-ДПМНЕ заедно со другите опозицскии партии ќе побара дебата за работата на Владата после стоте дена и дека треба да се расправа за доверба на владата.
Видете и ова: Протест на ВМРО-ДПМНЕ: Заев да не ги продава државата и историјатаВМРО-ДПМНЕ организираше протести и во септември, неколку дена по изборот на новата влада на Заев. Протестираа на различни теми, како на пример, против поскапувањето на струјата, правосудниот систем, за заштита на револуционерот Гоце Делчев во преговорите со Бугарија и други прашања.
Потоа престанаа со протестите, но излегоа повторно на улиците по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС дадено минатиот месец кое предизвика силни реакции во целото општество. Од минатата недела, откога стана извесно дека Бугарија ќе ја блокира Македонија, челниците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека власта се повлекла поради народот кој излегол на улица и засега престанаа со протестите.