Македонските државјани кои немаат здравствено осигурување и странците кои ќе сакаат да се лекуваат во земјава ќе плаќаат иста цена, соопшти на 9 јуни Министерството за здравство.
Денешното појаснување дојде по изјавата на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој на 7 јуни рече дека ќе се нивелираат цените за граѓаните од Косово и од Албанија, кои ќе користат здравствени услуги во јавното здравство во Северна Македонија.
„Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, рече Фатмир Меџити на 7 јуни.
Видете и ова: Термин на приватно или со врски ?Тој рече и дека нема да се застане на ова, туку ќе побара билатерална соработка и со Србија и Грција.
Изјавата на Меџити во јавноста беше протолкувана дека граѓаните од соседните земји ќе се лекуваат бесплатно во Македонија, што наиде на осуда.
По што стигна појаснувањето од Министерството за здравство дека нема да се изедначуваат цените за здравствени услуги за странските државјани и осигурените државјани на Северна Македонија.
„Граѓаните кои плаќаат здравствено осигурување во никој случај нема да бидат на каков било начин во подредена состојба да им го плаќаат данокот на странците, државјаните секако партиципација ќе си плаќаат, односно ќе плаќаат поевтино“, велат од Министерството во соопштението од 9 јуни.
Околу 90 проценти од граѓаните во земјава се здравствено осигурени и за најголем дел од услугите во јавното здравство или популарно наречено за лекување на државно плаќаат само партиципација.
Оние пак околу 10 проценти од граѓаните на Северна Македонија, кои не се здравствено осигурени, за на лекар си плаќаат приватно.
На пример ако некоја здравствена услуга во државна болница чини 60 илјади денари ( околу 1000 евра), тој што има здравствено осигурување ќе плати партиципација од 6000 денари (околу 100 евра). Граѓаните од Македонија кои немаат здравствено осигурување ќе треба да си платат цела сума од 60 илјади денари. Според новата одлука на Министерството за здравство, сега граѓаните од странство кои ќе сакааат да се лекуваат во земјава, ќе плаќаат исто колку што плаќаат македонските граѓани кои немаат здравствено осигурување.
Видете и ова: Кој е приоритетен меѓу приоритетните за вакцина?Од Министерството велат дека сите клиники и институтите се известени да ги усогласат ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на РСМ кои се неосигурени и плаќаат приватно.
„Со оваа промена на странските државјани се дава право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што се промовира јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава конкурентна на пазарот на трудот“, стои во соопштението на Министерството за здравство.
Здравствено осигурување во земјава имаат луѓето кои се во работен однос и одвојуваат пари од својата месечна плата кои одат за задолжително здравствено осигурување. Освен лицето кое е носител на осигурувањето, на негово име може да бидат осигурени и членови на блиско семејство, сопружник и деца.
Здравствено осигурување имаат и пензионерите.
А државата, здравствено осигурува и лица, кои не се вработени, како на пример лица со попреченост кои не може да работат, приматели на социјална помош, луѓе кои имаат приходи под минималната плата, бегалци, баратели на азил, жртви на семејно насилство, на трговија со луѓе, воени ветерани.
Највисок процент од своите примања за здравствено осигурување плаќаат пензионерите(13 проценти), вработените плаќаат осум проценти, тие со ниски примања 5,4 проценти, а земјоделците - 7,5 проценти. За социјалните категории и за воените ветерани осигурувањето го плаќа Министерството за труд и социјална политика, а за луѓето со ниски примања и за тие што се на родителско отсуство, Министерството за здравство. За затворениците плаќа Управата за извршување санкции. Значи сите тие може да користат здравствени услуги и за платат само партиципација.
Има и граѓани кои немаа здравствено осигурување, како на пример лица без редовно вработување и они кои работат на договор на дело и не плаќаат придонеси. Тие имаат право на бесплатна итна медицинска помош и на задолжителна вакцинација. За останатите услуги си плаќаат приватно и во јавните здравствени установи.