Страднер: Руското влијание и ескалацијата меѓу Србија и Косово

Блокади Косово

Ситуацијата на северот на Косово, за разлика од порано, може да ескалира поради дополнителни провокации, како од Белград, така и поради руското влијание, изјави во интервју за РСЕ Ивана Страднер, научен соработник во Фондацијата за одбрана на демократијата во Вашингтон. Беким Бислими.

Страднер вели дека НАТО треба да користи реторика за да им даде до знаење на Србија и Русија дека тоа „не е играчка“. Според неа, Русија со своите потези сака да го испровоцира НАТО.

„Русија, за да го дестабилизира Западот, не мора да турка тенкови кон Вашингтон или Брисел, туку доволно е да создаде нови жаришта, за тежината на концентрацијата целосно да се префрли во други правци. И не станува само за Косово“, вели Страднер за РСЕ.

Ивана Страднер

Според Страднер, Русија никогаш не инвестирала само во една партија или еден човек, а истото се случило и во Србија: „Русија влијае и врз актуелната влада, на СНС (Српската напредна партија на Александар Вучиќ) и врз опозицијата, која многу често јасно ги изразува своите руски ставови“. Според неа, ескалацијата на конфликтот е една од воените стратегии на Русија со цел да се позиционира како посредник.

Така е и во случајот со Косово, оценува Страднер: „Влезот на Русија како посредник, во ниту еден момент, нема да биде прифатлив за Косово. Но, таа сака да се етаблира како посредник, да се обиде да го реши овој конфликт заедно со Америка и Европската унија, што секако нема да се случи“, вели Страднер, додавајќи дека таканаречениот француско-германски план за нормализација на односите Косово-Србија е тежок за Србија и дека Вучиќ нема да го прифати.

РСЕ: Госпоѓо Страднер, во последните денови бевме сведоци на зголемување на тензиите меѓу Косово и Србија поради ситуацијата на северот на Косово. Колку мислите дека оваа ситуација е опасна?

Страднер: За разлика од претходните времиња, гледам доста голем притисок од Русија, што ја поткопува конкретната ситуација. Мислам и дека во овој момент не треба набрзина да зборуваме за војна. Но, мислам дека е исто така многу важно оваа ситуација да се гледа како сериозна, бидејќи за разлика од претходните времиња кога се „ескалира“ за да се „деескалира“, мислам дека треба да се почека до крајот на неделата и види како ќе оди средбата со Соединетите држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) и во која насока. Така може да имаме попрецизна прогноза по четврток.

Видете и ова: Вучиќ: Владата в четврток ќе донесе одлука за испраќање барање до Кфор


РСЕ: Во последните денови имаше напади врз припадници на ЕУЛЕКС и на косовската полиција. Всушност, еден полицаец е повреден од огнено оружје. Србите поставија барикади на неколку патишта на северот, додека одредени лица беа видени како одат маскирани и вооружени. Колку е реална можноста за вооружен конфликт на северот на Косово? Ја видовме и изјавата на рускиот амбасадор во Србија, кој вели дека ситуацијата на Косово е многу опасна и дека може да дојде до конфликт.

Страднер: Токму така. Како што кажав, ова е многу поголема ескалација на проблемот во однос на претходните. Затоа треба да се посвети посебно внимание на сите овие детали и се согласувам со она што го кажа за амбасадорот (на Русија во Белград, Александар Боцан-Харченко), кој го спомна своето гледање на работите и токму тоа се обидувам да го напоменам дека за разлика од претходните времиња овие се поголеми ескалации.

РСЕ: Сепак, досега не сме слушнале како рускиот амбасадор да дава такви конкретни изјави.

Страднер: Апсолутно. Како некој што ги следи руските медиуми и руското влијание на Балканот, досега не сум слушнала ваква реторика. И претходните пати отворено кажуваа дека тоа е само провокација, дека е само блефирање и дека воопшто нема да има конфликт. Рускиот Телеграм овојпат навистина се распали и зборува за можност за конфликт во сите правци.

Видете и ова: Брнабиќ: Србија може да изгуби многу поради кризата на Косово

Интересно е што тоа не се само обични тролови и ботови, туку дека, ако можам да кажам така, тоа се сериозни руски канали, вклучувајќи го и Константин Малофејев (руски олигарх), кој изјави дека стои зад Србија, дека стои до Вучиќ, дека се држат заедно, дека Русите се таму и дека Косово е Србија. Да не зборуваме за некои други сајтови поврзани со Вагнер групацијата, кои отворено повикуваат на конфликт. Исто така, зборуваат за тоа како Србија и српските власти не се доволно патриотски и дека треба многу поагресивно да го бранат Косово. И токму тоа е причината поради која сум загрижена дека ова може да ескалира поради дополнителни провокации, како од Белград, така и поради надворешни влијанија.

„НАТО не е играчка“

РСЕ: Косовските власти го зголемија полициското присуство на северот на земјата. Србија го гледа тоа како закана за српската заедница што живее таму. Српските власти изјавија дека ќе побараат од КФОР да врати на Косово околу 1.000 припадници на српските сили. Што всушност значат овие иницијативи кои доаѓаат од Србија?

Страднер: Минатиот пат, рече КФОР, а и НАТО отворено изјави дека во случај на конфликт, ќе реагираат. Мислам дека тоа е чекор во вистинската насока и дека овој пат мора да ја направат апсолутно истата реторика за да покажат дека НАТО не е играчка. Затоа што токму тоа сака да го покаже Русија - да го предизвика НАТО преку провокација и да покаже дека НАТО блефира. Од друга страна, за КФОР и за Србија која бара да испрати војска, не знам како ќе реагира КФОР.

Видете и ова: Ескобар за РСЕ: САД категорично го отфрлаат враќањето на српските сили на Косово

Но, тоа не е толку важно колку што е важно претседателот Вучиќ да има алиби пред своите граѓани и да вели „Дадов сè, пробав сè“. Оваа одлука на Вучиќ е да ја стави топката во полето на НАТО, за НАТО да реагира и да биде во дефанзива, а претседателот Вучиќ да има алиби пред својот народ да каже „Се обидов, но не успеа“. На оваа конкретна ситуација треба да гледаме од неколку агли. Значи, да видиме која порака се испраќа до српскиот народ, која се испраќа до Запад и која се испраќа до Русија.

Во моментов, ако се погледнат пораките што доаѓаат од Белград, од една страна пораката е „Се обидувам да направам се за да го зачувам мирот“, а од друга страна пораката е „испраќаме војска“. Значи тоа се различни пораки за различни групи.

На Русија и одговара да создаде нови жаришта

РСЕ: Сепак, српските власти нагласија дека косовската страна се обидува да го исчисти северот од Србите. Властите во Косово оценија дека дејствијата на Србија се насочени кон дестабилизација и де факто поделба на државата Косово и дека овие дејствија имаат како геополитичка позадина руско влијание. Дали овие проценки имаат реална основа?

Страднер: Видов што објавија српските весници на оваа тема. Не бев изненадена, бидејќи токму тоа е агресивната реторика која трае со недели, можеби и со месеци. Се согласувам дека овде има исклучително целосно руско влијание. Во меѓувреме, за да се најде причината, мора да се запрашаме зошто конфликтот на Балканот и одговара на Русија.

Од една страна, ако се погледне Русија, таа го искористи Косово како преседан за да ја оправда својата интервенција во Украина. Таа го направи тоа не само еднаш, туку неколку пати, од различни причини. Но, има нешто геополитичко што е многу поважно. Со оглед на тоа што Русија губи во Украина, бидејќи нејзините воени капацитети стануваат се послаби, тоа навистина не е важно бидејќи нејзината воена доктрина се заснова на хибридно војување.

Видете и ова: Дали руската паравоена група Вагнер ќе помогне доколку има „конфликт на Косово“

Русија, за да го дестабилизира Западот, не мора да турка тенкови кон Вашингтон или Брисел, туку доволно е да создаде нови фокусни точки, за тежината на концентрацијата целосно да се префрли во други правци. И не се работи само за Косово. Погледнете што се случува со Азербејџан и Ерменија, погледнете ја постојната криза со храна во Африка и дополнителната дестабилизација што може да се прошири како бегалската криза во Европа. Погледнете што се случува со пропагандата поврзана со гасот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тензии и блокадите на северот на Косово продолжуваат

Значи, ова е само еден дел од многу поголемата стратегија на Москва од онаа што се однесува само на Косово. Треба да се гледа холистички. Дали Москва ќе и помогне на Србија - во смисла на туркање тенкови во Белград или испраќање дополнително оружје - во овој момент не е можно. Но, пак велам дека тоа не е ни важно, бидејќи Русија неодамна ја отвори својата пропагандна машинерија, како што е РТ (Русија денес), го отвори Спутник кој работи, има Вагнер центар кој е отворен. Затоа, сето тоа придонесува за нов интензитет на хибридната војна на Балканот. Дали ќе биде сериозен конфликт или не, во моментов не можам да кажам. Но, можам со сигурност да кажам дека ова е продолжение на сериозна информативна војна и хибридна војна која служи за дестабилизација на остатокот од Европа.

Конкретно руско присуство на северот на Косово

РСЕ: Дали забележавте дали има конкретно руско влијание врз настаните на северот на Косово?

Страднер: Апсолутно. Ако ја погледнете групата Вагнер и какви пораки испраќаат нивните канали на Телеграм, тоа е апсолутно еден од доказите за нивната информативна војна. Да не зборуваме за нивниот центар во Ниш и активностите што ги имаат таму. Исто така, да не зборуваме за испорака на оружје (во Србија) во изминатите неколку години. Затоа, дополнителните тензии што тие ги предизвикуваат се голем сигнал за дестабилизација. Да не зборуваме за фактот дека дури и рускиот амбасадор во Србија отворено кажа дека ова е чекор кон вооружен конфликт.

Русија со влијание врз српската влада и опозиција

РСЕ: Какво е руското влијание врз односите во владата во Србија и колку се задржува тоа влијание врз регионалните настани?

Страднер: Русија никогаш не инвестирала само во една партија или во една личност. Ова се случува и во Србија. Таа влијае и врз актуелната влада, СНС (Српската напредна партија на Александар Вучиќ), и врз опозицијата, која многу често јасно ги изразува своите руски ставови.

Гледате дека токму Александар Вулин е избран за директор на БИА (Безбедносно-информативна агенција на Србија). Да не зборуваме за неговиот однос со Русија и документите што му ги достави на секретарот на Советот за безбедност на Русија, Никола Патрушев, ставајќи ја опозицијата во Русија во многу незавидна ситуација, пред неколку месеци. Сето ова кажува колку е ова големо и колку долго трае.

Видете и ова: Руската инвазија врз Украина го зголеми интересот на ЕУ за Западниот Балкан

Сега, поради војната во Украина, многу луѓе почнаа да обрнуваат внимание на она што се случува на Балканот. Но, ова не е ништо ново. Ова трае со години. Нивните инвестиции во медиумите, во енергетскиот сектор, во спортот се се она што го направија во последните години - можам слободно да кажам од 2014 година наваму.

РСЕ: Можете ли да објасните што испорача Вулин во Русија?
Страднер: Руската опозиција имаше средба во Белград. Вулин му ги доставил на Патрушев стенограмите од таа средба кога се сретнал со него. Тоа беше пред неколку месеци.

Русија сака улога на посредник

РСЕ: Кремљ на 12 декември преку портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова повика на дипломатско решение на тензиите на северот на Косово. Сепак, Захарова рече дека Москва ќе продолжи да му помага на Белград, како што рече, да ги заштити легитимните национални интереси поврзани со Косово. Дали мислите дека има дипломатско решение доколку Москва продолжи да му помага на Белград?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест на националисти во Белград за подршка на Србите на Косово


Страднер: Една од воените стратегии на Русија е токму ескалацијата на конфликтот, со цел да се позиционира како посредник. Имаме можност да го видиме тоа во тамошниот регион. На пример, како една од стратегиите можеме да го земеме конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија. Влегувањето на Русија како посредник во ниту еден момент нема да биде прифатливо за Косово.

Но, таа сака да се етаблира како посредник, да се обиде да го реши овој конфликт заедно со Америка и Европската унија, што секако нема да се случи. Тоа нема да биде прифатливо ниту за Белград, а порпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков отворено кажа дека Вучиќ не барал помош од Русија.

Дали Србија ќе го прифати француско-германскиот предлог?

РСЕ: Тензиите на северот на Косово, но и меѓу Косово и Србија, очигледно се зголемија токму во моментот кога Европската унија им го достави на властите во Косово и Србија ажурираниот текст на т.н. Француско-германски план за нормализација на односите. Дали гледате врска помеѓу тие две работи?

Страднер: Не можам да најдам конкретна поврзаност во тоа и дали француско-германскиот предлог конкретно ја довел оваа ситуација. Оваа ситуација ја гледам како континуиран процес, бидејќи можеме да кажеме дека така беше и со претходниот предлог. Секој пат пред состаноците на ЕУ или САД се случува нешто што влијае на ескалацијата. Но како и да е, прочитав за конкретниот план. Тоа е доста интересно, бидејќи во него се вели дека Косово и Србија треба да најдат решение исклучиво по мирни средства и да се воздржат од закани и употреба на насилство. Тоа се сосема општи работи, но она што е интересно е поврзано со влезот на Косово во меѓународните организации.

Видете и ова: Започна со работа „Russia Today“ на српски јазик

Секако, ова во моментов и е тешко на Србија и нема да го прифати, за што зборуваше и претседателот Вучиќ. Тој додаде дека Србија нема дополнително да биде понижена и принудена формално да го признае Косово. Но, во тој момент порача и дека мора да се најде решение, бидејќи Србија е на европскиот пат. Морам да кажам дека Србија е на европскиот пат, но не сум толку сигурна дека влезот во ЕУ е целта, бидејќи на сегашната влада повеќе и одговараат грантови и дополнителна економска помош за Србија отколку влез, бидејќи влезот во ЕУ би значи прилагодување на институцијата владеење на правото.

Едноставно, во хибриден режим, каков што е моментално Србија, такво нешто не би било доволно. Да се вратам конкретно на темата на француско-германскиот план. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата по средбата со ЕУ. Но, не верувам дека на Србија ќе и биде толку лесно да го поддржи целосниот влез на Косово во меѓународните организации, вклучително и Обединетите нации, бидејќи тоа би значело признавање на Косово во овој момент. Ова не и одговара ниту на Србија, ниту на Русија. Европската унија мора да разбере дека на Србија мора да и се постават некои граници. Дали тоа ќе биде помала финансиска помош или други дополнителни мерки. Србија се уште нема воведено санкции против Русија.

Затоа, не е доволно ЕУ само да лансира таков план и да мисли дека прашањето ќе се реши. Да потсетиме, пред неколку недели шефот на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел отворено рече дека се надева оти ова е крај на интензивните ситуации меѓу Косово и Србија. Не поминаа ни неколку недели и сега веќе сме на работ, како што рече рускиот амбасадор, на работ на конфликт.