Стопанството дише „на шкрги“, секоја трета фирма бара помош

Работници во ќебапчилница во Скопје работат со заштитна опрема во време на коронавирус

Секоја трета фирма во земјата побарала помош од државата за да исплати плата. Од околу 21 илјади компании, една четвртина се од најпогодените сектори, што зборува дека и другите дејности се зафатени од кризата. Помошта кон стопанството треба да биде поголема, велат економистите.

Речиси секоја трета компанија во земјата побарала државна помош за исплата на плати за април. Повеќе од 21 илјади компании ќе добијат по минимална плата (14.500 денари) за вработен, како дел од антикризните мерки за ублажување на последиците од коронавирусот. Околу 5000 од овие фирми се од дејностите угостителство, туризам и транспорт, кои беа посочени како најпогодени од кризата предизвикана од вирусот.

Последните податоци на Заводот за статистика, кои се однесуваат на 2019, покажуваат дека во земјава има скоро 76 илјади активни фирми. Најголем дел од нив, околу 80 отсто се фирми со од 1 до 9 вработени.

Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека поголем дел од фирмите се пријавиле за државна помош, како што вели, не затоа што толку им треба, туку за да ги искористат поволностите кои им се нудат.

„Кризата нè погоди сите, и како луѓе и како претпријатија, и стопанството многу ќе страда. Идниот пакет на мерки многу ќе зависи и од тоа до кога ќе трае кризата, до кога ќе траат мерките итн. Во секој случај, на претпријатијата во вакви кризни состојби треба да им се помага, а секогаш ќе има некои кои се незадоволни, некои помалку или повеќе задоволни, но ако државата има средства, треба да им се помага“, вели таа.

Видете и ова: Буџетот покус за 50 милиони евра, потребна поголема помош за стопанството

Владата како мерка за справување со последиците од кризата врз економијата во два наврати одобри и бескаматни кредити за фирмите со вкупен износ од околу 13 милиони евра. Од линијата Ковид 1 се одобрени кредити за 738 компании со 6524 вработени. Износот на овие кредити изнесува 5,5 милиони евра. Најголем дел од нив, односно околу 77 проценти се за микро компании до 10 вработени. Од одобрените кредити, 21 отсто се за малите компании до 50 вработени, а околу два отсто од кредитите се за компаниите кои имаат над 250 вработени.

За втората линија бескаматни кредити – Ковид 2, се примени околу 2.500 апликации. Повикот трае до 13 мај.

Се подготвува и нов сет мерки. Од владејачкиот СДСМ посочија дека со новите мерки ќе се даде директна поддршка за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, насочени кон реконструирање и заживување на македонската економија.

Спасовски најавува нов пакет економски антикорона мерки

ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека СДСМ само се фали со успешноста на мерките, додека граѓаните не знаат како да го поминат месецот, а стопанствениците мака мачат со зголемените давачки кон државата.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на официјалниот Фејсбук профил напиша дека доаѓа периодот за опоравување на економијата, а со него и потребата за нови мерки кои ќе бидат катализатор за побрзо враќање во нормала.

„Се зборува за повеќе мерки, во главно насочени кон: поттикнување на приватната потрошувачка, со акцент на домашната понуда за поттикнување и помагање на одредени сектори и индустрии, поддршка на нови процеси и технологии за зголемување на конкурентноста на домашните компании“, напиша министерката на Фејсбук.

Видете и ова: Губење работа во корона-кризата и брзо опоравување по неа

Таа пишува дека од особено значење за амортизирање на економскиот удар е и подобра реализација на капиталните инвестиции, а реализацијата на капитални расходи заклучно април е за 15 проценти повисока од лани, не сметајќи ја реализацијата на Јавното претпријатие за државни патишта, кое исто така има одлична реализација, пишува таа.

Професор Зарезанкова - Потевска вели дека новите мерки треба да се насочени кој зголемување на потрошувачката.

„Кога ќе олабават мерките луѓето ќе се вратат на секојдневниот живот ќе има поголема побарувачка, со тоа и поголемо производство, но факт е дека нема да биде сè исто, бидејќи извозните активност ќе бидат намалени, ќе треба време да се обноват сите договори, да се отворат пазарите, значи ќе требаат мерки во секој случај. Прво потрошувачката е многу важно да се зајакне и да се зголеми, а потоа и она што претпријатијата го бараат најмногу, а нив најмногу им треба свеж капитал. Мислам дека сега тие не мислат за инвестициски развој, во прашање е опстанокот на компаниите“, вели таа.

Претседателката на Сојузот на Стопански комори, Данела Арсовска во колумна наведува дека пакетот за економски спас не е доволен, ниту доволно брзо достапен за да создаде услови за навремено закрепнување.

„Но, кога ќе се креира новиот економски пакет би било добро да се има предвид дека во оваа криза поголем проблем е понудата отколку побарувачката. Во услови кога се соочуваме со намалена понуда поради рестриктивните мерки за заштита, треба да се креираат нови решенија како одговор, а тоа е стимул на приватниот сектор со директни финансиски инјекции“, пишуваа таа.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека помошта кон стопанството треба да биде многу поголема.

„Мислам дека ова е премалку за справување на државата со оваа криза, затоа што ние имаме најмал процент во соодносот на владината помош како процент од БДП во споредба со другите држави. Ако остане на тоа, тогаш мислам дека ќе имаме големо отпуштање вработени, ќе се намали конкурентната предност на приватниот сектор на регионалните пазари и на крај целиот товар ќе падне на граѓанинот, кој на крај ќе плати повисоки цени како резултат на немањето стратегија на државата“, вели Адеми.

Работничките права „жртва“ на коронавирусот

Владата прво одлучи помош да добиваат фирмите што нема да отпуштат вработени, па потоа дека ќе може да отпуштат до 15 отсто од вработените, за по силните реакции во јавноста повторно да се пишмани и помош да им следува само на тие фирми што ќе ги задржат вработените.