Македонија ќе потроши околу 900 милиони евра за модернизација и опремување на армијата во периодот 2019 – 2032 година, соопшти министерката за одбрана Славјанка Петровска. Сумата не е фиксна, туку се работи за проценка за трошоци во наредните години. Со тоа старото советско и југословенско оружје постепено ќе се заменува со нови системи од западно производство.
Видете и ова: Како земјите од Западен Балкан ѝ помогнаа на УкраинаМеѓу најзначајните набавки е купувањето на 8 повеќенаменски воени хеликоптери од западно производство, кои ќе ги заменат 12-те хеликоптери Ми-24 кои ѝ беа донирани на Украина, а кои со години не беа во функција. Ова ќе биде најголема набавка на воена опрема од конфликтот во 2001 година.
„Армијата се трансформира, армијата се модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години стои само како бројка, а всушност е истечен ресурс“, вели Петровска.
Досега има пристигнато 5 понуди од САД, Канада, Италија, Германија и Франција, по што треба да се донесе одлука какви хеликоптери ќе се набават. Според сегашните проценки, тие треба да чинат 214 милиони евра, но со оглед на тоа што цените на воената опрема и оружјето растат, до склучувањето на договорот, таа цена може да биде и повисока.
Голем дел од овие набавки нема да бидат со буџетски пари, туку со помош од сојузниците од НАТО, пред сè од САД.
„САД за само една година одобрија и го поддржаа опремувањето и модернизацијата на македонската армија со над 135 милиони долари, меѓутоа веќе имаме најава и од наши други стратешки и сојузнички партнери, и од Обединетото Кралство, и од Германија, и од Норвешка, така што сме во постојана комуникација“, рече Петровска.
Целото ново оружје и опрема што се набавува следува и со обука за користење и одржување.
Македонската армија во иднина нема предвидено тенковски единици, а воздухопловните сили ќе се фокусираат на хеликоптерски единици и противвоздушна одбрана.
Видете и ова: Радев одби да испрати борбени авиони и тенкови од советската ера во УкраинаНаместо тенкови, Македонија веќе склучи договори за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLIV и оклопни транспортери Страјкер од САД, како и лесни оклопни возила од Турција, а набавува и противоклопни системи Џавелин, хаубици Боран од Турција, противвоздушен систем Мистрал 3 од Франција, како и други видови опрема.
Два од шесте транспортни хеликоптери Ми-8 треба да бидат однесени на ремонт во Чешка.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал Васко Ѓурчиновски рече дека се прават анализи и за набавка на беспилотни летала.
Македонија на Украина ѝ донираше тенкови од советско производство Т-72, воени авиони Су-25 и хеликоптери Ми-24. Ѓурчиновски вели дека во целост стои зад овие одлуки. Тоа со ништо не ја наруши борбената готовност на армијата, рече тој.
„Се ослободивме од источно вооружување и опрема, кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилноста со нашите сојузници во НАТО, каде што сме сега рамноправни членки“, рече тој.
Македонија беше првата земја која соопшти дека ѝ донирала воени авиони на Украина. Во министерството велат дека целото донирано вооружување за одбрана од руската агресија во Украина чини меѓу 24 и 30 милиони евра, а помошта за модернизација на армијата од САД само годинава била неколкукратно повисока.