Пoкрај големиот пад на бруто домашниот производ во второто тромесечије, големиот број изгубени работни места и намалените плати кај дел од работната сила, претходниот месец се зголемиле и трошоците за живот на едно четиричлено семејство. Последните податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)покажуваат дека потребите на едно домаќинство за храна, пијалаци, домување, хигиена, превоз, облека, обувки изнесувале 33.538 денари во август годинава.
Најголем дел од средствата се трошеле на исхрана и пијалаци, потребите за домување изнесувале 32,14 отсто, за хигиена според минималната синдикална кошница, биле потребни 2.366 денари, за превоз 2.466 денари, за облека и обувки 2.118 денари. За култура во август едно домаќинство одвоило 3,18 отсто, а за одржување на здравјето 2,14 отсто. Од друга страна пак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни 2020 година, изнесува 26.867 денари.
Трошоците на живот во август 2020 година пораснале за 0,5 отсто, додека цените на мало минатиот месец биле зголемени за 0,8 отсто. Главна причина за порастот на трошоците на живот е токму зголемувањето на цената на електричната енергија, поради што деновиве се одржувааат и протести. Индексот на трошоците на животот во август 2020 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.5, а индексот на цените на мало изнесува 100.8 во споредба со јули 2020 година.
Дел од граѓаните кои ги прашавме велат дека и досега тешко врзувале крај со крај за да го поминат месецов, а очекуваат потешки денови поради последиците од пандемијата.
„Имам 38 години стаж, а моментално сум невработен. Со две деца, исто така невработени. Многу тешко живеам“, вели Трајко од Скопје.
„Да крпиш одвај, дали за вода, дали за струја, за што попрво, не стигнуваат“, се жали пензионерката Вера.
„Тешко на тој што не работи. Може да се каже дека ако двајцата сопружници работат, може да се издржи месецот, така за еден скромен живот“, вели еден млад скопјанец.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Од година на година, од ден во ден се полошо е, барем за моето семејство“, револтиран е Миле, вработен во приватна фирма. „Ако почнат да поскапуваат некои работи, треба да се зголемува и стандардот, зошто во спротивно сите ќе почувствуваме последици на свој грб“, смета Петар од Скопје.
Зголемувања на цените има и на светско ниво. Цените на храната повторно се зголемија и на светските пазари во август, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на пандемијата во февруари, како резултат на зголемената побарувачка и послабиот долар, објави деновиве Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Дека не само месецов, туку и годината до крај ќе биде многу тешка, потврдуваат и од Стопанската комора на Северозападна Македонија од каде истакнуваат дека многу компании претрпеле големи економски штети. Загубите од 80 до 90 проценти во некои сектори, влијаеле и на куповната моќ и пошироката потрошувачка во земјава, велат од комората. Од таму упатуваат апел до владата да продолжи со субвенционирање на платите до крајот на октомври, а ако пандемијата продолжи и до крај на годината, а од друга страна, кредитите со минимална каматна стапка од Банката за развој да продолжат за компаниите кои може да придонесат до развој на економијата.
Видете и ова: Потрошувачката кошничка подолга од „чергата“ на граѓанитеЕкономскиот аналитичар Арбен Халили вели пристојниот живот на едно четиричлено семејство, доаѓа преку зголемување на просечната македонска плата.
„Ако очекуваме со 20 000 денари едно четиричлено семејство да живее, тоа е една мачна желба и нарушување на достоинството на луѓето. Зголемувањето на трошоците на месечно ниво укажува на тоа дека нашите граѓани не само што не се во состојба да ги исполнуваат минималните потреби, а најмалку со платата што сега ја зимаат би можеле да се посветат и на зачувување на здравјето“, вели Халили.
Стручната јавност смета дека следниот период приоритет на Владата мора да бидат економските мерки, бидејќи дел од компаниите кои претрпеле штети веќе се на „црвената линија“, односно во ризик да станат неликвидни. Најголемиот удар на корона-кризата се случи во второто тримесечије од годинава, кога имаше делумно затворање на економијата, но во втората половина од годинава состојбата почна да се стабилизира.
Премиерот Зоран Заев најави стабилност и предвидливост во следниот период и нови мерки за стопанството и за граѓаните. Тој рече дека поради кризата со коронавирусот бројот на отпуштени работници неприродно стасал до 30 илјади, но не и до 140 илјади, како што имало некои информаци. Тој потенцираше дека секое работно место е важно и дека Владата знае како треба да работи на тоа поле.
За време на кризата, Владата донесе три сета на мерки за помош на компаниите и граѓаните да ја пребродат кризата во вредност од 500 милиони евра, но податоците на Министерството за финансии покажуваат дека досега биле искористени помалку од една третина од нив, односно околу 165 милиони евра. Мерките вклучуваа помош за фирмите за исплата на минимална плата за вработените, помош за оние кои изгубиле работа поради корона-кризата, бескаматни и евтини кредити за компаниите, одложување на плаќањето на ратите за кредит за граѓаните и фирмите, платежни картички за домашни производи за невработени и луѓе со ниски примања, помош за млади, како и ваучери за туризам за вработените со мали плати.