Станбена узурпација на центарот на Скопје

Буњаковец, наместо гостилница и куќа, просторот пополнет со две згради

На парцела од 100 метри квадратни во самото срце на главниот град се гради зграда, во основа на 70 метри квадратни. Мајсторите на улицата Киро Крстевски Платник вредно работат и повеќе нема траги од гостилницата која сега ќе биде заменета со зграда од приземје, четири ката и поткровје.

Гостилница и куќа заменети со две згради

И куќата до гостилницата ја снајде истата судбина, па истовремено таму никнува уште еден станбен објект. Овој на парцела од 170 метри квадратни.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гостилница и куќа заменети со две згради

На неколку метри оддалеченост на улицата Коста Шахов позади студентскиот дом Кузман исто така уште една куќа заминала во историјата. На максимална површина за градба од 100 квадрати, а на парцела од 200 квадрати ќе има уште една зграда.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наместо куќа зграда

Ова се дел од примерите како центарот на Скопје постојано го менува својот лик и се претвори во бетонска џунгла, а инвеститорите го користат секој преостанат слободен простор.

Ако некогаш важеше каде што ќе најдеш згодно место, ти дрво посади, денес важи ти зграда посади, особено во централното градско подрачје на Скопје, каде е повеќе од видлива узурпацијата на просторот и непочитувањето на ниту едно урбанистичко правило, вели Емица Налбантиќ, жителка на улицата.

„Чисто лудило е да изградиш нова зграда непосредно под прозорците и балконите на друга, при што станарите на старата зграда или старата куќа се лишуваат од сончевата светлина, од нивната приватност и мир, од можноста да имаат нормална комуникација во населбата каде живеат. Без пристапни патеки, директно на тротоар, без доволно паркинг места, без простор меѓу зградите,“ вели Налбантиќ.

Во истиот реон на улицата Стефан Јакимов Дедов на две семејни куќи друштво сега ќе им прават повеќе соседи, бидејќи и таму се гради нов станбен објект.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

На две куќи друштво ќе им прави нова зграда

Мортаториумот укинат, урбанистичките планови не се ревидирани

Во Деталниот урбанистички план Буњаковец 1 овие згради се исцртани, а откако Уставниот суд донесе одлука да го укине „мораториумот“ за градба на општина Центар, на инвеститорите им се отвори пат да добијат дозволи за градба.

„Имаме инвеститори кои не бираат средства да направат профит, архитекти кои на сила сакаат да избилдаат кариера и да направат профит, сопственици на локации чии заложници сме со години, кои што врз основа на своите трошни куќи сакаат да добијат што е можно повеќе квадрати и настанува општ хаос, кој што на некој начин општината со мораториумот се обиде да го спречи“, вели поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ која додава дека и е жал што единствената општина која со мораторумот се обиде да стави крај на урбаното дивеење не успеа во тоа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

На секој празен простор во Центар, никнуваат згради

Идејата на мораториумот беше да нема концентрација на инвеститорите во мал простор и да може рамномерно да се развива центарот на градот. Но, спорните планови останаа неревидирани и резултатот е „начичкани објекти“.

„Она што уште повеќе лути е што таквите градежници и власта се глуви на реакциите на граѓаните и што сето ова го оправдуваат со донесени одлуки, при тоа знаејќи дека таквите одлуки не се донесени врз урбанистичките правила и се незаконски. Затоа градоначалниците на денешницата не се повеќе татковци на градот, туку зградоначалници“, вели Налбантиќ.

Само една лента која е поставена на влезот на преостанатиот слободен простор позади Дом на градежници е показател дека пристапот е забранет. Иако таму нема градежни активности, според урбанистичкиот план Голем Ринг Запад, предвидени се две згради за кои се издадени одобренија за градба.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Две нови згради позади Дом на Градежници

Поранешниот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ го воведе мораториумот. Пред неговото заминување, односно два месеци пред да ја напушти функцијата од општина Центар биле издадени 18 одобренија за згради во Буњаковец, Капиштец, горно и долно Водно и во Маџир Маало.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нова висококатница спроти Цветен пазар

Урбанистите, односно урбанистичките планови ги направија проблемите во градот и треба да се ревидират плановите со стручни лица, вели Раѓеновиќ.

„Мора да се направат квалитетни урбанистички планови кои ќе бидат во согласност со ГУП-от, затоа што градењето не смее да сопре, но мора да биде во согласност со сите стандарди и прописи“, додава таа.

За Налбантиќ проблематично е што станбената урбанизација влијае и на животната средина.

„Се сечат повеќедецениски дрва, се уништува и најмалата зелена површина за да се задоволат финаниските апетити на оние што градат, а на кои ништо не им е важно - ниту луѓето, ниту нормалното функционирање на градот кој се нагрдува, а во кој, поради ваквите градби, сѐ повеќе имаме загаден воздух и сѐ поголеми температури“, додава таа.

Центар рекордер по одобренија и објекти

РСЕ и претходно пишуваше дека најмногу одобренија за градби на деловни субјекти и објекти во изминатите 9 години, според податоците на Државнито завод за статистика се издадени и изградени во општина Центар.

Според статистиката, од 2013 до 2020 година се издале 536 одобренија, а општината добила дополнителни 1375 објакти градени од деловни субјекти. Додека пак за време на тој период биле завршени 1819 станови.


Министерството за транспорт и врски изготви измени на Законот за урбанистичко планирање, Власта ги најави како „најтемелна реформа“ во урбанизмот и градежништвото во земјава.

Од ДКСК по отворањето на јавната дебата нотираа дека измените на законот отвораат некои дилеми во однос на надвладување на приватниот над јавниот интерес при носење на детални урбанистички планови, пренамена на земјиште, нетранспарентност при носењето на нови или при промени на постоечки детални урбанистички планови и спроведување на надзорот.Измените на законот се блокирани во Собранието.

Од одобренијата за градење на кои потпис ставил Богдановиќ пред да ја напушти локалната власт едно е поништено, а три се во жалбена постапка. Во жалбена постапка во општина Центар е одобрението за градба на Сколимекс ДООЕЛ за изградба на зграда на паркот кај хотелот Јадран кое предизвика реакции во јавноста.

Но, пред месец дена од страна на Министерството за транспорт и врски беше одбиено барањето на граѓаните да не се гради на зелената површина со што беше загубена уште една битка против „станбената урбанизација“ .