Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени. Патријархот на СПЦ Порфириј очекува дека сите помесни цркви ќе го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква - Охридската архиепископија.
„Браќа и сестри, ние сме сигурни дека и другите помесни цркви ќе ја поздрават автокефалноста на МПЦ - ОА“ порача Патријархот Порфириј.
Македонскиот поглавар г.г Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејскиот собор на СПЦ за признавањето на автокефалноста на МПЦ.
„Овој денешен свет ден е и бањата витезна, за што ни пристапи човек таткото на православните Светиот вселенски патријарх кој не спушти во водата, затоа што не 38 туку 55 години седевме чекајќи во тремот, и не наоѓајки некој да се погрижи за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат, денешниот сослужител, неговата светост српскиот патријарх Господинот Порфириј. Сега имаме кој да ни нацрпи вода од кладенецот на Јаков, сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна“, изјави г.г. Стефан.
Тој во говорот истакна дека црквата е соборна затоа што не се ограничува од никакво место, ниту време ниту народ.
„Црквата не е некаква федерација од помесни цркви, туку од секогаш била една и единствена и обединета од светиот дух, како едно и единствено тело на човештвото. Навистина, Црквата се дели на помали географски целини кои се совпаѓаат со политичките граници кои овој свет ги исцртува за да биде нејзиното раководење полесно. И нашата 80 годишна заложба за самостојна црква никогаш немала за цел да не одвои од телото Христово, туку да ни дозволи и ние како некогаш слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ ,“ вели г.г. Стефан.
Инаку, заедничката литургија во храмот „Св.Климент Охридски“ во Скопје се одвива на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
МПЦ и СПЦ со заедничка литургија во Скопје
Денешната заедничка литургија во Скопје е продолжение на затоплувањето на односите меѓу двете цркви кое почна со заедничката литургија во четвртокот во храмот Св. Сава во Белград. Двете земји и двата црковни народи оваа литургија ја означија како историски чин, со кој се потврди надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и обновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Еден ден претходно, Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол, само неколку дена по одлуката на Фанар да ја прифати Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница.
На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски“, кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија.
Вселенската патријаршија на 9-ти мај ја призна за канонска МПЦ – ОА.