По одлуката на Уставниот суд со кој се укинува „мораториумот“ за градба во срцето на Скопје, инвеститорите застанаа во ред со барања за дозволи за градби. Според неофицијални податоци до кои дојдовме, во општината само во текот на минатиот месец пристигнале над 30 барања за дозвола за градба. Од општина Центар да објавувањето на овој текст не одговорија на прашањата за тоа колку од барањата за дозвола за градба се одобрени и колку пари легнале на сметка на општината од почетокот на годинава по основ на платени комуналии. Едно од клучните барања на архитектите, но и на антикорупционерите е да стапат под суспензија спорните ДУП-ови.
„Сега имаме проблем, имаме инвеститори кои не бираат средства да направат профит, архитекти кои на сила сакаат да избилдаат кариера и да направат профит, сопственици на локации чии заложници сме со години, кои што врз основа на своите трошни куќи сакаат да добијат што е можно повеќе квадрати и настанува општ хаос, кој што на некој начин општината со мораториумот се обиде да го спречи. Мене ми е многу жал што тоа беше единствената општина која со мораторумот се обиде да стави крај на урбаното дивеење, но за жал, не успеа во тоа“, вели поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ.
Видете и ова: Отворена градежната „пандорина кутија“ за ВодноНо, не смеат да ја повторат грешката, односно ревидирањето да го прават со истите проектански куќи кои ги правеле и претходните планови, додава таа. Овој пат мора да се направат квалитетни урбанистички планови кои ќе бидат во согласност со ГУП-от, затоа што градењето не смее да сопре, но мора да биде во согласност со сите стандарди и прописи.
„Евидентно е дека урбанистите, односно урбанистичките планови ги направија проблемите во градот. Можеби едно од решенијата кое му е посочено на градоначалникот од Академијата на архитектите, е да се суспендираат плановите и да се преработат квалитетно, но не со истите планери кои претходно ги работеле. Тие планери мора да сносат одговорност и да им се одземат овластувањата за работа. Треба да се ревидират плановите со стручни лица“, вели Раѓеновиќ.
Советничката во општина Центар Јана Белчева вели дека во изминатиот период може да се постигне квалитетно ревидирање на детаљните урбанистички планови.
„За жал нови планови не се направија. Зошто тоа не се направи- затоа што се избираа погрешни планерски куќи, или се избираа истите кои ги направиле грешките и кои за невистинска маркет-цена се приклучија на тендерските постапки и ги добиваа и кога беа внатре опструираа за да не се направи нов план“, вели Белчева.
Видете и ова: Афери и скандали го „тресат“ македонското тлоТаа додава дека ДУП-от за „Мал Ринг“ и за „Буњаковец“, како и за „Ново маало 2“ им се дадени на истите проектантски куќи кои и претходно ги направија, како што вели, веќе спорните ДУП-ови.
„За мене тоа од старт беше спорно, затоа што јас не верувам дека оној кој успеал да ги направи таквите поразителни грешки денеска ќе сака да ги поправи. Што и се покажа во пракса дека не само што не сакаат туку и апсолутно немаат намера да поправат нешто“, вели Белчева.
Таа објасува дека идејата на мораториумот беше за да нема концентрација на инвеститорите во мал простор, за да може рамномерно да се развива центарот на градот и да се избегне на некои места луѓе кои што во Центар ќе живеат како во 19 век, а некои да немаат право на сонце и чист воздух поради „начичкани објекти“.
Надлежните си ја префрлаат топката, инвеститорите се закануваат
Денеска истече рокот во кој градоначалникот на општината Саша Богдановиќ треба да ја потпише дозволата за градба на трите висококатници кои се дел од проектот Гранд спроти Холидеј Ин во центарот на Скопје. Инвеститорите МГ Фешн и Обновители, кои веќе уплатија комуналии само за една од трите висококатници во вредност од 2,4 милиони евра на сметките на Град Скопје и Центар, се заканија со тужба ако не им биде издадена дозволата за градба. Односно, најавија дека ќе тужат ако градоначалникот ја отпочне постапката за суспензија на спорните детаљни урбанистички планови.
„Штетите кои ние како инвеститор ги трпиме од неуставно и незаконски попреченото право на градба кое произлегува од правото на сопственост и тоа врз основа на важечки ДУП донесен во законита постапка, се проценети на десетици милиони евра и таа штета потенцијално ќе падне на товар на општината. Според законот, за урбанистичките планови од локално значење штетите ги сноси единицата на локалната самоуправа, односно Владата за урбанистичките планови од државно значење,“ истакнуваат од МГ „Фешн“ во писменото соопштение до медиумите.
Мора да се почитува законот и параметрите од Генералниот урбанистички план и со нив да се усогласат детаљните урбанистички планови. Тоа е нешто што треба да го сработат урбанистите, смета градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за проектот „Гранд“ предвиден на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“.
„Законот предвидува како треба да постапи Општина Центар ако се утврди дека има отстапување од ГУП, кој е врвен урбанистички документ во градот. Излезот е само во она што го предвидел градот за изградба на објекти на определено место, односно колку ќе бидат на број и какви по габарит, а сè друго се субјективни мислења кои не е добро да се даваат во ваква „зовриена ситуација“. Охрабрувам да има ред и законитост во постапките, а тоа значи дека ако имаме отстапување на ДУП во однос на позициите што ги има ГУП-от, да се изработи елаборат со кој би се утврдило евентуално надминување на вредностите што ги содржи ГУП и согласно тоа, ако постојат услови да се изрече суспензија на дел од ДУП-от“, истакна Шилегов во неговото гостување на ТВ Сител.
Во врска со овој проект, Шилегов вели дека е свесен и за сериозно супстандардните услови на 2000 граѓани кои живеат таму, а се во центарот на градот.
„Од друга страна, немаме ни право да стопираме за тие луѓе, кои ни криви ни должни во последните 50-60 години не можеле ниту да ги реновираат своите домови поради различни ограничувања што постоеле. Затоа, мислам дека целата позиција треба да се гледа со пристојно внимавање на законските прописи, без да правиме непотребна атмосфера“, додаде скопскиот градоначалник.
Антикорупционерите од Обвинителството побараа да го стави под лупа целиот случај со ДУП-от Ц08 кој се однесува на локацијата спроти Холидеј Ин како и планерската куќа „Билд урбан“. Комисијата за спречување корупција поднесе иницијатива до Јавното обвинителство да отвори истрага за злоупотреба на службената должност на претходните градоначалници, Андреј Жерновски и Владимир Тодоровиќ, како и за раководителите на секторот за Урбанизам од 2012 година на општина Центар и Град Скопје, како и од министерството за транспорт и врски кои го помогнале процесот на носењето на сега спорниот ДУП, каде МПЦ и бизнисменот Зоран Антиќ ќе градат.
Од Обвинителството велат дека откако ќе ја добијат иницијативата од Антикорупциската комисија ќе ја разгледаат, па потоа ќе носат одлука дали да покренат истрага или не.
За дел од локациите во центарот на градот на кои беа вцртани градби во спорните урбанистички планови како што што се Тасино Чешмиче или Капиштец Водно, премиерот Зоран Заев во 2015 година кога ги објавуваше таканаречените бомби, изјави дека целта на тие спорни ДУП-ови била да се „се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Никола Груевски“.
Но, од вкупно 30 спорни ДУП-ови, само 8 во изминатиот мандат на Богдановиќ, како што изјави при неговото последно телевизиско гостување, се ревидирани.