Спасовски контра Мицкоски: Не може да се посегне по личните пари на граѓаните

Премиерот Оливер Спасовски, го одбива предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски - средствата кои што се уплаќаат во Фондот за вториот задолжителен приватен пензиски столб, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб - со образложение дека се тоа лични пари на граѓаните.

„Не може да посегне по вториот пензиски столб. Вториот пензиски столб се пари на секој осигуреник лично. Јас не можам да разберам како може лидер на опозиција или опозицијата да посегне по лични финансиски средства. Тоа е исто како сега да кажете сите кои имаат штедни влогови во банките, државата може да донесе одлука и да рече да им ги земаме штедните влогови“, напиша Спасовски на својот официјален фејсбук профил.

Претходно, лидерот на опозицијата, Мицкоски, како една од мерките за справување со економските последици од коронавирусот предложи „веднаш средствата кои што се уплаќаат во Фондот за вториот задолжителен приватен пензиски столб, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб“.

Откако Спасовски го критикуваше предлогот на Мицкоски, опозицискиот лидер возврати дека власта е „кусогледа“, бидејќи, како што рече, Естонија во борбата со економските последици од коронавирусот ги користела и средствата од вториот пензиски столб.