Михаил Горбачов почина на 30 август „по тешко и долго боледување“, изјавија од Централната клиничка болница во Москва за руските медиуми. Во изјавата објавена подоцна истата ноќ, американскиот претседател Џо Бајден го нарече Горбачов „редок лидер – човек со имагинација да види дека е можна поинаква иднина и храброст да ја ризикува целата своја кариера за да ја постигне таа иднина. Резултатот беше побезбеден свет и поголема слобода за милиони луѓе“.
Горбачов разговорот со Меркел го чува за Путин
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека Горбачов „го променил текот на историјата“, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, наведе дека Горбачов е „Тој беше „доверлив и почитуван лидер“ кој „играше клучна улога за ставање крај на Студената војна и рушење на железната завеса“ и „го отвори патот за слободна Европа“, додаде таа.
Видете и ова: Горбачов – САД станаа арогантни по распадот на Советскиот СојузФранцускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Горбачов бил човек на мирот кој го отворил патот на слобода за Русите. Британскиот премиер Борис Џонсон во сочувството вели: „Во време на агресија на Путин во Украина, неговата неуморна посветеност за отворање на советското општество останува пример за сите нас“.
Олег Морозов, член на Долниот дом на рускиот парламент, или Дума, која ја претставува владејачката партија Единствена Русија, го нарече Горбачов еден од „коавторите“ на новиот светски поредок што тој го означи како „неправеден“ за Русија.
Морозов ја опиша неиспровоцираната војна на Русија во Украина како обид за промена на постсоветскиот светски поредок. Тој рече дека се надева оти Горбачов во последните денови чувствувал „каење“ за последиците од неговите постапки.
Рускиот претседател Владимир Путин, преку неговиот портпарол Дмитриј Песков, изрази длабоко сочувство за смртта на Горбачов.
Горбачов повика на нов систем на владеење во Русија
Многу Руси никогаш не му простија на Горбачов за превирањата што ги поттикнаа реформите, гледајќи го падот на нивниот животен стандард како превисока цена за демократијата.
Како застапник на политиката на зближување со Западот, тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1990 година. Поранешниот советски лидер се очекува да биде погребан на московските гробишта Новодевичи заедно со неговата сопруга Раиса, која почина во 1999 година, јавуваат државните медиуми.
Подем и пад
Горбачов ја презеде Комунистичката партија и советското раководство во 1985 година и претседаваше со шест турбулентни години во кои се случи падот на железната завеса, повторното обединување на Германија и на крајот советската пропаст која Путин потоа ја нарече „најголемата геополитичка катастрофа на векот“. Горбачов славно ги воведе „гласност“ и „перестројка“ во обид да го одржи во живот Советскиот Сојуз.
Тој стана генерален секретар на Советската комунистичка партија на возраст од само 54 години и реши да го ревитализира системот со воведување ограничени политички и економски слободи, но неговите реформи излегоа од контрола.
Неговата политика на „гласност“ дозволи незамисливи критики на партијата и државата, но ги охрабри и националистите кои почнаа да се залагаат за независност во балтичките републики Летонија, Литванија и Естонија и на други места.
Горбачов со совет до Путин како да се симне од власт
Кога продемократските протести ги зафатија комунистичките земји од советскиот блок во Источна Европа во 1989 година, тој се воздржа од употреба на сила, за разлика од претходните лидери на Кремљ кои испратија тенкови за да ги задушат бунтовите во Унгарија во 1956 година и во Чехословачка во 1968 година.
Видете и ова: Горбачов наполни 90 години - За запад Горби, дома контроверзенНо, тамошните случувања помогнаа да се поттикнат аспирациите за демократија и автономија меѓу 15-те републики на Советскиот Сојуз, кој се распадна во следните две години. Горбачов беше политички изнемоштен од државниот удар во август 1991 година, кој во голем дел не успеа поради народниот отпор предводен од Борис Елцин.
Една недела подоцна, Горбачов поднесе оставка како генерален секретар на Комунистичката партија. Кон крајот на декември, неговата оставка како претседател на Сојузот на Советските Социјалистички Републики практично го означи крајот на советската империја.
Со текот на годините, Горбачов наизменично го фалеше Путин за враќањето на стабилноста во Русија и ги осудуваше неговите ограничувања врз медиумите и несогласувањето и неговата цврста контрола врз власта.
Сепак, по руската инвазија врз Украина во февруари, оценката на Горбачов за неговиот наследник, наводно, добила остар пресврт, според Алексеј Венедиктов, истакнат руски новинар кој одржувал контакт со поранешниот советски лидер.
„Можам да ви кажам дека Горбачов е вознемирен, се разбира. Тоа беше неговото животно дело“, изјави Венедиктов.