Бугарската блокада, за Скопје, е неуспех на ЕУ, Брисел се надева на решение

Илустрација- знамето на Европската унија

Бугарија ја блокираше преговарачката рамка за земјава со Европската Унија. По осумчасовниот состанок на Советот за општи работи, германското претседателство има надеж дека проблемот може да се реши до крајот на годинава. Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, брифираат од македонската влада.

Бугарија и Северна Македонија да го решат нивното несогласување пред лидерите на Европската унија да можат да одобрат почеток на пристапните преговори. Ова го кажа министерот за Европа на Германија Михаел Рот по денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата, односно Советот за општи работи. Состанокот се одржа онлајн поради пандемијата со вирусот, а прес конференцијата ја држеше Рот во име на неговата земја, Германија, која до крајот на годинава претседава со ЕУ.

"Сакаме да помогнеме, сакаме да го расчистиме патот колку што е возможно за да се одржи меѓувладината конференција. Но сега чувствуваме дека не е време, ако имате билатерален конфликт кој не може да биде разрешен во следните недели, сега не е време ова да се постави на ниво на Европски совет. Сакаме да пратиме јасен сигнал до Западниот Балкан, до Северна Македонија и Албанија дека веќе направија многу и имаат свои побарувања, сакаат да бидат дел од европската заедница, тоа е долг и тежок пат кој почнува со преговори “, рече Рот на прес конференцијата.

Toj сепак изрази надеж дека до крајот на годинава Скопје и Софија ќе најдат решение за проблемот нагласувајќи дека се надева оти ќе имаат убав Божик. Германското претседателство со Унијата и понатаму се обидува да се одобри преговарачката рамка до крајот на нивниот мандат, односно до 31 декември, што би значело дека има уште една можност, декемврискиот министерски состанок.

На новинарско прашање да разјасни што точно бара Бугарија Рот рече дека земјата сака да има јасна дистинкција меѓу долгото и краткото име на државата, Северна Македонија и Република Северна Македонија и на употребата на македонскиот јазик.

И потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, рече дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.

"Чувствуваме дека сме во последната линија за двете преговарачки рамки и ставање на процесите за преговори врз цврста основа со Северна Македонија и со Албанија. Важно е да се удвојат напорите за прашањето отворено од Бугарија во однос на Северна Македонија да биде решено и да се постигне договор за преговарачката рамка. Сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу. За тоа комисијата ќе остане во близок контакт со германското претседателство за да ги поддржи тие напори“, рече Шефчович.

Скопје - ова е неуспех на политиката на ЕУ за проширување

По ваквиот исход од македонската влада брифираат дека до сега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, Република Бугарија одлучила дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ.
„Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи“, брифираат од македонската влада.
Од таму нагласуваат дека задршката на Бугарија не е во духот на добрососедските односи и дека ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017 година.

„Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“, брифираат од владата.

Видете и ова: Захариева: Бугарија не може ја поддржи преговарачката рамка со С.Македонија

Претходно, по денешниот онлајн состанок, министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева во брифинг за бугарските медиуми рече дека официјална Софија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка за земјава и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Таа вели дека предложената нацрт рамка не ги одразувала бугарските барања и не можела да биде поддржана во сегашната форма.

„Позицијата на Бугарија се базира на рамковната позиција на Парламентот. Повеќе од една година таа и е позната во јавноста, вклучително и на македонските колеги. Таа беше пренесена и пред шест месеци за време на меѓувладината конференција“, додаде Захариева.

Како што јавија бугарските медиуми источниот сосед бара да се утврдат три услови во преговарачката рамка - придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство, утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија.

Видете и ова: Северна Македонија пак во чекалницата на ЕУ

Бугарија, во последниов месец, преку своите официјални претставници испрати низа барања. Најчести со изјавите беа министрите за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, европратеникот Андреј Ковачев, а во последно време неколкупати ставовите ги пренесе и претседателот Румен Радев.

Захариева, во име на бугарската влада, рече дека бараат Скопје да ја признаело наводната историската вистина, односно корените на македонскиот јазик и нацијата, да престанат со тврдењата за македонско малцинство во Бугарија, па потоа таа имаше забелешки за негативни публикации во Македонија за нивната земја, за изградбата на Коридорот 8, за работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, a последно рече и дека не може во ЕУ ако земјава се уште го слави, како што го нарече, југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито.

Инаку, лани во октомври поради барањето на Франција за нова методологија за преговори со земјите кандидатки ЕУ не донесе одлука за почеток на преговори со Скопје и Тирана. По постигнатиот договор, годинава во март беше донесена одлука за преговори со двете земји, но Бугарија уште тогаш имаше издвоено мислење кое беше прикачено кон записникот на Советот за општи работи. Потоа, летово, до земјите членки, источниот сосед испрати таканаречен објаснувачки меморандум во кој јасно ги искажа своите позиции дека македонската нација е конструкт на југословенскиот лидер Тито, а македонскиот јазик норма на бугарскиот јазик. Барањата на Софија не се најдоа во преговарачката рамка на унијата, па Бугарија на последниот состанок на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ, таканаречениот КОРЕПЕР не даде зелено светло за рамката.