„Солење“ памет за историјата - Вие коментирате

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград, Бугарија.

Читателите на ФБ страницата на РСЕ коментираат за изјавите на бугарскиот политички врв, за писмото на америкасниот дипломат Рикер и за интервјуто со министерката за труд Шахпаска. „Не ни треба солење памет, ние добро ја знаеме нашата историја“, гласи еден од коментарите

„Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик“, одговори премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил по продолжените провокации од бугарскиот премиер Борисов, вицепремиерот Каракачанов и пред тоа министерката за надворешни работи Захариева, и по неговото интервју за бугарската агенција со кое ја разбранува и вознемири македонската јавност. А на ФБ страницата на РСЕ – река од негативни реакции и против него и против Бугарија, исполнети со непримерен јазик, навреди, а и говор на омраза.

Видете и ова: Викенд на интензивни пораки меѓу Скопје и Софија

Но Игор Стоевски со тупаница и кренат палец во знак на одобрување, а Сашко Дерчовски, по навредливите зборови кон бугарскиот политички врв, решението го наоѓа во барањето да се укине правото на вето и да решава мнозинството во ЕУ. Љубица Бубе со сликичка на раце што аплаудираат, а Перица Дадас ја објавил фотографијата на Антониjо Милошоски од пред десетина години како го вее бугарското знаме на планината Пирин. И под неа иронично прашање како одговор на нападите врз Заев: „И? Што има тоа врска со бугарскиот фашизам и велепредавството на Заев?“

На пораката со поддршка во писмото од Филип Рикер, помошникот државен секретар за европски прашања во американскиот Стејт Департмент, Скопје и ЕУ да бараат решение за билатералните прашања надвор од интеграцијата во Унијата, Дејан Божиновски постирал: „Поддршка е за решавање проблеми НАДВОР ОД ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА!“ Па додал: „... Ја рушите Резолуцијата на ЕП за постоење на македонско малцинство во Бугарија!“ Ацо Спасов смета дека не ни треба „...солење памет, ние добро ја знаеме нашата историја и не сакаме други да ни ја кажуваат и кројат“. Николче Горгиев постирал: „Зборувате за период за кој сѐ уште има живи луѓе кои сведочат за состојбите, не зборуваме за пред 1000 години“. Славчо Малиновски, пак, со порака до Бугарија: „Признајте вие како сте ја заплеткале историјата и сѐ ќе биде во ред“.

Видете и ова: Шахпаска - Бројот на невработени го кренаа и нашинците кои се вратија од странство

Според коментарите по неделното интервју на РСЕ со министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска, дел од граѓаните и натаму немаат доверба во институциите на власта. Таа покрај другото вели дека бројот на невработени го зголемиле и нашинците кои се вратиле од странство, а Маре Маневска напишала: „Бројката ви е од тие што останале без работа, ако не е и поголема, никој не се вратил од нашите што излегле, не мешајте баби и жаби“. Димче Кизовски се чуди: „Што зборува, луѓе умираат тука, а они се вратиле, па не се будали да умрат ако се вратат“. Ордана Николова потсетува со прашање: „Гледате автобуси за Италија? Гледате некој оглас во Германија како порано? Секоја земја се справува за своите граѓани како знае и умее... кажете во која земја се намалила невработеноста. Цел свет е така. Е сега, начинот како се справуваме е тежок за сиромашните земји, мора да се преживее. Но дека З.З. е крив мало морген. Никој не знаел ниту предвидел ваква биолошка војна во светот. Сигурно некој Македонец не ја пуштил“. Розета Розе со напад: „Ја зголемија невработеноста? Јас, пак, мислев дека вие сакате да се вратат и тука да ги вработите со плати исти како вашите. А не е на одмет зашто највредните во овие години ви заминаа...“