По пет и пол месеци од последната седница на Советот за безбедност на иста маса кај претседателот Стево Пендаровски ќе седнат нејзините членови, а на дневен ред како што соопштија од неговиот кабинет, ќе биде безбедносната состојба во Република Северна Македонија и евро-атлантскиот регион.
Станува збор за редовна седница на која освен членовите, ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Видете и ова: Црна Гора од лидер на интеграциите до можно блокирање на преговарачкиот процесОва е прва седница на Советот за безбедност годинава, а прва седница ќе му биде и на новиот директор на АНБ, Милошевски. Од кабинетот на претседателот не откриваат конкретно за што ќе стане збор на седницата, но, последен пат за безбедносната состојба во земјата се расправаше пред речиси една година.
Шкрт на зборови за што ќе се расправа на седницата беше и премиерот Димитар Ковачевски, кој е член на Советот за Безбедност.
„Денес имаме совет за безбедност кај претседателот. Јас со претседателот имав интензивна комуникација во текот на последниот работен ден од минатата недела. Утре имаме седница на Влада на која ќе бидат носени заклучоци, анализи и одлуки во однос на превенирање на било какви несакани настани“, рече Ковачевски при денешната посета на компанијата Метро.
И на седницата на 1 февруари минатата година, на покана на претседателот освен редовниот состав на Советот, беа присутни и директорите на Агенциите за разузнавање и за национална безбедност, како и началникот на Генералштабот на Армијата.
Членовите на Советот за безбедност притоа констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и немало индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија.
Во меѓувреме седница лани имаше за војната во Украина, потоа за евроинтеграциите и за енергетската криза. Се на се 4 седници, а последната беше одржана на 6 септември минатата година, кога стана збор за мерките за надминување на енергетската криза.
Односите со Бугарија и уставните измени
Македонија во последниов период се соочува со нарушени односи со Бугарија, а масло на огнот беше претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков изјави дека Бугарија нема да отстапи од заштитата на својата заедница во Северна Македонија.
Ветото од страна на источниот сосед за почеток на преговорите на земјава со ЕУ се надмина со услов Македонија во уставот да ги внесе Бугарите, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот кое уште не е обезбедено.
Се погласни се најавите дека на уставните измени веќе се работи. потпретседател на Владата Артан Груби вчера потврди дека владините коалициски партнери веќе ги започнале подготовките за уставни измени и порача дека се решени да создадат Алијанса за Европа со сите прогресивни сили во земјава.
Уставните измени, како и евроинтеграциите беа централна тема и во новогодишното обраќање на Пендаровски пред пратениците, кој порача дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот.
Тензии на северот на Косово
Со отворени прашања, но и со тензии во изминатиов период се сочуваат и соседите, Србија и Косово. Иако при крајот на ноември двете земји постигнаа договор за регистарските таблички, пред некој ден од Приштина до Белград беа упатени обвинувања за негово прекршување. Според договор, Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата. Во меѓувреме на маса е и таканаречениот француско-германски план за затворање на отворените прашања на Србија со Косово.
Видете и ова: Шоле: За договор Косово-Србија се потребни тежок избор и политичка храбростВо неколку наврати претседателот Пендаровски кажа дека за односите на релација Косово - Србија нема потреба да се свика седница. Но, од неговиот кабинет, на прашање на РСЕ при крајот на август минатата година, не ја исклучија веројатноста дека за оваа тема ќе стане збор кога ќе се состане Советот за безбедност.
„Но, безбедносната состојба во земјата, регионот и пошироко е неодминлива тема на секоја седница на Советот за безбедност. Дополнително, претседателот Пендаровски редовно е информиран за безбедносните случувања во земјава и регионот од надлежните институции, како и за можни безбедносни ризици доколку има дестабилизација на безбедносната состојба во регионот“, ни одговорија лани од кабинетот на шефот на државата.
Пендаровски и при крајот на минатата година изјави дека сите проценки на НАТО во овој момент се дека КФОР може и во случај на ескалација на проблемите на северот на Косово да ја држи ситуацијата под контрола. По денешната седница Пендаровски ќе се обрати до јавноста.