Во Собранието стартува процедурата за измени на Законот за попис, со кои попишувањето треба да се одложи за во септември. На одложување на пописот се противи коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Образложувајќи ги измените на законот, од власта велат дека пописот се одложува поради потребата од имунизација на населението, но и поради тековната состојба предизвикана од вирусот ковид – 19 и наместо од 1 до 21 април, пописот да се спроведе од 5 до 30 септември, оваа година, но и дека дијаспората ќе може да се изјаснува до 30 септември.
Во меѓувреме актуелен е постојниот закон, односно пописот формално правно почна утрово во 8 часот. Но теренското попишување на населението нема да отпочне се додека не завршат постапките во Собранието со кои пописот треба да се одложи, согласно партискиот договор меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Државниот завод за статистика, институцијата задолжена за спроведување на пописот, преку соопштение информираше дека нема да отпочнат со активностите за попишување на населението, домаќинствата и становите, кое според постојниот закон требаше да започне денеска и да трае до 21 април.
„Во периодот додека се чека разрешница во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување“, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.
Видете и ова: Одложувањето на пописот може и да не оди лесноВласта се надева дека процедурите ќе се одвиваат брзо оти и измените се со европско знаменце и ќе се носат по скратена постапка, исто како што се носеше и Законот за попис. Но претседателот на Собрание вели дека има процедури што треба да се испочитуваат. Измените ќе треба да поминат и расправа во Комисија за Европски прашања. Според роковникот, за измените максимално може да се дебатира два дена, вели претседателот на Собранието Талат Џафери, но сепак додава дека не може да прејудицира кој ќе биде текот на дебатата.
Договор за одложување на пописот во понеделникот постигнаа премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерска средба. Иако на владина седница експресно беа усвоени измени со кои пописот се одложува, а попишувањето на дијаспората продолжува и ќе трае се додека не заврши и теренското попишување, сепак вчера измените не се најдоа на дневен ред на Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа соопшти дека и покрај напорите седница не се одржа, оти Алијансата за Албанците и Алтернатива се противеле на тоа. Пратениците од овие партии го поддржаа носењето на Законот за попис во јануари, но откако Заев и Мицкоски соопштија дека се договориле за одложување, албанската опозиција рече дека се противи на тоа, оти, како што наведуваат, тоа е на штета на Албанците. Од овие партии сметаат дека одложувањето на пописот за септември не е поради актуелната здравствена состојба, туку дека станува збор за политичка одлука.
„Станува збро за политизација на пописот и тој е против соживотот во државата. Повикуваме на разум и свест кај албанските пратеници да се искористи Бадинтер и да го оневозможиме одложувањето, бидејќи барањето на двајцата моноетнички лидери Заев и Мицкоски не беше од здравствени причини, туку тотално од политички, од страв дека Албанците ќе бидат повеќе од тоа што планирале, а Македонците со бојкотот ќе се докаже дека се помалку“, вели координаторот на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива, Скендер Реџепи.
Тој најаваи дека дека ќе поднесат амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис.
Од Алијансата и Алтернатива побараа Обвинителството да поднесе обвинение против директорите на Статистика поради одложувањето на пописот. Според нив со тоа што не почнал пописот, а според законот тоа требаше да се случи, се извршува кривично дело.
Алијансата и Алтернатива го блокираат Собранието со барање да се уреди статусот на лицата без државјанство. Измените што тие ги предлагаат предивудуваат со државјанство да се стекне лице што ќе докаже со тројца сведоци дека живеело во Македонија. Станува збор за лица кои се без македонско државјанство, а имале државјанство од некоја од поранешните југословенски републики и до прогласување на независност на Македонија живееле тука.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Колку луѓе се без државјанство?
Но нема дефинитивна бројка за тоа колку лице се без државјанство во земјава.
Премиерот Зоран Заев по средбата со претставници на Алијансата и Алтернатива рече дека во следниот период ќе се утврдува колку лица всушност немаат државјанство.
„Се согласивме дека таа бројка, иако е евидентирана на 1500-1600 лица, во матичната евиденција е некаде 800-850 луѓе, и е различна. Притоа разграничивме дека граѓани кои имаат извод од матична книга на евиденција, односно се родени тука, е една проблематика, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување, односно со женење, мажење во државата, се друга проблематика, и како да настапиме“, рече Заев.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми на прес-конференција рече дека во моментот се разгледуваат вкупно 2.674 барања за државјанство, а основата за стекнување се валидни документи во Управата за водење матични книги.
„Во 2019 година имало само 426 Албанци во постапка за стекнување на државјанство. Во 2020 нивниот број бил 440, а во првите три месеци од оваа година има 103 апликации. Во последните 4 години доделени се државјанства на 2.371 Албанци, а вкупно 223 се одбиени“, рече Адеми.
Тој додаде дека за време на владеењето на ДУИ издадени се над 13.000 државјанства, како и дека пред само една недела 100 Албанци положиле испит за јазик и се во процедура на стекнување на државјанство.
Власта до пред три дена пред пописот стоеше на ставот дека има услови за одржување на статистичката операција. ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа законот за Собранието, и инсистираа на тоа пописот да се одложи или да се одржува целосно онлајн. Опозициската партија собираше и граѓански пописи за укинување на Законот за попис.