Собранието на Република Српска го покрена процесот на пренос на надлежности од БиХ

Специјална седница на Народното собрание на Република Српска

Уставот на Босна и Херцеговина ги дефинира надлежностите на државата, но и начинот на кој ентитетските надлежности се пренесени на државно ниво. Националното собрание на ентитетот на Република Српска најавува дека ќе врати повеќе од сто пренесени надлежности, што е спротивно на Уставот на БиХ.

Народното собрание на Република Српска вечерва ги усвои информациите за пренос на надлежностите во областа на индиректното оданочување, областа на правдата и областа на одбраната и безбедноста, како и Декларацијата за уставни принципи. На гласањето на специјалната седница на која се расправаше за „преносот на надлежностите од БиХ на ниво на Република Српска“, присуствуваа 52 од вкупно 83 пратеници, откако мнозинството пратеници од опозициските партии ја напуштија собраниската сала.

„Нашата идеја е да создадеме услови и да постигнеме договор. Организациски, нормативно, работите може да се регулираат на поинаков начин, но тие мора да бидат во надлежност на Република Српска“, рече Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ за време на неговиот завршен збор на денешната седница на Народното Собрание на РС.

Потсети дека уште на почетокот подготвувале информации и предлагале заклучоци, а не закони.

На опозицијата и порача дека не ја знае рационалната причина поради која не се поддржуваат предложените заклучоци.

„Ве молам, гласајте за ова, мислам дека ова е вистинскиот начин, времето ќе покаже кој бил доследен, а кој не“, заклучи Додик.

За опозицијата седницата е политичка фарса и понижување за српскиот народ

Опозициската СДС ја нарече седницата „едно големо ништо“ и понижување за РС и српскиот народ.

„Се тресеше гората, се роди глушец“- така можеше да се сумира оваа седница, изјави Небојша Вукановиќ, член на Клубот на пратеници на опозициската СДС во Народното собрание на Република Српска.

„Доколку најавивте, Срби и патриоти, враќање на надлежностите, ние денеска треба да имаме готови закони, бидејќи можете да ги извадите од архивите. Слушнавме повеќечасовни приказни, како првпат да сме дојдени од Мадагаскар овде, па требало да не упатат кон блиското минато“, рече пратеникот.

Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина (СДП БиХ) соопшти дека верува оти активностите во Народното собрание на РС не можат да се оценат на друг начин освен како „чекор кон планираното отцепување на овој дел од земјата“.

Настаните ги оценува како процес на „системско уништување на уставниот поредок на Босна и Херцеговина и отворено кршење на Дејтонскиот договор“ и, како што се наведува во соопштението, очекуваат реакција од меѓународните институции, но и санкционирање на одговорните.

Алијансата за подобра иднина (СББ) оцени дека денешната седница на Народното собрание на Република Српска претставува „јасен доказ за немоќта и слепите политички авантури на режимот“ предводен од СНСД и Милорад Додик.

„Обидот да се уништат основните државни институции на Босна и Херцеговина, како што се вооружените сили или Управата за индиректно оданочување и формирање на исти ентитетски субјекти, е директен напад врз уставниот поредок на нашата држава, што ќе биде спречено“, соопшти Алијансата за подобра иднина.

Видете и ова: Пораки за мир и стравот од нова војна во БиХ

Претходно по критиките и обвинувањата од претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, опозициските пратеници во Народното собрание на РС ја напуштија седницата на која се расправаше за трансферот на надлежностите од БиХ на ентитетот на Република Српска.

„Ги послушавме предлагачите и наш заклучок е дека нема да ги поддржиме во нивната намера, бидејќи сметаме дека ова е политичка фарса и подготовка за општите избори во 2022 година“, изјави претседателот на опозицијата на СДС, Мирко Шаровиќ во салата на Народното собрание.

Претходно претседателката на РС Жељка Цвијановиќ (СНСД), ја обвини опозицијата дека сноси дел од одговорноста за недостатокот на единство и дека чека готови решенија.

Во бурната расправа во која пратениците дофрлуваа од клупа, таа рече дека не се точни оценките дека државата се турка до работ на карпата.

„Каква војна? Никој од нас никогаш не рекол дека ќе има војна. Вие застанавте на страната на оние во Федерацијата БиХ кои зборуваат за војна“, рече Цвијановиќ.

Додик повика на референдум и преговори за војската

На дневен ред на специјалната седница е и Декларацијата за уставните принципи на РС, со која се задолжуваат институциите на РС да изготват устав според кој Бања Лука би била главен град на ентитетот, а Пале, недалеку од главниот град Сараево, престолнина.

Во Декларацијата се прецизира дека „сите закони наметнати од високиот претставник се противуставни“. Претходно законодавниот дом на 20 октомври донесе закон за лекови и медицински помагала со кој се предвидува формирање на ентитетска Агенција за лекови која на државно ниво работи од 2009 година.

Видете и ова: Обновени стравувања во БиХ: „На кој му е до војна нека ја има дома“

Надлежностите кои не се експлицитно доделени на институциите на БиХ според Уставот на БиХ им припаѓаат на ентитетите, но членот 3, вели дека БиХ може да преземе надлежности од субјектите доколку има согласност. Согласно Уставот на Босна и Херцеговина, субјектите не можат самостојно да ги враќаат надлежностите кои и беа пренесени на државата во претходниот период.

„По завршувањето на расправата, народот на референдум ќе одлучува за новиот Устав на Република Српска. БиХ се движи во насока за која не се согласивме од склучувањето на Дејтонскиот договор. Зошто не можеме да го имаме тоа што го потпишавме. Лути сме на пресудите на Уставниот суд и Судот на БиХ. Имаме чувство дека БиХ оди во погрешна насока. „Една по една се менуваат надлежностите во корист на БиХ без никој да покаже каење за тоа“, посочи Додик.

Тој меѓудругото истакна дека сака да се повлече согласноста за вооружените сили на БиХ, но како што додаде, тоа не значи дека Србите ќе мора веднаш да ги напуштат, туку дека ќе се продолжи со преговорите за тоа кои се следните чекори.

Додик издвои три опции - намалување на војската на БиХ, донесување закон за војската на Република Српска или закон за демилитаризација на РС.

Најавите за отцепување и трансфер на надлежностите од БиХ на Република Српска започнаа кога поранешниот висок претставник Валентин Инцко го забрани негирањето на геноцидот во јули, по што политичарите на РС почнаа да ја блокираат работата на државните институции.

Одлуките на Народното собрание на Република Српска стапуваат на сила ден по нивното усвојување, се наведува во нацрт-документите објавени на веб-страницата на Собранието на РС.