Деветта по ред еврообврзница издаде земјава во вредност од 600 милиони евра за враќање на стари долгови кои доспеваат за отплата. Од Министерството за финансии информираа дека годинава ќе треба да се исплатат 594 милиони евра за главница, како и 138 милиони евра за камати.
Од овие пари, најголемиот дел отпаѓа на исплаќање на обврзницата издадена во 2016 година, и за која треба да се исплатат 450 милиони евра или дополнителни 25 милиони евра.
Видете и ова: Ознаката НМК ќе ги чини граѓаните 11 милиони евраНо, друго решение за враќање на долговите државата засега нема, вели поранешниот гувернер на Народна Банка, Љубе Трпески.
„Ако немаш домашна акумулација создадена за да го вратиш надворешниот долг, мораш со нов долг да го вратиш и тоа го прават 99 отсто од земјите во светот. Само треба внимателно, за да не се отиде во преголема задолженост“, смета Трпески.
Министерството за финансии информираше дека рокот на исплата на еврообврзницата е 4 години, наместо вообичаениот од 7 години со цел да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања.
Плаќањето на оваа еврообврзница ќе ги стигне граѓаните и компаниите од земјава во 2027 година. До тогаш доспеваат уште поголеми суми за враќање.
Во 2025 треба да се вратат 1 милијарда евра, наредната година 1,4 милијарди, а во 2027 пак 600 милиони евра од издадената еврообврзница годинава и дополнителни 567 милиони евра, кои доспеваат за враќање таа година.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Владата нема ниту една инвестиција, а се задолжува. Тврдат обврзница е само за покривање на дупките во буџетот, кои според опозициската партија, се направени од крадење, но и за нови манипулации со јавните финансии.
„СДС откако се на власт до сега го зголемиле јавниот долг за 65 отсто, односно од нешто на 4.7 милијарди на 7.7 милијарди евра, а притоа немаат направено ниту една инвестиција, ниту еден нов автопат, пат, аеродром, железничка линија или друг капитален проект, парите ги нема, а никој не знае на што се потрошени. Наспроти инвестиции, секој ден гледаме милионски тендери и фирми блиски до власта кои се јавуваат како изведувачи на истите, парите се трошат, а резултат нема“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: На хартија можно, во реалноста-тешко остварливо полнењето на државната касаКаматата на последната еврообврзница изнесува 6,25 проценти на годишно ниво. Додека пак каматата на еврообврзница од пред 7 години со која ќе се плаќа новиот долг била пониска, односно 5,6 отсто. Тоа значи дека граѓаните и компаниите ќе треба да дадат повеќе пари за камати.
Досега, според релевантните финансиски и ревизорски институции, државата е уредна во плаќањето на обврските спрема странство, смета Трпески. Каматите, како што вели, зависат од конјуктурата, односно состојба во активноста на стопанството, во понудата и побарувачката и изгледите за деловен успех во светски размери.
Видете и ова: Ниските камати се минато„Помина времето на евтини пари и на евтини кредити, кои што беа во изминатите години и мора да се плати и таа цена. Прашањето е до кога можеме вака да одиме, а да не се доведеме во ситуација, како нашиот јужен сосед пред една декада. Во секој случај мислам дека Владата и Народната банка ја држат ситуацијата под контрола“, смета Трпески.
Од Министерството за финансии, наведоа дека каматната стапка е сепак пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи.
„Таа е многу пониска и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8 проценти“, посочија од министерството.
Владата годинава планира да се задолжи за околу 700 милиони евра, колку што отприлика изнесува и буџетската дупка. Првата еврообврзница беше издадена во 2005 година. Најскапа беше таа од 2009 година за време на економската криза со камата од скоро 10 отсто, а најевтина ланската од 700 милиони евра со камата од 1,6 отсто.