Отвора ли владата простор за полесна изградба на зградите спроти Холидеј Ин кои дел од стручната фела тврди дека се спорни и поради тоа што Деталниот урбанистички план не е усогласен со Генералниот урбанистички план? Ова прашање се поставува откако Министерството за транспорт и врски минатиот месец до Собранито достави измени на Законот за урбанистичко планирање, кој прават два исклучока, кога може Деталниот урбанистички план да не биде во согласност со Генералниот урбанистички план.
Со измените се предлагаат промени на досегашниот член 35. Во него досега изрично се наведува дека деталениот урбанистички план или дел од деталниот урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од Генералниот урбанистички план, не може да се применува. Но, сега со измените се наведува дека по исклучок од овој став детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува кога:
1.Намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;
2. Во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план.
Видете и ова: Дозволата за градба спроти „Холидеј Ин“ се уште не е потпишанаНеусогласеноста на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план е една од точките кои архитектите и дел од јавноста ги спори, а поврзано со изградбата на зградите на паркингот кај Холидеј Ин. Неколку граѓански организации, универзитетски професори, архитекти упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата на Деталниот урбанистички план што нe усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.
Нејасни измени
Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска – Циги е една од потписничките на писмото упатено до премиерот. Таа во изјава за Радио Слободна Европа коментирајќи ги предлог измените вели дека со нив се прават обиди да се појаснат некои постапки во Законот за урбанистичко планирање, меѓутоа како што додава, остануваат многу замаглени работи.
На пример, објаснува таа , хиерахиска поставеност на Деталниот урбанистички план кон Генералниот урбанистички план е нешто што постои и сега, но со измените се прават исклучоци кои не сосема јасни. Павловска вели дека деталниот урбанистички план за паркингот спроти Холидеј Ин отстапува од своите граници, прецизирајќи врз кои основа.
Архитектката набројува дека ДУП за Холидеј ин ја гази регулационата линија која вели е поголема во однос на сообраќајните параметри. Но, од друга страна, по својата основна намена, домување и комерцијални содржини ДУП коренспондира со ГУП. Напуштени се други параметри од Генералниот урбанистички план, вели Павловска споменувајќи ги густината, бројот на населението, висината, габаритот во смисла на тоа дека на една од трите парцели е воспоставена густина која е за сите три парцели.
„Е сега, кажуваат со оваа измена на законот дека таквиот Детален урбанистички план може да се реализира ако има иста намена, а што е со останативе параметри? “ вели Павловска.
Инаку предлог законот го донела владата на седница на 27 април, а тој сега со потпис од министерот за транспорт и врски е пратен во собраниска процедура. Образложението е дека се носи по поднесена иницијатива на дел од единиците на локална самоуправа, кои се обратиле до Министерството за транспорт и врски како предлагач на овој закон и побарале негови измени во делот на преодните одредби. Во законот пишува и дека скратената постапка е поради тоа што е во прашање донесување на сложен и обемен закон.
„Не е во ред. Нема зошто ова да се прави. Ова е обид да се разјасни работата, но се замрсува. Предлог законот е навистина еден лош текст и по суштина и по форма“, вели Павловска.
Течат роковите за спроти Холидеј Ин
Во меѓувреме, течат роковите и за обезбедувањето на дозволата спроти Холидеј Ин. Антикорупциската комисија најави дека ќе поднесе кривична пријава и за актуелниот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ доколку не спроведе суспензија на Деталниот урбанистички план кој не усогласен со Генералниот урбанистички план.
„Мене ми е многу жал, и баш ја користам оваа прилика – Зошто до сега, ако ние цело време сме апелирале на неусогласености или штетни влијанија на одредени Детални урбанистички планови, зошто баш сега некој реагира за тие планови кои се донесени години и години наназад?
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во случајов да се повика Антикорупциска за нешто што Општината воопшто не е виновна, ниту пак јас, јас не сум ги донел тие Детални урбанистички планови. Јас пробав да ги сменам тие Детални урбанистички планови, дел сум ги и сменил, одлуката на Уставен суд еднаш не сум ја испочитувал, сум донел втора одлука, јас против цела држава не можам сам да се борам“ рече Богдановиќ во интервју за Радио Слободна Европа.
Последната одлука е од пред два дена односно тогаш почна да тече 12 дневниот рок за изработката на елаборатите за зградите во Општина Центар, вклучително и за кај Холидеј Ин.