Случајот Мијалков- атомска бомба за кредибилитетот на владата

Меѓународна потерница за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков

Додека не се знае ниту каде е поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, ниту пак кој е одговорен што е недостапен за надлежните поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов и Марко Трошановски од Институтот за демократија велат дека е неопходна и политичка и кривична одговорност.

На безмалку еден час долгата прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски хронолошки информираше што преземале за да го спречат бегството на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, а прашан дали чувствува одговорност за бегството рече дека веднаш постапиле со сите расположливи сили, а дека одговорноста треба да се бара во системот што треба да се среди.

"Сега е моментот кога мора да ги насочиме сите сили да го најдеме бегалецот и да го соочиме со лицето на правдата. Бегањето од таа одговорност, носењето на оставка нема да ги реши проблемите, па чија сака нека е. Сметам дека треба да има детална истрага за целиот случај, доколку има кој било, што придонел за оваа ситуација за бегство, не да носи морална, треба да носи кривична одговорност, без разлика дали е министер или некој во службите, Судот или Обвинителството“, изјави Спасовски.

Претходно шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал Вилма Русковска отфрли „каква било“ одговорност на Обвинителството за бегството на Мијалков. Таа рече дека тие алармирале до МВР дека имаат информација за можно бегство во пресрет на изрекување на пресудата в петок за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој е првообвинет Мијалков.

Политичка и кривична одговорност

Но, додека надлежните зборуваат за тоа чија е одговорноста, пратеникот од владејачкото мнозинство и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека неопходна е и политичка и кривична одговорност.

Видете и ова: Стејт департмент: Одблизу ја следиме ситуацијата со бегството на Мијалков

Прво, вели тој, треба да се мобилизираат сите државни институции за да се најде каде е сега бегалецот и тој да се соочи со правдата, а потоа и да се утврди чија е одговорноста.

„Ако не функционира системот се бара политичка одговорност, а најодговорна институција е владата, околу функционирање на системот, вклучително и системот за безбедност и тука треба да се видат сите аспекти и факти и врз основа на тоа да се изгради став околу политичката одговорност на владата во целина и посебно за ресорните министри кои потфрлиле“, вели Трајанов.

И Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека дефинитивно е време да се преземе и политичка одговорност.

„Ова е врв на разочарувањата кои оваа влада им ги приреди на граѓаните во делот на враќање на правдата и воспоставување на владеење на правото, како прво и како второ е кулминација во некомпетентноста и на судската власт и на извршната власт, прес се, на Министерството за внатрешни работи“, вели Трошановски.

Инаку, пред да дојде на власт, едно од главните ветувања на сега најголемата владејачка партија СДСМ беше „ќе има правда“. Во текот на 2015 година, кога Заев како лидер на тогаш опозициската СДСМ ги објавуваше таканаречените аудио бомби, речиси и да не одржа прес конференција на која не ги спомена братучедите, тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот шеф на УБК Сашо Мијалков како најодговорни за тоа што се случуваше тогаш.

Главните ликови од опозициски бомби на Заев на слобода

По објавувањето на аудио материјалите почнаа и граѓанските протести кои подоцна преминаа во Шарената револуција, а и на нив главното барање на оние кои протестираа беше да има правда и правна држава. Четврта година како Заев ја води владата, а двајцата главни ликови од неговите опозициски „аудио бомби“ Груевски и Мијалков се на слобода.

Видете и ова: Груевски во Унгарија бара азил - кој е одговорен?

Поранешниот премиер е во Будимпешта од 2018 година и доби унгарски азил откако избега од Македонија по пресудата од две години затвор за случајот „Тенк“. Досега најавуваната истрага за тоа како избегал не донесе никакви информации, а никој не презема одговорност. Мијалков, пак, го нема од неделата и засега не се знае каде е. Трошановски вели дека е неопходно покрај политичката одговорност да има и кривична оти, како што додава, не е доволно само оние кои што ќе се утвди дека затаиле да си дадат оставки.

„Ова е голем удар, би рекол атомска бомба за кредибилитетот на оваа влада. Ниту имаше конфискација на имот и заплена на средства, ниту имаше правна одговорност, а за случувањата нема ниту политичка“, вели Трошановски.

Инаку, во последниве години, од 2017 досега, покрај Груевски и сега Мијалков, од правдата избегаа и Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, кој неодамна беше пронајден во Софија, потоа поранешните разузнавачи Никола Бошкоски и Горан Грујевски обвинети во „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“, Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 ипол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, Дејан Давидовски, обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.