На итна седница, на само еден ден по јавните политички преписки околу оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, пратениците се согласија да ги вметнат во закон забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. Нешто што требаше да го сторат во изминативе 14 месеци по оддржувањето на претходните парламентарни избори.
Измените се носат на 12 дена пред почетокот на кампањата за локалните избори, на три дена откако до Државната изборна комисија се доставени кандидатските листи за советници и за градоначалници на 80 општини и градот Скопје. Иако во август владејачките партии беа децидни дека изборниот законик нема да се менува.
„Претседателот на Собранието ме информира дека законот ќе остане таков каков што е, за да нема замерки дека нешто се прави во ‘пет до 12', а притоа тоа би било само блокада на законското решение“, изјави премиерот Зоран Заев пред точно еден месец.
Видете и ова: Предизборната „метла“ заменета со антикорупциска кампања „Сега сè е јавно“Според препораката на меѓународната набљудувачка мисија, изборните правила не треба да се менуваат во сред изборен натпревар, тоа може да се на прави најдоцна 6 пред одржување на избори.
Текстот на Законот низ пратеничките раце помина експресно, во еден ден е усвоен на Комисијата за политички систем, усвоен на Законодавно-правната комисија и усвоен на итна 52 седница на Собранието во денот кога се очекуваше опозицијата да го напушти Собранието затоа што оставката на Филипче не била доставена до пратениците. Претедателот Стево Пендаровски го потпиша указот за Изборниот законик, со што овозможи стапување на измените во сила. Вчера и ДИК усвои измени во роковникот за локалните избори на 17 октомври, кои беа распишани на 6 август.
Отворените листи во законското образложение е грешка ?
За власта со измените на изборниот законик , се обезбедени дополнителни гаранции за спроведување на локалните избори според највисоки стандарди.
„Се создава и поголема можност за избор на граѓаните со непосредно гласање за посебно по една личност-кандидат од секоја предложена листа на партиите или од независните листи на кандидати, со што се зголемува демократичноста на процесот и подиректно доаѓа до израз непосредната воља на граѓаните преку гласањето за и конкретна личност, а не само за партија“ се вели во образложението на законот.
Овој пасус во образложението се однесува на отворени листи, нешто за кое нема ниту еден член во законот. Пратеникот од Демократскиот сојуз Павле Трајанов кој беше едниствен што се јави за збор во Собранието, вели дека ова е грешка на пишувачите на законот.
„Нешто бришеле, нешто им останало во законот. Сега во образложението стои дека граѓаните освен за листи ќе може да гласаат и за поединци. Тоа покажува дека во новите измени останало старото образложение, а тие одредби од законот се тргнати. Се работи за можноста кога пред еден месец се предлагаше отворени листи со цензус да има околу тоа кој може да се квалификува во горениот дел на листата на кандидатите за советнци, овој пат се изоставени. Но, монополот кој го имаат четирите партии над парите и времето во рекламниот простор останува со што не се обзбедува рамноправен простор на партиите“ вели Трајанов.
Што содржат измените на изборниот законик ?
Ако до 17 октомври не успеете да извадите нова лична карта, на престојните локални избори ќе можете да гласате и со старата лична карта на која и истекол рокот на важење.
Потоа со изборните измени се регулира и гласањето при прогласена епидемија или пандемија на заразна болест. Откако заврши тендерската постапка и се чека да пристигнат сите 4 илјади апарати за читање на отпечаток од прст, а во тек се обуки за користење на тие апарати, во законот се вметна можност за ангажирање на лица за дополнителна техничка подршка на изборните органи во врска со спроведувањето на гласањето со отпечаток од прст.
„Во избирачкиот список се додава посебен бар код за секој гласач во функција на зголемување на контролата на гласањето со отпечаток од прст“ се вели во законот.
Невозможни рокови за транспарентност
Со промената на изборните правила на 12 дена пред почеток на кампања се вметнува законска обврска за сите државни органи да достават податоци до ДКСК за сите моторни возила со кои располагаат, а со цел увид во користењето на истите за време на избори и спречување на евентуални злоупотреби. Но, на претходните избори Антикорупциската комисија на своја инцијатива веќе објави еден регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагат со државен капитал.
Разликата е во тоа што овој пат Антикорупциската комисија ќе може да поведе прекршочна постапка против недоставувачите во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.
Според новите одредби, во рок од 10 дена од денот на одлуката за распишување избори (претседателски, парламентарни и локални) јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат.
Останува нејасно само како ќе се испочитува правилото ако изборите беа распишани на 6 авуст, а измените се донесени на помалку од две недели од почетокот на кампањата.
Малите партии и независните кандидати незадоволни од измените
Овојпат клучниот проблем за кој пратениците беа сложни, но не и јавноста, праговите за потписи за независни листи не се предмет на измените. Но се предвидува можност за повлекување на кандидатските листи по нивното потврдување од ДИК. Со овие измени не се согласуваат претставниците на независните листи Зелен Хуман град кои прашуваат како тогаш може листите да бидат повлечени, кога кандидатите дале неотповикливи изјави и со која цел е предложена ваквата измена на Изборниот законик.
„Дали оваа измена решава постоечки проблем, или овозможува златни 48 часа што служат за притисок врз политичките партии и независните листи за нивно повлекување, во очи на изборите? “, велат од „Зелен хуман град“.
Видете и ова: Вешт лов на гласови со заобиколување на изборни правилаВо собранието „против“ гласал единствено Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој, иако и на овие избори настапува во коалиција со СДСМ, образложи и од собраниската говорница дека предложените измени не се во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, туку, според него, се дискриминирачки за помалите партии и независните кандидати, односно ги фаворизираат четирите најголеми политички партии.
Според него клучен проблем е рекламниот простор според кој 4 најголеми политички партии добиваат 90 проценти, 7 проценти добиваат малите партии кои не можеле на формираат пратеничка група и најмногу 3 проценти одат кај независни кандидати или партии што не се дел од пратеничкиот состав.
„Тоа значи дека ОБСЕ/ОДИХР се сложиле партиите кога стартуваат во изборниот процес партиите да немаат еднакви можности и шанси за презентација на своите програми. Од тој апсект не мислам дека треба да прават вакви промени непосредно пред одржување на изборите. Овие пари што се истураат од државата за партиите да можат да функционираат мислам дека тоа решение треба да се преиспита. Партиите треба да бидат помалу бројни затоа што членството само е терет на партиите, тие бараат тендер или вработување. Од тие причини сметам дека овие законски измени само ги потврдуваа политичките решенија од претходно дека нема рамноправни услови за политички натпревар со изборниот законик“ изјави Трајанов од говорницата во Собранието.
Забележливо е дека во новите измени на изборните правила се изоставени дел од ланските препораки на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат токму на транспарентноста. Станува збор за начинот на донесување на измените на изборниот законик, кој според меѓународната набљудувачка мисија треба да помине во „ во јавна постапка, по широка, инклузивна и навремена консултација, со цел да се обезбеди усогласување со другите релевантни закони и усогласеност со обврските на ОБСЕ и меѓународните стандард.“
Во изоставените препораки се бара воспоставување постојан состав и мандат за Државната изборна комисија и обезбедување јасни и транспарентни процедури за именување на нејзините членови како и консолидирање на законските упатства за постапките за регистрација на гласачите, за да одговараат на функционалноста на централниот регистар на население.
„Обезбедување на Државната комисија за спречување корупција и на Државниот завод за ревизија со соодветни човечки и финансиски ресурси за ефективно извршување на нивните мандати во текот на изборниот период“ се вели во препораките на ОБСЕ/ОДИХР во ланскиот извештај.
Дополнително во нив е посочено дека е потребно преиспитување на прописите за платени политички реклами во медиумите, со цел да се овозможи непречен пристап до медиумите без дискриминација. Во изминативе 14 месеци според препораките на ОБСЕ/ОДИХР требаше да биде спроведена и реформа за унапредување на политичката независност на јавниот радиодифузер, вклучително и намалување на нејзината зависност од државниот буџет.