Сложни пратеници и во петок легализираат дивоградби

Владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ здружно го донесоа новиот закон за легализација на дивоградби, со кој ќе може да се легализираат вакви објекти и во национални паркови.

Тој што има дивоградба на Пелистер сега ќе може да си ја легализира, аџанак, баџанак. Со новиот закон за легализација на дивоградби, кој сложно го изгласаа пратениците од власта и од опозицијата, ќе може да се легализираат дивоградбите секаде – и во национални паркови и во заштитени подрачја, освен на охридското крајбрежје, а не може да се легализираат само згради. За разлика од претходниот закон со кој дивоградбите се легализираа за едно евро за квадратен метар, сега тоа ќе биде поскапо. Продолжува старата македонска традиција, ако не можеш да го спроведеш законот – промени го, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Законот исто така отвора можност од судски процеси да се спасат обвинетите за бесправно градење, што многу им се погоди на сегашните и поранешни функционери. Сложни пратеници и во петок градат.

Антикорупциската комисија најави дека ќе го анализира законот, зашто има намера да поднесе иницијатива до Уставниот суд.

За законот не гласаше пратеникот Мирослав Богдановски од ДОМ, кој е дел од владејачкото мнозинство. Демократскиот сојуз, кој исто така е коалиционен партнер во власта, се противи на донесувањето на законот и побара од претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот.

Вакво барање има и од аналитичари и граѓански активисти.

Дел од граѓаните коментираат дека ова само ги мотивира оние што градат на диво.

Други, пак, прашуваат дали се будали тие што ги почитуваат законите.

Некои иронично бараат повторно преименување на државата.

Други забележуваат дека борбата против дивоградбите се појавува само пред избори, после тоа се што е диво може да се припитоми.

Сопственикот на дивоградбата кај Мавровка не издржа, му го урнаа објектот пред да се донесе законот.

Претходниот закон за легализација на дивоградби го донесе претходната власт на Никола Груевски пред 10 години. Со тој се предвидуваше легализација на дивоградби за едно евро за квадратен метар. Со сегашниот се предвидува легализацијата да чини поскапо, отколку да се платени комуналии на време.