Словенечката Влада седнува на заедничка маса со Федерацијата на независни синдикати со цел да ги слушне нивните предлози за составувањето на новиот Закон за ублажување на последиците од епидемијата на коронавирусот. Синдикатите изминатиот период беа најгласни во критиките дека со веќе донесениот Закон за финансиска помош на работниците и компаниите не се опфатени сите економски гранки и обвинија дека со донесеното решение им се помага само на големите економски субјекти, јави МИА од Љубљана.
Токму затоа Владата на денешниот состанок директно од нив ќе ги слушне предлозите и вети дека колку што е можно ќе имплементира од нивните идеи. Според портпаролот на Владата Јелко Кацин, вториот Закон за поддршка на компаниите и граѓаните би требало да биде донесен и да важи до 30 април. Словенечкото Собрание минатата недела веќе изгласа Закон за финансиска помош „тежок” три милијарди евра.