Од маркет во маркет, чекање да дојдат на акција или на попуст за да се испазарат потребните продукти по поевтина цена... Новогодишните празници годинава ќе се поминат скромно, велат граѓаните со кои поразговаравме во центарот на Скопје. Економската криза и поскапувањата не им дозволуваат да се опуштат и да прославуваат како претходни години.
„Не можеш никаде да одиш, цените се секаде покачени. Пред една недела пазарев, имаше една цена, вчера истите продукти велат нема покачување, но не е така, па одиме во маркети каде што се поевтини цените, не можеме да си приуштиме продавници со увозна роба“, вели пензионерот Борис од Скопје.
Со пензиите вели одвај се врзува крај со крај, не стигнуваат ниту за сметки, а не пак за лускусзни празнувања.
„Подобро не ни очекувам да биде, само да не биде полошо“, вели Борис.
А новогодишната еуфорија речиси и да ја нема. На неколку дена пред Новогодишните и Божиќните празници, продавниците се полупразни, а за разлика од порано нема ниту голема раздвиженост низ градот.
„Па и во градов не е ниту украсено, ниту пак е средено, ниту пак има расположение, жално за маливе деца, воопшто не се чувствува новогодишна еуфорија“, разочарано коментира копјанката Вера.
Во домашна атмосфера со најблиските и скромно ќе празнува и скопјанeцот Слободан.
„Сакале, не сакале, мора скромно да биде, празниците дома ќе ги поминеме“, вели тој.
Владината мерка за субевнции на струја на прехранбените компании со која се очекуваше поевтинување од 10% на артиклите, граѓаните не ја забележуваат на терен.
„Цениве не паметам да биле повисоки. Нема некое поевтинување, велеа лебот ќе поевтини, но тоа се празни зборови, празни ветувања, тешко се живее, комуналии, парно, вода, струја, не стигаат парите“, вели скопјанецот Миодраг.
И прославите во рестораните „под рестрикции за штедење“
Кризата годинава ги поскапе и цените на угостителските услуги. За многу граѓани одењето во ресторан или кафеана стана луксуз. Годинава за дочек цените се движат од 1.000 денари па нагоре.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ударот го чувствуваат и самите угостители. Дел од нив велат дека предновогодишните прослави годинава не се толку бројни како што биле во нормални услови.
„Некои услуги станаа понедостапни за одредена група на граѓани, ако порано новогодишните празници важеа за период во кој сите се веселат сега сепак некои два пати ќе размислат дали да овојат пари за дочек“, вели угостителот Мартин Ангеловски.
Додава дека годинава со мерките за штедење поради енергетската криза и одлуката да не се троши на новогодишни украсувања дополнително го намалуваат новодогодишното расположение.
„Секој прво си гледа во џебот и од тоа ни зависи и расположението и ако ги ставиме сите фактори постпандемично еуфоријата доаѓа од благосостојба, додава Ангеловски, но се надева дека следната година ќе биде подобра и за неговиот бизнис.
Кризата ги остави полупразни и хотелите
Изминатава година беше тешка и за домашните хотелиери. Од здружението на хотелиерски и угостителски бизниси (ХОТАМ) велат дека за разлика од порано кога не можело да се најде слободен кревет, сега само во охридско-струшкиот регион за триесеттина отсто е помала исполнетоста на капацитетите во споредба со претходните години.
Видете и ова: Сè повеќе граѓани бараат помош за да се прехранатЗабележуваат дека годинава нема ниту голем број на странски туристи, кои обично доаѓале од околните земји за време на новогодишните празници.
„И во околните земји со нивните примања не можат да си дозволат како порано да доаѓаат, нема исполнетост како што очекувавме, најмногу заради економската криза. Цените мораа да бидат коригирани и поради тоа се гледа дека и од околните земји со нивните примања не можат да си дозволат да одат како порано и можеме слободно да кажеме дека имаме намалување од 30% за разлика од минати години“, вели Крсте Блажевски од ХОТАМ.
Дел од хотелите одлучиле воопшто да не работат за Нова година, поради тоа што се пресметале дека нема да им се исплати, а и тие што организираат дочек тоа го прават со намалени капацитети, додава Блажевски.
„Дел од хотелите ја изработија сезоната и со поскапувањето на електричната енергија, зголемувањето на платите, а намалувањето на куповната моќ на населението кај нас и во околните држави го прави неисплатливо да се држат отворени хотелите, а после Нова година се очекува дека 50 отсто од капацитетите на огридско-струшкиот регион ќе бидат затворени, што на некој начин е подобар излез да се затворат да се направи помала загуба отколку да се држат отворени и да се направи поголема загуба“, додава Блажевски.
Интересот е поголем за патување во странство
Но, за разлика од домашните хотелски капацитети, од туристичките агенции кои организираат предновогодишни патувања во странство велат дека аранжманите им се пополнети и дека после затворањето во пандемијата, граѓаните сакаат да патуваат надвор од земјава.
„Дефинитивно оваа сезона е поуспешна и има значително поголем интерес од претходните две години. Ние пред десеттина дена ги затворивме групите во однос на слободни места“, вели Мартин Грозданов од туристичката агенција „Савана“.
Како дестинации граѓаните најчесто ги бираат европските градови, а од туристичките агенции велат дека за новогодишната ноќ најмногу патувања има за Рим, Венеција, Атина и Букурешт.
„Разликата ја чувствуваме во однос на добавувачите односно на хотелите па и автобуските превозници кои ни ги даваат цените за соработка кои секако се покачени и поради кризата и поради покачувањето на енергенсите, но во однос на самите аранжмани нема некое значително покачување, што би го отежнал буџетот на граѓаните“, вели Мартин Грозданов од туристичката агенција „Савана“.
Аранжманите во просек со автобуски превоз се движат од 100 до 300 евра, додека со авионски превоз околу 500 евра.
Видете и ова: До каде ќе оди поскапувањето на леботМакедонија ја завршува годинава со 20% инфлација. За да го протурка месецот, на едно четиричлено семејство сега му требаат скоро 300 евра повеќе отколку во истиот период лани, што е колку уште една минимална плата. Зголемените цени на струјата, горивата, прехранбените производи предизвикаа и низа други поскапувања. Во земјава речиси сè поскапе.