Бугарите во страв по големото хакирање

Бугарите живееат во голем страв откако во неодамна откриениот сајбер напад врз даночната агенција беа компромитирани финансиските записи на скоро сите бугарски возрасни граѓани.

Истекувањето на личните податоци длабоко ја потресе земјата со околу 7 милиони жители и која е една од најсиромашните и најкорумпираните членки на Европската унија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бугарија по големиот сајбер напад: „Живеам во постојан страв“

Маријана Крастева, 55-годишна инженерка страхува од тоа што измамниците би можеле да направат со информациите.

„Сега, морам да живеам во постојан страв“, вели таа, додавајќи:

„И ако ми го земат станот, и ако нешто се случи. Се со некаков страв натаму треба да живеам за тоа што ќе биде. А сето тоа заради некои државни службеници на кои ние им ги плаќаме платите“.

Маријана вели дека има намера да ги смени личните документи.

„Постои можност да се открие бројот на мојата лична карта и ова може да биде голем проблем затоа што може да се користи за разни злоупотреби и проневера. Затоа можеби ќе треба да ја заменам личната карта сега“.

Но, тоа, како што додава, ќе значи трошење на многу време и пари, со оглед на тоа што нормалната постапка за тоа трае еден месец.

Сопственикот на „Тад Груп“, компанија за компјутерска безбедност и двајца негови вработени се обвинети за компјутерски тероризам.

Аферата беше откриена откако имејл со линк до протечените податоци беше испратен до локалните медиуми, нарекувајќи ја сајбер безбедноста на земјата „шега“.

Експертот за компјутерска безбедност Божидар Божанов вели дека една од причините е и недоволната можност на јавниот сектор да ангажира и задржи квалификуван технички персонал.

„Прекршувањето беше сериозно и за жал неизбежно, а нивоата на безбедност на информациите во јавниот сектор се пониски отколку што би сакале да бидат. Ова се должи на повеќе фактори, повеќе причини, но капацитетот на администрацијата да ангажира и задржи квалификуван технички персонал е многу помал отколку што навистина би сакале“.

Даночната агенција соопшти дека протечените податоци се фрагментирани и оти не биле доволни за евентуална измама.

Оваа агенција исто така им порача на банките да бидат екстра будни, а ги повика граѓаните да не ги менуваат личните карти.