Никој од властите не презема одговорност за проблемот, ниту пак нуди решение со кое ќе им се скратат маките на скопјани, иако веќе втор ден Скопје е блокирано од автобусите на приватните превозници поради, како што тврдат тие, милионскиот долг што кон нив го има Градот. Блокирањето на три главни крстосници во Скопје го парализираше градот, па луѓето губат термини за лекар, доцнат на часови, ги молат шефовите да им дозволат да работат од дома...
Додека тоа се случува, сите бегаат од одговорност и ја користат ситуацијата да префрлат вината кон „спротивниот табор“. Решение нема на повидок, ама затоа препукувања меѓу партиите од власта и опозицијата, локалната и централната власт, и превозниците некаде во средина, ги има во изобилие.
Видете и ова: Политичарите за изборите - на збор едно, на терен другоСпоред професорката Мирјана Најчевска, никој не смее да го ограничи правото на протест ако тоа се практикува според закон, па ова е случај и со тековните блокади на приватните превозници. Се согласува дека сето ова предизвикува непријатност, па прстот го вперува во властите.
„Она што единствено можат граѓаните да го бараат и врз кого треба да извршат притисок, тоа е притисок и барање упатено до властите. Што е можно побрзо да влезат во преговори, да ги завршат преговорите и да донесат соодветна разрешница на проблемот со којшто се соочуваат“, вели Најчевска.
Законот вели дека најмалку 20 граѓани можат јавно да изразат мислење или протест во отворен или затворен простор. Тој може да се одржува на секое место освен до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните. Забранет е протест и до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив, како и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај.
Чија е вината?
Протестот е организиран од страна на приватните превозници кои со него бараат исплата на долгот кој им го должи Град Скопје, преку ЈСП Скопје, за километрите кои ги извозеле изминатиот период. Никој не негира дека има долг, ама од Градот велат дека тој е наследен, па нема одговор кога ќе им биде исплатен. Лани во ноември се смени градската власт, на местото на Петре Шилегов од СДСМ дојде Данела Арсовска, како независен кандидат поддржан од ВМРО ДПМНЕ, а оваа партија го освои и мнозинството во градскиот совет.
Директорот на приватниот автобуски превозник„Слобода превоз“, Ленин Јовановски им се извини на скопјани за блокадите, ама најави дека тие ќе продолжат додека не се најде решение. Арсовска во неколку наврати изјави дека нема да ги исплати парите и им порача правдата да ја бараат на суд. Од Владата, пак, засега нема најави дека тие бараат некакво решение.
На денешното прашањето на РСЕ за тоа дали Владата има решение за проблемот, нѐ упатија само на вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој за блокадите во Скопје ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски, бидејќи ја поддржале Арсовска на последните локални избори.
„Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се во мнозинство во сите управни одбори на јавните претпријатија и во ЈСП исто така и ги знаат состојбите таму и можат да реагираат и затоа се одговорни за сегашната состојба. Наместо да работат на граѓаните, тие и градоначалничката на Скопје се расправаат. Многу е јасно и народот го знае тоа дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад организирањето на блокадите“, изјави Ковачевски.
Од партијата ВМРО ДПМНЕ за проблемот ги обвинуваат СДСМ, премиерот Ковачевски и актуелната градоначалничка Арсовска. За СДСМ пак „очајни се обидите“ ВМРО-ДПМНЕ да се изземе од одговорност во Скопје. ДУИ молчи.
Сите се губитници
Во ваква ситуација, никој не добива, децидна е професор Најчевска. Според неа, ова префрлување на топката, само зборува „за нивната неспособност, незнаење и непрофесионалност“.
„Постои во моментов држава, таа држава е на локално и на централно ниво. Доколку локалните власти не ги извршуваат своите задачи, постојат методи, постојат алатки, постојат начини со коишто централната власт може да ги преземе тие задачи и може да го разреши проблемот. Значи не постои таква ситуација во која што не постои одговорност, односно не постои можност за делување на некое ниво на власта“, вели Најчевска.
Видете и ова: Скопскиот автобуски превоз како кула од картиВо меѓувреме, поранешниот скопски градоначалник, и актуелен министер за локална самоуправа, Ристо Пенов, вели дека Владата има механизам за решавање на проблемот. За Сител синоќа изјави дека автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, „но засега само се следи ситуацијата“. Денеска, пак, истакна дека приватните превозници не треба да го блокираат Скопје бидејќи штетата ја трпат граѓаните, туку да протестираат кај тие што им го креирале проблемот.
„Протестот треба да биде насочен кон тие што го креирале проблемот, вака штетата ја плаќаат граѓаните. Секој вози по половина час повеќе, се троши гориво, се губат работни часови, се губат бизниси, што е огромна штета за граѓаните“, кажа Пенов.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, вчера апелираше да се седне и да се разговара со оние кои протестираат. Рече и дека кога станува збор за протест или јавен собир доаѓа до судир на правото на слободно движење и правото на протест.
„Апелирам да се седне и да се разговара, не можеме да бидеме ние како граѓани заложници за тоа што некои политички субјекти се скарани. Чесно е да се излезе пред граѓаните и да кажат дека ќе седнат и ќе дојдат до решение, отколку вака сите во Скопје да ги сносат последиците“, изјави тој додавајќи дека на власта во Град Скопје им е даден „мандат за бесплатен превоз, а не за блокада“.
Блокадите продолжуваат на трите главни крстосници во Скопје, на Илинденска, кај Мавровка и пред Црвениот крст.