Скопскиот автобуски превоз како кула од карти

Автобуси во Скопје

Откако градот ги раскина договорите со двата приватни превозници, сите линии сега ги вози ЈСП. Автобусите се нередовни и преполни, а турканиците се големи. Приватниците бараат исплата на долгот кон нив, од Градот пак најавуваат нови индивидиуални договори со приватните автобуси.

Последните препирки за скопскиот автобуски превоз, кои кулминираа со одземање на дозволите на двата приватни превозници, донесоа многу гужви и нервози кај скопјани. За разлика од големите метрополи, освен автобускиот, Скопје друг јавен градски превоз скоро и да нема. Метрото е мисловна именка, изградбата т.н. автобуско метро запре уште пред да биде почнато, а железницата е толку тромава што дури и оние кои се движат во приградските населби каде има воз, не можат да ја користат. Опција е и возењето со такси, ама со растот на цените, и тоа станува луксуз.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Утринско возење со автобус во Скопје

Па така, сакале или не, автобусите во моментов се единствениот избор за жителите на главниот град со јавен превоз да стигнат на работа, училиште или да завршат некоја работа низ Скопје.

Како е поставен автобускиот превоз во Скопје?

Централното јадро се автобусите на Јавното градско сообраќајно претпријатие- ЈСП Скопје. Официјално ЈСП на попис има 378 автобуси, барем според последниот извештај за работата на претпријатието објавен во септември годинава. Сепак, оттаму велат дека околу 300 од нив се во возна состојба и редовно се пуштени во сообраќај. Овие автобуси сега ги држат сите линии во градот.

Инфографика - Какви автобуси има ЈСП и колку се стари?

До пред неколку недели, низ градот сообраќаа уште стотина автобуси на приватните превозници, како дел од т.н линиски превоз во Скопје. Дел од нив сами држеа линии, како на пример таа со број 23, која откако беше пуштена пред две децении ја возеле исклучиво приватни превозници. Други пак ги држеа заедно, приватниците и ЈСП, како на пример линиите со број 9 и 22.

Приватниците се здружени во две здруженија „Мак експрес“ и „Слобода превоз“. На јавен оглас објавен лани во декември од Град Скопје тие ја добиваат последната двегодишна дозвола за линиите кои и онака ги држат со години.

Како се поделени автобуските линии?

Видете и ова: Кулминира судирот на приватните превозници со Арсовска - Скопје во сообраќаен хаос

Градот ги склучува договорите, а ЈСП го контролира целиот систем. Во огласот објавен од Град Скопје лани во декември, линиите кои им се доделуваат на приватниците се поделени во два пакети, практично по еден за двете постоечки компании. Според огласот, за првиот пакет од 11 линии, превозникот треба да има минимум 55 автобуси плус 16 во резерва, додека за вториот пакет од 5 линии се потребни 32 автобуси плус 9 во резерва.

ОД ЈСП Скопје за РСЕ велат дека според нивната статистика, „Мак експрес“ линиите ги возел со 26 возила, а „Слобода превоз“ со 52. Од „Слобода превоз“ пак тврдат дека имаат 131 автобус, а „Мак експрес“ 77.

Интегрирањето на приватните превозници во заеднички тарифен систем на наплата со тој на ЈСП беше направено пред 6 години, откако со децении наназад тие функционираа посебно. ЈСП порано продаваше книжни билети на своите билетарници или во автобусите, а кај приватните превозници се плаќаше во кеш, директно во автобус.

Како функционираше системот на наплата на билети?

Откако профункционира интегрираниот систем, истите билети почнаа да важат и во приватните и во автобусите на ЈСП. Тогаш практично и за првпат се воведоа електронските билети „Скопска“ што се купуваат и надополнува на пунктовите на ЈСП, а исти читачи се поставија во сите автобуси. Беше оставена можност билет да може да се купи и во автобус со кеш, ама граѓаните беа обесхрабрени да го прават тоа поради неговата повисока цена. Целта беше возачите да не бидат продавачи на билети, туку да се концентрираат на нивната работа, на возењето.

Така сега, граѓаните билети главно си купуваат и надополнуваат преку пунктовите на ЈСП или плаќаат преку телефон, а Градот наплаќа на превозниците по изминат километар. И тука се јави проблемот со долговите.

Градот за ова префрла пари во ЈСП Скопје, кој пак треба да им плати и на приватните превозници. ЈСП во меѓувреме тоне во долгови, а расте и долгот кон приватните превозници. Во моментов, ЈСП има долг кон „Слобода Превоз“ од 1 милион евра, а кон „Мак експрес“ од 300.000 евра.

Во што е проблемот?

Кога снема пари почнаа проблемите, а се поклопија со промената на градската власт и смената на директорите во ЈСП Скопје, двајца од минатиот ноември, кога и почна мандатот на градоначалничката Данела Арсовска. За првпат се случи еден ден Скопје да остане без градски превоз поради штрајкот на возачите на ЈСП, бидејќи немаа земено плата. Проблемот беше решен со пренамена на околу 2 милиони евра од буџетот на Град Скопје за плати во ЈСП. Ова се случуваше на крајот на септември.

Видете и ова: Скопјани во „менгеме“ меѓу Арсовска и партиите

На крајот на октомври штрајк имаа возачи од „Мак експрес“, кои бараа промена на линиите што ги држат заедно со ЈСП, како кај бројот 19 кој вози кон Шутка, па многу жители останаа без превоз. Проблемот се реши така што Градот им ја одзема дозволата на „Мак експрес“ за превоз, и пушти свои автобуси да ги покријат дупките во возниот ред каде сообраќаа приватниците.

И последно, во втората половина на ноември престанаа да возат и автобусите на „Слобода превоз“, со барање да им биде исплатен долгот кој им го должи Градот, преку ЈСП Скопје. И во овој случај се направи обид „дупките“ да се пополнат со автобуси на ЈСП, ама со оглед на тоа што се работи за многу линии, гужвите и долгото чекање автобус станаа нова реалност за скопјани.

Во моментов возат само автобусите на ЈСП. Така оние што живеат во Ченто за прв пат видоа „државна 23-ка“. Договорот на приватните превозници Мак експрес и Слобода превоз е раскинат поради „неисполнување на обврските“.

Од Градот сега велат дека работат на нов јавен повик со кој досегашните превозници ќе можат директно и индивидуално да аплицираат за да добијат линија за автобуски превоз. Досега ова можеше да го прават само здружено, преку компаниите за пакет линии. Новите договори, како што најави Арсовска, ќе имаат и нови услови, пред се во делот на еколошките стандарди.

Приватните превозници пак побараа оставка од Арсовска и за утре најавија блокада со автобуси на дел од Скопје, во реонот на булеварот „Илинденска“.