Сијарто - Димитров: Пријателство и во криза и во евроинтеграциите

Ѝ благодариме на Унгарија за помошта во овие тешки времиња за сите кога се справуваме со пандемијата, изјави шефот на македонската дипломатија денеска на заедничката прес конференција со неговиот унгарски колега Петер Сијарто. Унгарскиот министер утрово пристигна на скопскиот аеродром со карго авион и медицинска помош за Северна Македонија за справување со коронавирус епидемијата. Унгаријаво Скопје испрати 100 илјади медицински маски и 5000 медицински скафандери.

„Оваа посета на Сијарто, во овие тешки времиња, кажува многу повеќе од зборови за соработката и пријателството на нашите две земји“, изјави Димитров.

Сијарто најпрвин му честиташе на македонскиот народ за приемот во НАТО, а се осврна и на напорите на Унгарија во ЕК за македонското членство во ЕУ.

„Правиме напори во ЕК, најдоцна во мај, да се затвори преговарачката рамка за Северна Македонија и најдоцна во јуни да ги започнеме и самите преговори“, изјави Сијарто, кој се осврна и на унгарската помош за Северна Македонија за справување со мигрантската криза.

Претходно вицепремиерот Бујар Османи и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, го пречекаа Сијарто на скоспкиот аеродром.

„Северна Македонија и Унгарија имаат одлична билатерална соработка, за што сведочи и денешната поддршка, која во вакви застрашувачки времиња, кога секој се бори да обезбеди средства за сопствени потреби, покажаа навистина несебична солидарност од страна на Република Унгарија“, изјави Османи.