„Синовите на Адам“ на Свидерски – роман што се чита брзо, но долго преживува

Насловната страница на романот „Синовите на Адам“ на Михајло Свидерски

„Синовите на Адам“ е насловен третиот роман на писателот Михајло Свидерски што, како издание на „Восток“, се појави неодамна. Книгата обработува потресна, вистинска животна приказна и отвора досега неотворени и табуизирани теми во македонската книжевност.

После секој роман имам период на читање. Не пишувам ништо додека не се вооружам со нови теми, погледи, знаења. Пред секој нов роман имам таков период на акумулација на нова енергија и сили за нова приказна, нови ликови, ново патување, оти како што реков и јас патувам со ликовите, живеам со нив во приказната а за тоа ми е потребен одмор, тие патувања траат со месеци или со години. Засега само пречитувам еден свој стар ракопис со наслов „Позајмено тело“ што пред пет години не го завршив само заради крајот.

Вака пред нецели две години, непосредно по објавувањето на стихозбирката „Граници“, говореше реномираниот и наградуван македонски писател Михајло Свидерски.

Деновиве тој за издавачката куќа „Восток“ го објави својот нов, трет по ред роман „Синовите на Адам“. За делото најнапред ќе биде забележано дека е роман за хероите што смело се извлекуваат од мракот и чекорат кон светлината. Дека приказната извира од најпотресните случувања на македонското транзициско општество и укажува на последиците што обично ги понесуваат недолжните. Инаку, делото „обработува потресна, вистинска животна приказна за страдањето на едно дете, кое паѓа во мрежите на настраните забави како објект на мрачните уживања на елитите“, со што таа „отвора досега неотворени и табуизирани теми во македонската книжевност“.

Од таму, не случајно М-р Ирена Павлова Де Одорико, писател и есеист, во својот текст насловен „За саботерскиот хедонизам и големото проштевање“, пишува: Овој роман ја поседува онаа рафинирана нитка на најсликовито претставување на сите човечки проблеми на земјата, и темната компензација во саботерскиот хедонизам. Сето ова, Михајло Свидерски , како веќе докажан романсиер, уште еднаш го потврдува на извонреден начин.

Од друга страна, писателот, новинар и есеист Александра Јуруковска во својата рецензија именувана како „За најмрачните одаи каде што се уриваaт човекот и светот“, откако наведува дека станува збор за „приказна со длабоки корени и многу веродостојност во неа“ заклучува дека „Синовите на Адам“ е „роман што шокира, длабоко потресува и сепнува“.

Дали пеколот на едните е рај за другите? Го купуваат ли парите и светот и човекот? Колку длабоко може да отиде човекот во своите ѕверства? Остана ли нешто свето? Многу, многу прашања и исто толку нови по секое ново читање.

Романот се чита брзо, но долго се преживува. Авторот свесно ги отвора и најмрачните долапи и ходници каде што човекот е уриван и однатре и однадвор. Во тие одаи и во тие куќи несомнено се урива и светот.

Крајот пак не’ враќа на библиското и исконско прашање за простувањето. Треба ли да (им)се прости ако знаат што прават?

За да се прочита „Синовите на Адам“ не треба многу време, но за да го напише на Свидерски, освен знаење и умешност, му била потребна и многу, многу храброст, констатира Јуруковска.

А, авторот Михајло Свидерски со свое појаснување за книгата:

Романот „Синовите на Адам“, преставува романизирана вистинска приказна во која елементите, односно фактите на едно потресно сведоштво за сексуална злоупотреба на деца ги фикционализирам во романескна приказна, доловена преку болното и трауматично искуство на едно дете, кое сосема случајно станува објект на мрачните уживања на елитите. Дејството се случува во Македонија, каде што всушност се случувала и вистинската приказна на жртвата, која раскажувајќи ја, реши да се ослободи од својот товар. Бидејќи романот е вистинско сведоштво, на површина ги носи мрачните вистини што остануваат скриени, за коишто не се зборува, а секојдневно се случуваат, дури и помеѓу луѓето што секојдневно ги среќаваме на улица.

И, чисто како потсетување.

Роден во 1991 година во Битола, Михајло Свидерски влегува во редот на моќните нови гласови на македонската книжевност. Автор е на збирките поезија „Низ сонот од магли и дождови“ (2013), „Ѕвезди што спијат“ (2017) и „Граници“.

За романот „Бело и Црвено“ (2014) ја доби наградата НОВИТЕ за најдобар дебитантски прозен ракопис, а во 2019 излезе и „Последните денови на Ханс“, финалист за Роман на годината за 2020 и наградата за литература на Европската унија (EUPL).

Учествувал на повеќе поетски фестивали и читања ( Струшки вечери на Поезијата, Сараевска зима 2018, Хроники на градовите на светот во Астана, Казахстан 2018, Рукописи, Претставување на македонски автори на Меѓународниот саем на книгата во Истанбул, 2019, Поетска вечер во Националната библиотека на Молдавија, Кишњев 2019, Поетскиот фестивал на Јонските поети во Саранда, Албанија, 2019...), а застапен е во бројни домашни и странски книжевни списанија и антологии. Неговата поезија е преведена на англиски, руски, грчки, бугарски, српски, унгарски , баскиски и албански јазик.

Член е на ДПМ. Згора на тоа активно преведува поезија и проза од англиски, бугарски и од српски јазик.

Инаку, прашан за следниот негов творечки исчекор Свидерски ќе рече дека пишува за малите, обичните луѓе и за нивните страдања.

Пишувам за малите, обичните луѓе и за нивните страдања и следниот роман, она што ми е зацртано во план, ќе биде за една девојка која што тргнува по авантурите на животот, по работа во странство и завршува фатално, истакнува писателот.