Симон Узуновски ретроспективно со „Пат за Волкодери“ во МСУ - Скопје

Постерот за ретроспективната изложба на Симон Узуновски

Стотина дела, објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации ја чинат ретроспективната изложба „Пат за Волкодери“ на Симон Узуновски, пионерот на уметничките партиципативни инсталации во Македонија, што од 13 септември до 25 октомври, се одржува во Музеј на современа уметност – Скопје.

Симе беше еден од моите најдобри другари. Пријателувавме уште од крајот на 1970-те години, од кога и датираат овие негови дела, кои за првпат беа изложени во галеријата „Ко-Ра“. Тој постојано се селеше и поради тие селидби, ги остави кај мене со цел да ги заштитам за да не ги оштети при транспорт. Не можам да кажам дека се во моја приватна сопственост, туку беа на долгогодишен привремен престој кај мене.

Ова ќе го напише во својата изјава од март 2020 година архитектот и сценографот Крсте Џидров-Џиби, кој тогаш на МСУ – Скопје му ги подари “Тркалајката“, „Човек и птица“, осум колажи од циклусот со леплива лента „Ливада“ и објектот „Преспа“, некои од најзначајни дела на македонскиот уметник Симон Узуновски.

А, по нецели две години, од 13 септември до 25 октомври, во храмот на уметноста на скопско Кале, се одржува изложбата „Патот за Волкодери – Ретроспектива“, со дела од авторот кој во текот на својата богата кариера „заразно да ја ширеше идејата за демократизација на уметноста“.

Ова подразбира дека во изминатиот период тим од петмина историчари на уметноста - Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, инаку блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување уште од 1970-те години го работеа проектот чија цел беше доследно да го претстават творештвото на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во во подготовките свој придонес дале и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на ХХ век, период, кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини“ , велат кураторите на оваа несекојдневна поставка која логично би било да се смета за еден од позначајните ликовни настани есенва на нашата ликовна сцена.

Изложбата нуди повеќе од 100тина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто беше препознатливо делото на Симон Узуновски. Организаторите истакнуваа дека „неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела се претставени со обемна фото документација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 1970-те години и ентузијазмот и енергијата со кои тој успевал заразно да ја шири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.

Во текстот за каталогот на оваа значајна ретроспективна поставка ќе биде забележано дека Симон Узуновски беше активен на сцената речиси пет децении, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри.

За него е значајно, како што пишуваат кураторите, е дека најрадикалните уметнички пробиви ги остварил во втората половина на седумдесеттите на минатиот век со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како тие во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје (1977 и 1978 година), во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата „Кора“ (1977 година), уличната акција (1977 година) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978 или 1979 година).

Узуновски во 1984 година учествувал на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“, одржана во Домот на младите „25 Мај“, Скопје. Истата таа година ја реализирал и својата самостојна изложба/амбиентална инсталација во Домот на младите „25 Мај“. Една деценија подоцна, во 1994 во Музеј на град Скопје, е прикажано неговото дваесет годишно творештво, а во 1995, 1996 и 1997 година учествувал на изложбите одржани во Чифте амам. Од 2003 година често бил присутен во Музејот на современата уметност кога е учесник во проекти како „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ 2013 година, „Солидарноста-недовршен проект“ (Постојаната поставка), 2014 година и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-те и во 80-те“, од 2020 година.

„Со својата неуморна енергија, подготвеноста за акција и отвореноста кон вклучувањето во современите уметнички текови, Узуновски и во изминативе години беше присутен во алтернативните пробиви на дел од помладите генерации уметници, собрани околу неформалното колективно дејствување, иницијативата „Кооперација“ и нивната активност свртена кон критика на институционалната и идеолошки и политички детерминирана културна политика“, пишуваат кураторите на ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“.

Посебна приказна е неговата соработка со сценографот Крсте Џидров-Џиби, окоја датира од крајот на седмата деценија на минатиот век. Тие заедно работеле на 15-тина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар - МОТ беше отворено токму со нивна заедничка изложба.

Кон ова да кажеме и тоа дека од друга страна творештвото на Симон Узуновски - Симе на островот Капри, Италија е втората линија во неговиот уметнички израз. Мотивите се концентрирани кон главните урбани знаци на местото што, барем во неговото сликарско творештво, „со нивната повторливост и упорност во изнаоѓањето на нови мали елементи на новата варијација на основната визура, од нив создаваат мал мит за просторот и крајоликот“. Неговата изложба „40 години творештво на Капри“, 30 дела масло на платно во кои убаво се гледаат релациите со поп-културата, во октомври 2011 година беше прикажана во Музеј на Град Скопје.

Симон Узуновски почина на 69-годишна возраст, на 10 декември 2018 година, а погребан е во Скопје.