Светската здравствена организација денеска оцени дека епидемијата од новиот коронавирус, кој се појави во Кина, засега не претставува пандемија, израз кој означува ситуација на светско ширење на некоја болест.
„Моментално не сме во ситуација на пандемија. Ние сме во фаза на епидемија со повеќе жаришта“, изјави Силви Бриан, директорката на одделението за подготовки за ризик од инфекција на СЗО.
Од појавата на вирусот во декември во кинескиот град Вухан досега се заразени над 20 илјади луѓе, а болеста се прошири во дваесетина земји. Од вирусот досега умреа 425 луѓе во Кина. Еден човек почина во Хонгконг, а еден на Филипини.
Бриан рече дека со оглед на движењето на населението и лесното пренесување на вирусот, запирањето на ширењето не е лесно, но оти СЗО смета дека е можно.
Вирусот се пренесува од човек на човек.